Димитар Биолчев...

Димитар Биолчев

Димитар Биолчев е роден 1837 година во Прилеп.

Тој е еден од претставниците на постарите градски чорбаџиски семејства во Прилеп. Првичното образование го стекнал кај Коте Даскалот, а подоцна учители му биле Рајко Жинзифов и Кузман Шапкарев. Опишуван е како висок човек, со долгнавеста глава и рамно чело, долг и правилен нос и итри очи.

Учествувал во црковните борби против грчкото духовништво во Прилеп. Во неговата куќа бил свикан состанок за решавање да го одбијат од градот грчкото свештенство, а со тоа и Цариградската патријаршија. По ова, во организација на Тоде Кусев и Димитар Биолчев, бил спречен обид за читање на богослужбата на грчки јазик. Со негова заслуга во 1868 година бил протеран од Прилеп грчкиот владика Бенедикт Византиски (Венедиктос Византиос), со што било отфрлено и грчкото духовно ропство во градот.

Бил член на новоизбраната црковно-училишна општина од 1869 година, која во свои раце ги презела сите црковно-просветни и општествени работи во градот и околината. Карактерно бил тивок човек и го контролирал темпераментот на Тодор Кусев. Кај него за совет се обраќал целиот град и околината. На граѓаните им се обраќал со зборовите: брате, стрино, тетко… Секогаш зборувал тивко и со размислување. Постоела приказна дека него никогаш не го виделе да се разлути.

По неговата смрт, на 9 јануари 1894 година, целиот град излегол на погребот, оддавајќи му на тој начин признание за неговата дејност.

Нема Коментари

Коментирај