Кирил Жежоски (1927-1981)
Каков парадокс…
Во приватниот живот важеше за тивок човек, по малку повлечен, без некое поизразито чувство за бучен хумор, а публиката најмногу го прифаќаше во ролји од комедиографски жанр, во кои внесуваше една специфична трагична интонација. Критиката, пак, имаше сосема друго мислење – таа сметаше дека овој првенец на прилепскиот Народен театар, во кој настапуваше од денот на неговото основање, најцелосно се остварува во реализации од драмскиот репертоар, токму во него постигнувајќи највпечатливи дострели. Станува збор, пред се, за улогата на Соломон и Колер во пиесите „Цена“ и „Смртта на трговскиот патник“ од Артур Милер, за кои беше награден на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
И каква коинциденција – случајот сакаше Жежоски својот прв поголем актерски блесок да го постигне во Нушиќевиот комедиографски репертоар, посебно какао Аќим Кукиќ во „Протекција“ и во истата ролја да одбележи 30 години плодна актерска дејност, за кусо време потоа, поради болест, да ја напушти драмската сцена и сцената на животот.
Ако се фрли макар и летимичен поглед на актерската дејност на Жежоски, лесно ќе се воочи неговото посебно творечко интересирање и лубопитството кон делата на македонската драматургија: играше во „Печалбари“ од Антон Панов (Кољо), во „Антица“ од Ристо Крле (Кир Ристаќи), во „Бегалка“ од Васил Иљоски (Аџи Трајко), потоа во „Александра“ од Томе Арсовски, „Бразда“ од Коле Чашуле и др.
Забележителни актерски остварувања Жежоски постигна и во дела од светската драмска класика и современата западно-европска драматургија („Без вина виновни“ од Островски – Шмага, „Претстава на Хамлет во село Мрдуша, општина Блатуша“ од И. Брешан – Мачак, „Шума“ од Островски – Сречников, „БановиЌ Страхиња“ од Б. Михајловиќ – Југ Богдан, „Резервист“ од А. Римевал – проф. Лашон и др.). Во нив и во низа други ролји (вкупно има одиграно повеќе од 150 улоги) тој внесе некоја посебна смиреност и сталоженост, непосредност и пластичност на изразните средства…
Спаѓаше во редот на оние актери што се залагаат за што позадлабочено креирање на ликовите, за максимално извлекување на природната линија при трансформацијата на своите ликови, за нивно доведување до што поголема профилираност и изнијансираност. Туѓи му беа надворешните ефекти, а се што создаваше на драмската сцена настојуваше да биде изблик на внатрешните чувства и расположенија.
Во мошне плодниот и креативен опус на Кирил Жежоски влегуваат и 12 постановки, главно на дела од комедиографскиот жанр. Пројавуваше афинитет и за режирање и на пиеси наменети за најмладите, иако режијата не му беше основна и трајна вокација, туку главно наметната обврска, поради недостиг на режисерски кадар во првите години од постоењето на прилепскиот Народен театар.
Прераната смрт ја прекина нагорната линија во развојот на актерската уметност на Кирил Жежоски и тоа во периодот кога можеше најмногу да му даде на својот матичен театар. Но и покрај тоа, Кирил Жежоски, целиот свој работен век поминувајќи го во театарот на својот роден град, го исполни со доволно значајни актерски остварувања, што му обезбедија репутација на еден од водечките и најистакнати актери на Народниот театар „Војдан Чернодрински“.
Коментирај