Колумна: „Витез со пура во градот на тутунот“ објавена во весникот Дневник на 1 декември 2001 година.
Витез со пура во градот на тутунот
„Првиот персонален компјутер на американската компанија ИБМ во бившата СФРЈ бил инсталиран во далечната 1977 година во Прилеп, а во тоа време со вакви машини располагале само уште четири високообразовни институции во Европа. Неполни шест години подоцна во 1983 во прилепски „Еуроинвест“ била инсталирана и првата компјутерска мрежа на Балканот со пет „персоналци“ и вкупен капацитет со за тоа време моќните 40 мегабајти. Две години подоцна, кон крајот на 1985, „ИБМ“ го дозволил извозот на своите компјутери во Југославија.
Благоја Самакоски во куќата во Прилеп се уште го чува својот стар „комодоре 2001“, кој пред 25 години бил најголемото технолошко достигнување во таа област на информатиката. Кога не сурфува по страниците од каде што се информира за најновите технолошки откритија, што му е задолжителна работна обврска, најчесто е во авион или по аеродромските терминали, каде што поминал поголем дел од животот. Дипломирал на 25 години на Машинскиот факултет во Белград. Таму магистрирал и го одбранил докторатот. Неговиот постар син Веле е вработен во „Сити груп“, најголемата брокерска куќа во светот, која работи за њујоршката „Сити банк“. Ќерката Фанија магистрирала економија во Лондон.
Благоја Самакоски слободното време го користи во Прилеп, порано во лов, а од неодамна најчесто е во друштво со другарите од детството, како и на малиот круг блиски пријатели. Приоритет имаат драмскиот писател Благоја Ристески – Платнарот, Марин Бабиќ и професорот Ферид Мухиќ.
Освен за шеесетината вработени во „Микросам“, кои имаат речиси европски плати, и за членовите на нивните семејства, Самаковски не е многу омилен меѓу прилепчани. Велат, ги провоцирал шетајќи низ градот со својот „мерцедес 500 СЕЛ“, а не ги бендисувало ни безочното трошење, бидејќи Самакот, како што го нарекуваат неговите сограѓани, секој ден „горел“ барем по 100 ГМ, колку што чини една пура „кохиба“, додека тие чекаат социјална помош од 100 ГМ и виткаат „јака“ или „прилепец“ од трета Б-категорија.
Можеби и затоа злобниците во прилепската чаршија ја завртеа приказната за змијата во џебот на Самакот, алудирајќи на неуспешниот обид на „Поскок“ да го рекетираат „Микросам“. Тој пак одговара дека парите што ги барале тие, тој и неговите вработени ги имале тешко заработено.
- Што се однесува до стравот, знам дека еднаш се живее и само еднаш се умира. Ако човек нема храброст да се соочи со предизвиците, подобро да го преспие животот – коментира Самакоски, кого ни мозочниот удар, ни сообраќајката не го одвратија од истражувачката работа.
Самакоски (48) е роден во Прилеп, а јавноста во земјава го памети од поодамна, кога “Микросам” на ЕСМ му ја понуди технологијата за далечинска контрола на потрошувачката на електричната енергија и системот “при-пејд” за наплата за струјата. Десет години подоцна, токму неажурната наплата на потрошената енергија е главна пречка во приватизацијата на електроенергетскиот систем на земјава, бидејќи долговите двојно ја намалуваат неговата вредност.
- „Микросам“ конструираше и произведе неколку прототипи броила за потрошена електрична енергија. Тука немаше голема технологија, освен неколку чипа, кои беа поврзани со централниот систем во диспечерската куќа на ЕСМ. Тоа ќе му овозможеше на ЕСМ да има комплетна контрола на потрошената енергија и исклучување на нередовните плаќачи од еден центар. Предноста на овој систем беше во тоа што компонентите можеа да се произведат во Македонија, „ЕМО“ од Охрид и во „Микросам“. Тој проблем се повтори и со броилата при-пејд, кои им овозможуваат на граѓаните во трафика да си купат струја. Систем што одамна функционира во Европа. Наместо тоа, ЕСМ се определи за поскапата варијанта, долговите да ги наплаќа со полиција и судски извршители. За наша несреќа, одговорните луѓе во Македонија, како по правило, немаат чувство за тоа колку современата технологија може да придонесе за развојот. ЕСМ и тогаш, како и денес, немаше никаков интерес за овој проект, иако тоа е еден од условите за приспособување кон стандардите на ЕУ, кој ЕСМ наскоро ќе мора да го исполни. Оттогаш „Микросам“ својата деловна логика ја сврте кон странските пазари – вели Самакоски.
Така, малата прилепска компанија стана една од најконкурентните фирми за производство на машини за намотување на карбонски влакна и композитни материјали, технологии што се користат за изработка на авионски крила. Производите на „Микросам“ ги користи Институтот при Универзитетот во Дрезден од СР Германија, но и кинеската воена индустрија. Бидејќи станува збор за неверојатно скапа технологија, која домашниот банкарски систем не може финансиски да ја следи „Микросам“ отвори фирма во Германија преку која ги обезбедува неопходните банкарски гаранции. Додека разговаравме, Самакоски потпишуваше спогодба за испорачување една машина за тридимензионална обработка и полирање мермер за еден грчки партнер.
Генерално успешната деловна политика на овој прилепчанец се засновува врз принципот на управување на ресурсите од виртуелна фабрика. Тоа значи дека инженерите во „Микросам“ од Прилеп преку компјутер поврзан на „Интернет“ ја контролираат и ја сервисираат работата на машината што неодамна ја монтираа во Кина.
- Нема потреба за изградба на големи фабрички хали. Концепцијата на „Микросам“ е производство и лиценцирање ум. Затоа ние произведуваме само по нарачка. Во светот се произведува се и тоа треба само да се вкомпонира – објаснува Самакоски.
Остварувањето на овие цели не оди баш лесно. Конкурентите се обидуваат на валкани начини да го дисквалификуваат „Микросам“, користејќи го пред се изговорот за воената состојба во Македонија.
- Некаде, најчесто кога се во прашање зделки со партнери од Европа тоа им успева, но некаде победуваат нашите квалитети и ниската цена што можеме да ја нудиме – вели Самаковски.
Кога деновиве во Париз беше украдена една од машините на „Микросам“, која на бриселската „Еурека 2001“ ја доби првата награда, Самакоски повторно се појави во медиумите со своите иновации. Станува збор за машината за композитни материјали и машината за намотување карбонски влакна што најчесто се користат во воената индустрија за изработка на авионските крила, кои засега добро се продаваат во Кина.
Самакоски десетина години бил член и потпретседател на Извршниот одбор на воената индустрија на бившата ЈНА. Таму дојде како инженер и генерален директор на „Еуроинвест“. Според тие што го познаваат, токму овој период му овозможи многу контакти со луѓе упатени во воената индустрија и бизнисот со оружје, иако ова второво Самаковски од петни жили го негира.
Малку луѓе во Македонија знаат дека во осумдесеттите години „Еуроинвест“ во соработка со „Темко“ од Скопје и „Сувенир“ од Самоков разви современа технологија за производство на ракета со лансирна рампа, која пробива челичен оклоп од 900 милиметри.
- Генералштабот на ЈНА стравуваше од можноста Македонија самата да ја развие целосно технологија за овој ракетен систем и буквално нареди да се запрат истражувањата. Тогаш логиката беше секоја република да произведува по некој дел. Поради моето противење бев предложен за бркање од Сојузот на комунистите, но останав директор во „Еуроинвест“ – раскажува Самакоски.
Интересно е дека слично поминал и проектот на „Еуроинвест“ за изработка на карбонски влакна, кој сега „Микросам“ го турка со огромен успех. Токму во овој период, Службата за државна безбедност по нарачка од ЦК на СКМ на Самакоски му определува „кодош“, кој го полни неговото досие, по што и дефинитивно бил избркан од Сојузот на комунистите, но по предлог на своите колеги – прилепските комунисти.
Подоцна по осамостојувањето на Македонија, наместо да се продолжи развојот на почнатите проекти, трите воени комплекси речиси целосно се уништени, а Самакоски заминува во бизнисмени. Од проектите останаа само експонатите што се уште стојат во правливите витрини на „Еуроинвест“.
Тогаш Самакоски влегува во приватниот бизнис. Отвора видеотека во Прилеп, која дневно дистрибуирала и по 800 касети.
- Го нудевме она што го бараше пазарот, најчесто касети со турбофолк-елементи, а подоцна станавме и овластени дистрибутери на неколку белградски продуцентски куќи. Но, тоа траеше кратко, се додека „Македонија филм“ не влезе во бизнисот со пиратски изданија – се сеќава Самакот.
Овој 48-годишен прилепчанец се обиде и во политиката, но тука доживеа вистински дебакл. На парламентарните избори во 1998 година се кандидираше на листата на Социјалистичката партија со своја изборна платформа. Доживеа фијаско, не успеа дури ни го исполни цензусот од 5 отсто од граѓаните што гласале.
- Во политиката важат некои други правила, кои јас очигледно не ги разбирам до крај. Оттогаш бегам дури и од зделките за кои мислам дека имаат политичка заднина – вели Самакоски.
Ова сепак не значи дека е деполитизиран. Но, претпочита да се држи настрана од актуелните политички движења, а третата политичка опција ја оквалификува како несериозна идеја, иако ја пропагираат нему блиски луѓе. Мисли дека со земјава и во следните изборни циклуси ќе доминираат актуелните партии, кои доследно ја играат нивната ролја, Македонија да ја доведат до дното, по што едноставно ќе атрофираат, односно ќе исчезнат од политичката сцена, ако нацијата го издржи ова тормозење.“
Коментирај