1917: Крушевица

Крушевица

Крушевица или Крушеица, Крушејца е село во јужниот дел на Република Македонија, општина Прилеп.

Крушевица е ридско село, на надморска височина од 759 метри. Од градот Прилеп е оддалечено 26 км. Атарот е релативно голем и зафаќа простор од 27,6 км2. Селото има полјоделско-сточарска функција.

В 19 век Крушевица е село во Прилепската кааза, Мариовска нахија на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година, во која е приложена статистиката на машкото население од 1873 година, Крушевица (Krouchévitza) е посочено како село с 50 домаќинства и 236 жители „Бугари“.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Крушевица има 436 жители, од кои 420 „Бугари“ христијани и 16 Роми.

По Илинденското востание, во 1904 година, целото село преминува под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Крушевица имало 464 „Бугари“ егзархисти.

Според Георги Трајчев, Крушевица имала 56 куќи со 480 жители „Бугари“.

Во 1961 година во Крушевица имало 637 жители, во 1994 – 117, а во 2002 само 87 жители, сите Македонци.

Во Крушевица е роден Стојан Трајков, познат како Толе Паша (1868-1904).

Археолошки локалитети околу Крушевица:

Бабо – Калдрма, населба и некропола од римското време. На околу 1 km јужно од селото, на една блага височинка со зарамнето плато се гледаат големи грамади од кршен камен, градежна керамика и фрагменти од керамички садови, претежно со убава црвена боја. Во непосредната близина на теренот се наоѓаат корита вдлабени во карпа, кои веројатно биле гробови.

Градиште, рефугиум од доцноантичкото време. Во непосредната близина на селото, од југозападната страна, на блага височинка се среќаваат разурнати ѕидови и фрагменти од ќерамиди, а спорадично и од керамички садови.

Грамаѓе – Букло, населба од римското време. На 2 km јужно од селото, на блага височинка има грамади од кршен камен, расфрлен градежен материјал и фрагменти од керамички садови.

До селото, некропола од римското време. Во непосредната близина на селото, во нивите што се наоѓаат помеѓу локалитетот Страгата и патот за селото Чаништа има остатоци од некропола. Така, во нива уште пред Втората светска војна биле откопани надгробна стела, статуетка од бронза со претстава на богот Меркур, ламби и други наоди. Наодите се чуваат во Музејот на Македонија во Скопје и во Заводот и музеј во Прилеп.

Каве, населба и некропола од хеленистичкото и римското време. На 2,5 km западно од селото, на површините околу котата 1.472 се среќаваат остатоци од разурнати ѕидови, грамади од камен и еден затрупан бунар. На истиот простор има голема концентрација на гробови – корита издлабени во карпа.

Манастир „Света Недела“, сакрален објект од старохристијанското време. Источно од селото, во непосредната близина на патот за селото Чаништа се наоѓа новата црква која, според кажувањето на жителите, била изградена врз темелите на постара црква. Во олтарот, кај чесната трпеза има профилирана база од мермер.

Падарница, тумул од железното време. На оддалеченост од околу 2,5 km јужно од селото, покрај патот за селото Чаништа има мал тумул со неправилна основа од 8 x 5 m и зачувана височина од 1-1,5 m, ограден со камени плочи на работ од основата и на врвот.

Страгата, тумул од железното време. Непосредно до селото, од источната страна се издига тумул висок 2-3 m и со пречник во основата од 15 m, кој во средишниот дел е оштетен од диво копање.

Црква „Свети Архангел“, осамен наод од римското време. Во самата црква се наоѓа дел од мермерно столпче со елипсовиден пресек, а во дворот делумно оштетена надгробна стела од мермер, со релјефна претстава на жена и дете.

Црквиште, сакрален објект од старохристијанското време. На 3 km североисточно од селото, од левата страна на патот за селото Чаништа има мала височинка со зарамнето плато, со простор од 10 x 10 m, на која се гледаат делови од ѕидови на објект граден од кршен камен и варов малтер, од кои најдобро се зачувани оние во северозападниот агол. Околу објектот има расфрлени камени плочи, а во непосредната близина е најдена ара изработена од локален камен.

Нема Коментари

Коментирај