Прота Глигориј Алексиев

Прота Глигориј Алексиев

Протоерејот Глигориј Алексиев во протоколите на црквата „Свето Благовештение“ се среќава и под името Глигориј Константинов Ѓаконов или Глигориј Константинов Алексиев. Тој е роден во Прилеп во 1845 година. Уште како дете пројавил интерес кон писменоста, па набргу го изучил писмото во варошките ќелијни училишта. Неговата љубов кон книгата придонесла уште во млади години и тој да стане учител, и тоа во она време кога во Прилеп имало само десет учители (1874/75 година). Се оженил со велешанката Елисавета (Сава) Палашева, која исто така била писмена жена и учителка за женските деца во Прилеп. Иако учител, љубовта кон Божјиот олтар го привлекла кон примање на чин, па така станал и ѓакон во соборната црква (оттука и презимето Ѓаконов), на која должност останал долги години. Како учител работел и надвор од Прилеп, во Воден, Костур, Лерин, Мелник, Серез, а најмногу време учителствувал во Кукуш. Отец Глигориј бил енергичен борец против грчките и бугарските епископи, но и против грчките и бугарските просветни работници, кои работеле против наставата и просветата на народниот мајчин јазик. Тој не знаел за работен ден. Како неуморен просветител и деец на Божјата нива, од страна на Егзархијата бил исклучен од учителската дејност, но останал да богослужи во Црквата и бил ракоположен за свештеник во поодминати години, во 1897 година. Истата година бил поставени за старешина на црквата, а на таа должност останал до 1912 година. И како свештеник продолжил да се бори за самостојна Македонска Црква и дошол во уште пожесток судир со егзархиските власти. Во тоа време започнала и неговата интензивна соработка со револуционерната организација. Тој бил и голем приврзаник на револуционерното македонско дело.

Кога Даме Груев бил протеран од солунската полиција, тој нашол засолниште и поддршка во црковната просторија кај отец Глигориј. Неговата неуморност во областа на просветата се гледа и во тоа што почнал да ги средува на македонски јазик Житијата на светителите, а бил и редактор-издавач на верското списание „Неделна починка“ во 1908 година. Освен тоа, преданието говори дека неговиот дом бил преполн со друга верска литература, од која на многу дела лично тој бил автор. Неговата ќерка подоцна ќе сведочи дека сите негови дела биле скриени во дворот, закопани под земја, бидејќи странските пропаганди, со помош на турската власт, сакале да му ги конфискуваат и запалат. Кога опасноста поминала, отец Глигориј ги откопал книгите, но тие веќе биле изгниени. Поради се почестите судири со Патријаршијата и Егзархијата, отец Глигориј заедно со целото свое семејство паднал во тешка материјална и финансиска состојба. Меѓутоа, тој не подлегнал на ниту едно нивно заплашување и заканување. Од страна на турската власт бил осуден на 101 година затворска казна, но поради недостаток на докази подоцна казната била симната и бил ослободен од сите обвиненија. Откако врховистите виделе дека неможно е да го скршат неговиот дух, започнале со нова тактика на умилкувања и додворувања. Во една прилика врховистите лично пошле кај него и го молеле со зборовите: „Оче, ќе те носиме во Бугарија, ако треба и на грб – само кандисај се да работиш за нас!“. Без размислување, отец Глигориј ја одбил нивната молба. Иако неговата егзистенција била крајно тешка, тој останал голем патриот, вљубен во својата земја и црква. Починал на 2 октомври 1916 година во својот скромен дом во Прилеп, а презвитерата Сава починала на 20 мај 1924 година. Во тоа време живееле на улицата Крал Александар бр. 27.

Нема Коментари

Коментирај