Колумна: „На срцето преведувач и не му треба“ објавена во весникот Дневник на 7 април 2001 година.
„Амицо Плато, сет амика веритас!“, изговорена од најумниот, стагиранинот Аристотел. Оваа, недвосмислено, е една од најславните реченици во историјата на светот, во кусата историја на мислењето. Реченица- формула, неприкосновена, цврста, максимално кондензирана, бескрајно сугестивна и, навидум, несоборлива, како да беше ја изговорил самиот Бог на Мудроста, што, всушност, и е Аристотел. А поводот, оној кој обично бива: ученикот- Аристотел, ги оспорил, поправо, беше да паднал во спор неразлучим со филозофските системи на учителот-Платон.
Преполн со себе, под силен восхит од светлината на умот сопствен, од својата брилјантност, во светечки некој занес, превидувајќи го супстанцијалниот дефект, кој подолу ќе биде објаснет, Аристотел извикал: „Пријател ми е Платон, но попријателка вистината“. И одекот громок, од тој исказ, го пара времето и сеуште трае, ли трае… Но, потпирајќи се врз луцидната интервенција, запишана во книгата “Смислата и доблеста” од темелниот сонувач и филозоф од исклучителен маштап, Ферид Мухиќ- мојата кршна побратима, да видиме што таа значи и какви последици произведува: Непореклива вистина за вљубениот, на пример, е таа дека неговата милосница е најдобриот можен избор, иако, завалија, дамата на неговото срце тревливи и куца и грда е како харпија, а лоша како аспида, згора на тоа што е во поодминати години и кашла и рДка, та кајгоде плука; За верникот тоа е Бог, за атеистот се друго, освен таа логичка глупост, тој израз на човечката малузнајност и слабост да се соочи со стварноста и светот, да ја прифати смртта, да се помири со сопственото конечно и безповратно исчезнување, со неможноста да се втопи во Бога, оти него го нема и не бил; До пред Коперник, а заради учењето на Птоломеј, светот беше уверен дека сонцето, та и сите ѕвезди вклучително, се вртат околу земјата, по него- обратно; За фашизмот света вистина беше Гросмановата теорија за расите, во која супериорна беше ариевската, та соодветно на тоа таа и треба да владее со светот, и Ничеовиот Надчовек; За комунизмот тоа беше партијата и пролетерјатот, плус недобрима серија заблуди и кривотворенија…
И се така во недоглед, од етички до естетички „вистини“, од заблуди во сверата на материјалното, до спиритуални и спиритистички…
Но, сето тоа, со мирна душа, ќе бевме го подвеле под лабавата теорија за еволуцијата на човечкиот спознајни можности ако не произведуваше, и не произведува, гибелни последици: Во името на Божјата вистина на светот му се случија Крстоносните војни, а во името на Алаховата- џихад; Само за две години во 16 век во Европа, од Инквизицијата, двеста илјади жени беа прогласени за вештерки и запалени на аутодафе, плус Џордано Бруно; Хитлер, заради „вистината“, „теоретски фундирана“ во неговиот ѓаволски спис „Мај камф“, уби четириесет милиони, а Сталин, според официјалното признание на руските власти, дваесет, а според Солжењицин цели педесет милиони луѓе, плус Манделштајм…
И се така до недоглед, еднаш во името на божјата, друг пат во името на човечката, еднаш во името на сеопфатната- светската, друг пат во името на парцијалната-националната, „вистина“…
Та така, драг мој и скап пријетеле, Киме Мехмети, кога Аристотеловата реченица би претрпи мали граматички, а бескрајни семантички измени и кога преорганизирана би гласела: „Пријателка ми е вистината, но попријател Платон.“ Ете само тогаш и само така може да се дојде до некаква одржива, тешко пореклива и, пред се, крајно човечка, значи до крај внатрешна и лична вистина која човеку е единствено можна: Вистината за пријателството, за доброхотноста и благонаклоноста, за милосрдието и простодушноста, за простата човечка добрина, за попустливоста, за едноставноста на разбирањето на потребите од ближниот, на оној кој од родот човечки е, на пријателот, на побратимот, на братот… И токму затоа, заради тој врвен идеал- пријателството, што ќе да е над се и пред се друго, и пред верата и пред нацијата, на мојата долност и занемарливост разбирливо му е потеклото на твоите афектации, на емотивниот изблик во кого, без тегобност која на тоа му е примерена, ме споредуваш со некакви „ефтини профитери“(цврц!)…
Но, да ги баталиме навредите лични, тие ти се простени дури и пред да бидат изговорени, та да видиме што, заправо, на спекулативно ниво твојата епистола, „Пораката е примена“, сугерира, врз кои примеси се прикрепува: Со питиски јазик, својствен само на расен писател, каков си, цитирајќи некаков анонимен извор („некои мои денес“), ти афирмираш една од клучните заблуди која ја оптоварува етничката релација Албанци-Македонци: Дека, имено, “Варварите Словени”, откако дошле, ви ги запалиле селата и ве натерале по сртовите спас да барате, за семето да не ви се сотре. Ова тврдење кое, во последно време, најчесто имплиците, може да се чуе, прочита, или од постапките отчита, е тешка кривотворба која ниту во традицијата, ниту во историјата не пронаоѓа доволно уверливи докази. Со прост увид во македонските скрки ќе се види дека и вашите и нашите села се по сртовите, таму горе во планињето, и дека личат на внимателно избрани засолништа, на фортификации, на збегови изградени или еден до друг, или како заеднички. Тоа ќе рече дека некој друг, а не македонските Словени, ги палел и вашите и нашите, поправо заедничките села и не терал усук да фатиме, вит-виделија, негде таму горна земја. Несреќата била заедничка и заеднички се споделувала, заедничка избава се барала. Та затоа она твое тврдење, поправо повторно цитирање на истиот анонимен извор, дека границата, “по дедовина”, не ќе да е крај Дебар и Групчин, „туку потамо“, излегува ништожно: Меѓу Македонците и Албанците, барем во Македонија, никогаш граници и немало, ако за граница не се есапи плотот кој лесно се преминувал во радост или болест, на сведен или парастос. Од тука, ако ова е точно, а безбили е точно, твоето читање на пораката што сум сакал да ти ја испратам дека „сета несреќа на твоите произлегува од постоењето на моите!“, мора да е мајтап, оти поинаку би било морничаво. Шегобиец си ти, те знам! Како што мислам дека се шегуваш кога тврдиш оти пушката може да ја врати честа, кај моите или кај твоите, сеедно: Изгубената чест не се враќа, најмалку тоа е можно со насилие, со оружје, со тероризам, а уште помалку можат да ја вратат продавачите на дрога и шверцерите со оружје и бело робје…
Туку, заради ограниченоста на просторот, допушти ми, побратиме, еден поопшт поглед врз твојот доклад: Од него очебијно е видлива твојата грчевита потреба да најдеш оправдување за пукањето од Шар Планина кон Тетово, а да му ја оспориш оправданоста на возвратното пукање од Тетово кон Шар Планина…
Демек што требаше, македонската војска и полиција да си трае, ни оф ни леле и, по можност, на овие одозгора на метерис да им се гочи за од прва да ги сутнат, за џабе патрони да не арчат, кутри души, кутри. Секој куршум по една униформирана глава, а кога овие ќе се дотрошат, арш на се што мрда долж жална ни Македонија. Овој пат, драг мој со сигурност се шегуваш, само што шегата по малку ти накиселува и по троа горчи и над се е во сушта спротивност со твојот завршен параграф во кого велиш:
„…Овие се мигови кога најхрабри се тие што го замолчуваат оружјето! Оти оваа битка со гранати не се добива. И дека таквите јунаци ќе ја спасат Македонија и сите нас што живееме во неа!” Кога последново го прочитав, од радост некоја неузнајна обземен, на часот заборавив се што претходно кажа, и ми дојде како и да не кажа. Оти тоа си ти, доброхотниот Ким Мехмети, мојот мил побратим кого, некаков сплет на околности, некаква примка заведлива, го принудува дури и писма по новињено да пишува со кои преведувач бара за да се разбереме. Драг мој, не паѓај во таа заблуда: на срцето преведувач не му треба. Како и на љубовта која не ќе да е само „пролетен развигор“ кој брзо поминува,туку клучна човечка диференција специфика која него го одделува не само од се друго живо, ами, понајмногу, внатре родот сопствен…
Во пролетта 1936 година, значи во она доба кога во Гранада цветаат портокалите, негде крај Гвадалкивир, реката што најмногу ја сакаше и крај која сакаше да умре, на почетокот на граѓанската војна, франкистите го стрелаа Федерико Гарсија Лорка, утајум, ноќе, ѕверски…
Пролетва, 2001 година, значи во ова доба во кое на Китка цветаат јагликите и цвет фрлаат дренките, оние од У”К (така беше да се потпишале), го заклаа Јосиф Илковски, утајум, ноќе, ѕверски…
Лорка имаше 37, Јосиф 77 и обајцата, се разбира не од ист ранг, беа писатели, од нашата крв и племе беа, од мојата и твојата- писателска. А животот никогаш не е достатен, смртта кога и да дојде, секогаш прерано доаѓа, особено насилната, противприродната.
Коментирај