Василије Трбиќ бил српски четник со потекло од Славонија. Тој е роден во Бело Брдо (Австро-унгарско царство) кај Осиек во 1881 година.
Учел во родното место, а потоа продолжил во Србија. Сакал да се замонаши во манастирот Хилендар, но по убиството на некои грчки монаси во 1902 година, избегал од Света Гора во Врање, каде што се запознал со капетанот Жика Рафајловиќ, кој бил кординатор со српските тајни операции во Македонија. По негова препорака, Трбиќ се вклучил во српското четничко движење во Македонија. Бил строг и суров човек и учествувал во поголемите четнички битки, главно против четите на ВМРО.
Во 1906 година пукал во еден свој сочетник и тешко го ранил, но и покрај тоа останале добри пријатели.
За време на Првата балканска вијна учествува во Кумановската битка каде што е ранет.
Василије Трбиќ е познат во македонската историја како командант на таканаречениот „Вардарски одред“, кој учествувал во задушувањето на Тиквешкото востание дигнато против српските власти на 19 јуни 1913 година. По седум дена од востанието Србите испратиле околу 200 просрпски ориентирани доброволци од Велешка и Прилепска околија, предводени од Василије Трбиќ, а под негова команда се ставиле и четите на Јован Бабунски и Јован Долгачот. Истовремено, по наредба српскиот началник на Кавадаречкиот округ, Душан Николиќ, потурчениот Албанец Јаја-ага вооружил 250 Турци башибозук и му се ставил на располагање на Трбиќ.
Навлегувајќи во тиквешките села, башибозуците на Јаја-ага извршиле невидени ѕверства, безмилосно пресметувајќи се со недолжното население. Немало место во кое не биле извршени мачења и ликвидации. Биле силувани многу жени, а биле ограбени и запалени многу куќи и дуќани.
По задушувањето на Тиквешкото востание српските власти во Кавадарци уапсиле повеќе од 150 граѓани, кои врзани во центарот на градот биле оставени 30 часа на жешкото тиквешко сонце, без вода и храна, кои потоа биле одвлечени надвор од градот, кај месноста Полјаната и заедно со уште 50 други кавадарчани (вкупно околу 200) биле стрелани…
По завршувањето на Балканските војни Трбиќ се населил во Велес.
На 10 август 1914 година на железничката линија меѓу Велес и Градско е извршен неуспешен атентат врз војводите од „Црната рака” Василије Трбиќ, Бошко Вирјанец и Јован Бабунски од страна на четата на Владимир Сланков.
Атентатот не успеал поради тоа што, место вагонот во кој биле српските војводи, бил кренат во воздух еден товарен вагон…
По ова српските војводи, особено кога не можеле да се оправат со четите на Христо Чаушев, Стојан Чочков и Петар Овчаров, со посебна бес се нафрлиле врз незаштитеното и голорако население од левата и десната страна на Вардар, на целиот простор до Демир Капија и Гевгелија…
Трбиќ заедно со: Цеко Марковиќ, Јован Бабунски, Јосиф Гаковиќ, Стефан Келешот, Вангел Јовановиќ, Михаил Борјанец и Михаил Коневиќ е член во т.н „Летнички комитет” со седиште во Скопје.
За време на Првата светска војна, шест месеци под бугарска окупација, вршел разузнавачки акции во Македонија, по што бил откриен од Стефан Петков-Сиркето, началникот на воено-полициската секција во Велес и принуден да пребега во Солун.
За неговата работа од српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ бил одликуван со орденот „Караѓорѓева ѕвезда со мечеви“. По Првата светска војна станал пратеник на Југословенската народна партија, а подоцна и градоначалник на Прилеп. Во тоа време поседувал и чифлик во Браилово.
Со негова дозвола во Прилеп била инсталирана организацијата „Црна рака“, која вршела терористички акции, атентати и ликвидации.
За време на Втората светска војна пребегал во Каиро, а по завршувањето на војната се вратил во Белград, каде што починал во 1962 година.
Неговиот син Миливоје Трбиќ-Војче, за време на Втората светска војна бил водач на србоманските чети во Поречието.
Мићко February 4, 2014
Василије Трбиќ, (војвода Васил велешки) напиша мемоари:
http://elibrary.matf.bg.ac.rs/handle/123456789/1294
http://elibrary.matf.bg.ac.rs/handle/123456789/1295
Книгите се многу интересни и тие содржат многу интересни детали поврзани со Прилеп и Македонија. Тој направи многу добри работи за Прилеп. Меѓу другото, го сподели 1000 хектари земја на семејствата од 300 жртви на бугарските ѕверства за време на војната и на сиромашните прилепчани.