Црквата „Света Петка“ во населбата Точила е посветена на трагичниот настан на Карпалак, кога на 8 август 2001 во заседа од албанските терористите беа убиени 10 бранители од Прилеп. По седум години од настанот, на 8 август 2008 година е осветен камен-темелникот за изградбата на црквата.
Црквата е посветена во чест на Преподобната маченичка Параскева – Петка Римјанка, чиј спомен Православната Црква го слави на 8 август според новиот стил.
Конструктивно, црквата е комбинација на современ историјат: армирано-бетонска конструкција обложена со традиционални материјали, во стилот на средновековните цркви, кои се градени на ова поднебје. Ѕидовите се комбинација на полна печена цигла и ѕид од гранитни блокови. За надворешните ѕидови користена е специјална печена тула.
Кровот на црквата е изведен со ќерамиди врз дрвена граѓа, а на лачните делови (олтар, куполи), користен е бакарен лим врз метална конструкција.
Подот е изведен од комбинација на травертински плочи и бел прилепски мермер „Сивец“, со бордури од црн гранит.
Камбанаријата е проектирана и изградена во истиот стил, како и самиот храм.
Иконостасот во црквата е изработен од најквалитетен бел прилепски мермер, а стилски потсетува на средновековните црковни иконостаси. Во првиот појас од иконостасот, долниот дел, изработена е растителна орнаментика со крстови во секој фриз. На вториот појас од иконостасот се наоѓаат престолните икони, и тоа по следниот редослед: Свети Архангел Гаврил, Свети Атанасиј, Преподобна маченичка Параскева, Пресвета Богородица, Господ Исус Христос, Свети Јован Крстител, Свети Никола и Свети Архангел Михаил. Централното место на иконостасот го заземаат Царските двери, на кои е насликана претставата на Свето Благовештение.
Фрескоживописот во црквата е во фаза на изработка. Моментално работи тајфата на Дејан Кратевски, составена од магистри и зографи. Се работи со јајчана емулзија и пигменти со земјени бои.
Моментално околу 50% од вкупната површина предвидена за фрескоживопис е завршена. Во првиот, најдолен ред од фрескоживописот се насликани повеќе светии во цел раст. Вториот ред е составен од фрески со светии, претставени допојасно. Во малата купола насликан е Пантократорот, старозаветни праведници и Служењето на небесната Литургија. Во големата купола насликана е Пресвета Богородица. Во Олтарот е насликана Ширшаја небес, Причестување на Апостолите, Свети Јован Златоуст, Свети Василиј Велики, Свети Григориј Богослов и Свети Јован Богослов.
Коментирај