Лениште се наоѓа во средишниот дел на територијата на Општина Прилеп, недалеку североисточно од градот. Селото е ридско, на надморска височина од 780 метри. Атарот зафаќа простор од 15,6 км2. До селото води асфалтиран пат од Прилеп. По границата на селскиот атар се наоѓаат овие потези: Долни мост, Караманица, Врвот, Ливада, Бели камења, Ѓупски преслап, Ѓуле, Устрелец, Манастириште, Илино, Топташ, Ѓогдере, Маркова Чешма, Ќумкот и Ралев Камен. Внатрешните делови на атарот се: Заполшки мост, Пешкојца, Плетварска река, Требеница, Крива Река, Коњарник, Сталеа пештера, Попова нива, Заволчец, Црквиште, Шаторов Камен, Сарика, Гробот, Бара, Корија, Шута врба и Мал дол.
Лениште е село од збиен тип, кое се дели на Одавде и Оданде маало. Од 1912 година селото постепено се раселувало, најчесто во Прилеп. Масовно иселување се случило во периодот од 1961 до 1971 година.
Порано на гребенот источно од Лениште имало орман и истечни води, кои повремено ги движеле селските воденици, за што сведочат воденичките камења, кои се наоѓаат во дворот на црквата.
Според едно предание, кое го запишал Марко Цепенков, селото Лениште го добило своето име според ленот, кој го сееле жителите. Според преданијата, Лениште го основале жителите на соседното раселено село Заполошко, пред околу 170 години. Обработливото земјиште на Лениште во поголемиот дел се наоѓа во атарот на тоа раселено село.
За време на турското ропство, обработливата земја во селото претежно им припаѓала на селаните. Само едно прилепско христијанско семејство – Димитриевци, овде имале два чифлици, кои уште во турско биле откупени од селаните. Селото доживува трговски подем со масовното одгледување на тутун за време на српската окупација.
Во XIX век Лениште било село во Прилепската каза на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година, Лениште (Lénichta) е посочено како село со 43 домаќинства и 189 жители христијани.
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Лениште (Ленища) има 380 жители.
Во почетокот на ХХ век, Лениште било егзархиско село. Според податоците на секретарот на Егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Лениште имало 320 христијани егзархисти.
Според пописните листи, забележано е дека во 1921 година бројот на домаќинствата во селото изнесувал 44. Бројот на населението низ годините е следниов: 1948 = 442; 1954 = 449; 1961 = 419; 1971 = 265. Според пописот од 1981 година, во Лениште имало 40 жители, во 1991 = 6, во 1994 бројот се намалил на само 2, а според пописот од 2002 година, во Лениште не бил попишан ниту еден жител и оттогаш селото се смета за раселено. Лениште е едно од трите избирачки места во Македонија со најмал број запишани избирачи – само тројца. Дури и тие не живеат во селото, туку во Прилеп.
Во селото се наоѓа црквата „Свети Атанасиј“. Таа претставува трикорабна градба, со полукружна апсида на источната страна. Подигната е во 1836 година, а обновена е во 1987 година. Покрај црквата се наоѓаат селските гробишта. Селска слава е празникот летен Свети Атанас, кога се одржувал и панаѓур.
Над селото се наоѓа манастирот „Света Петка“. Темелите на манастирот се осветени на 9 јуни 1996 година, а манастирот е осветен од Митрополитот Преспанско-пелагониски Петар на 26 септември 2009 година.
Во Лениште стари фамилии се: Аџиовци, Димовци, Терзиовци, Ангелевци, Апостоловци, Кочовци и Трајковци, кои уште одамнина се населиле од соседното Заполшко, а ја слават домашната слава Свети Никола. Трпчевци и Будевци за слава ја имаат Митровден, а и тие се дојденци од Заполшко. Стојановци, Богоевци, Шишковци и Митревци ја слават Петковден. Тие биле еден род, кои пред околу 180 години тука се населиле од мариовското село Вепрчани. Белушанци се доселени во 1878 година од Белушино, близу Крушево. Прв од оваа фамилија се населил Стојче со своите пет синови, зашто „таму Албанците му барале ручеци и жени“. Тие ја слават Свети Никола за домашна слава. Домазетовци се најмладата фамилија во Лениште. Нив ги основал некој домазет од Беловодица, кој имал жена од Раец, а за слава ја имаат Свети Никола.
Убаво е да се одбележи и еден историски настан, поврзан со селото Лениште. На 12 март 1904 година, под прилепските касарни, било пронајдено масакрираното тело на Сефедин ага, синот на турскиот злосторник Бафтир чауш, кој имал чифлик во селото. Зариеното селско ноже во вратот на Сефедин ага и претходните несогласувања со селаните од Лениште, ги навело прилепските Турци да се сомневаат дела убиецот е од тоа село. Набрзо била организирана казнена група, составена од 50 заптии и башибозук од Прилеп, со цел да се одмаздат за убиството на Бафтир чауш. Цели две деноноќија селаните биле подложени на најужасни мачења, куќите биле ограбени, а затекнатите жени во селото биле силувани.
Во Лениште е роден македонскиот револуционер од редовите на ВМОРО – Ѓоре Спирков-Леништанецот, а од ова село потекло има и првиот претседател на Македонија – Методија Андонов-Ченто.
Коментирај