Прилепски чупи - шнајдерки...

Терзискиот еснаф

Терзискиот еснаф во Прилеп

„Во следните свои белешки за нашите еснафи ќе запишам се што помнам уште од детинството и што сум слушал од стари луѓе. Кај нас има 30 еснафи, поистакнатите од кои се: табачкиот, терзискиот, кантарџискиот, казанџискиот и кожуварскиот.

Сите еснафи уште одамна си имале свои еснафски закони, првиот од кои им е тестирот (турски збор дестур – слобода). Овој закон го врзувале на педесет години еднаш. Од сите најнапред беше табачкиот еснаф, бидејќи табаците имаа строга дисциплина. Табачкиот еснаф прв го воведе тестирот, а потоа го примија и други еснафи. Последниве го примија зашто гледаа оти табаците напредуваа со тој обичај.

Во 1833 година се потсетија неколку еснафи да направат тестир. Од овие еснафи првите беа терзискиот, алачкиот (памукчискиот), папуџискиот, ковачкиот, кантарџискиот и клинчарскиот.

Над сите еснафи имаше еден устабашија Турчин, еден ќеаја од турскиот терзиски еснаф и еден устабашија од нашите терзии. Овие двајцава устабашии, кога ќе се појавеше потреба, се собираа заедно и решаваа за своите еснафи, па и за другите еснафи, некои мачни прашања што не можеа да ги решат нивните устабашии. Ако во случај и тие не можеа да ги пресечат овие прашања, се обраќаа кон кадијата за конечно да ги реши.

Еве ја и историјата на тестирот. Терзиските устабашии ги поканиле устабашиите од другите еснафи на вонредно собрание и ги убедиле да направат тестир. Секој еснаф се подготвувал да земе учество во тестирот. Терзиските еснафи, бидејќи први, најнапред отишле надвор од градот на манастирот Света Богородица, Трескавец. Било определено таму тестирот да се прави според стариот обичај. Ги поканиле војводата, (јас не стигнав да им се вели името војвода на турските управници; наместо војвода го стигнав името забит, мудур, а сега кајмакам), кадијата, муфтијата, мудурот и други, а исто така и сите еснафи да дојдат заедно со нив и да присуствуваат на церемонијата што сакале да ја прават.

На определениот ден сите еснафлии, променети во велигденски алишта, а исто така и другите поканети, излегле надвор од градот, помеѓу тулбињата и Караташките лозја. Таму седеле и се чекале додека не се соберат сите.

Младите деликанлиите Турчиња и нашинчиња, сите биле променети во турски алишта и вооружени. Тапаните свиреле, а младите играле оро, фрлале пушки и пиштоли во воздух. Радоста била општа бидејќи тогаш помеѓу нив имало братска љубов. Турците знаеле дека христијаните им биле оставени „тари аманет“ од пророкот и дека им биле „топрак-кардаши“ (земни браќа, земјаци) та затоа ги сакале и им подавале рака за помош, но оттогаш наваму постепено исчезна тоа братољубие помеѓу Турците и прилепчаните и никакви еснафски односи не останаа. Откако се собрале сите еснафлии, тргнале и се упатиле за манастирот.

Цела недела таму се веселеле и играле. Пред манастирот имало распнат шатор под кој седеле војводата и другите. Од шаторот настрана биле наредени сите мајстори, наседнати на зелената трева. Започнала церемонијата за да се сврши тестирот и да си одат веќе в град.

Секој мајстор и калфа што не беше зел учество во тестирот, тогаш го примал. Одел во шаторот и се претставувал пред првите устабашии со крстосани раце, стоејќи исправен. Устабашиите го советувале како треба да се однесува спрема постарите мајстори, спрема калфите и чираците и спрема сите еснафски луѓе па дури и спрема своите муштерии.

Потоа му врзувале еден пештемал од десната страна во знак на неговото достоинство, да се наречува мајстор. Така и калфите ги произведувале во калфабашии, а чираците во калфи. Откако им го врзувале пештемелот под мишката устабашијата ги удирал со рака по плеќи и им велел по турски. „Ајде козум, уста олдун чираам ол“ (ајде чедо, мајстор стана чирак биди ми), а на калфата му велел: „Ајде кузим, калфа олдун, устада екмек сес’н (ајде чедо калфа стана, кај мајсторот леб да јадеш. )

Секој мајстор, калфа или чирак по произведувањето во повисок чин му бакнувал рака првин на војводата и потоа со ред на сите.

Откога ќе ја свршеле церемонијата, се упатувале в град, на чело со војводата и другите старешини. По нив сите еснафлии, наредени рамо до рамо, а од страните – калфабашиите со по едно шарено стапче в рака се грижеле за редот. Стигнувале в град и се запирале на мегданот пред градскиот часовник. Тука играле оро и фрлале пушки и пиштоли додека да се стемни. Со оваа церемонија се свршил последниот тестир во Прилеп и од тогаш до сега веќе не прават тестир.

На мое време, т.е. во моето детинство зборот тестир многу често се употребуваше од еснафлиите и од устаоглиите. Јас бев чирак кај покојниот аџи Петко, Коне Чонин Каранџулов и брат му Пере којшто неодамна почина во Ќустендил. – Помнам, ми се случи да стапнам еднаш на тезгето и кога ме видоа, ми рекоа: „Зошто газиш на тезгето, бре Марко? Ти не си тестирлија или устаоглија, та да го газиш“. Тезгето беше свет предмет за еснафските луѓе во кој што се колнеа и велеа: „Жими тезѓаот! Тако ми тој тезѓав, ако те лажам, жими овај тезѓав што ме рани.“

Старите мајстори што се живи уште си ги чуваат тестирските закони. Од нив се живи лицата од кои сум ги собирал податоците за овие обичаи: Ристе Прцан и Куцул од папуџиите; Ристе Симноче, Илија Пилјак, Н. Крапалија и Коста Стамболџија од терзиите; од кантарџииџте: Илија Прчиопашка и Диме Рајата; од ковачите: Малама и Ицо; од табаците: Аџи Сулејман Рупишталија и други; од клинчарите: Азис, Циганот пијаница и други. (Речиси сите гореспоменати старци сега се изумрени).

Една недела по церемонијата што е опишана погоре отишле и папуџиите надвор од градот близу до селото Леништа на една убава ливада и таму направиле тестир. Целиот еснаф табачки отишол кај нив на гости, бидејќи интересите им се најтесни. Имало и од другите еснафи многу гости. Откако се веселеле неколку дена, ја направиле церемонијата и се вратиле во градот со песни и гајди редум нередени.

По извесно време отишле и следниве еснафи: кантарџискиот, ковачкиот и клинчарскиот. Тие отишле на манастирот Свети Спас до селото Зрзе, 5-6 часа далеку на запад од Прилеп. И овие еснафи како и другите, направиле тестир и по церемонијата се вратиле среќно во градот.

Другите еснафи, иако ветиле дека ќе направат тестир, не го направиле, зашто, од една страна немале парични средства, а од друга страна и не биле согласни помеѓу себе.“

Според записите на Марко Цепенков.

Нема Коментари

Коментирај