СК „Гоце Делчев“
По капитулацијата на Југославија во април 1941 година, престанува дејноста на регистрираните спортски клубови, со што настапува вакуум во фудбалскиот спорт во Прилеп.
Една од формите на напредните младинци, членовите на КПЈ и сите слободоумни граѓани била тенденцијата за спротиставување на окупацијата, преку формирање легално спортско друштво кое ќе дејствуваа организирано, помеѓу младината во Прилеп, во новосоздадените услови.
Во тоа време ливадите на Ѓумушица, биле место за собир за младите од градот каде што се играло фудбал скоро секое попладне.
Младинците се разделувале на два гола и пред насобраните од сите делови на градот, од маалата: Тризла, Варошко маало, Ридот, Шарена чешма, Ѓогдере, Жабеско маало и други, меѓусебно играле фудбал.
Гимназијалците од повисоките класови на тогашната гимназија постојано биле заедно. На фудбалските игралишта секогаш можеле да се забележат Блаже Спиркоски – Берберот, Сотка Ѓорѓиоски – Сотче, Миле Димоски – Коке, Драган Спиркоски – Максо, Јордан Тодороски – Шемко, Александар Дамески – Цане, Коле Чашуле, Лазо Филиповски – Лавски, Илија Сотироски – Малец, Менде Црвенкоски, Данчо Стојчески, Владо Николоски – Малиот, Гоце Стефаноски, Благоја Јованоски – Џивџанот и други.
Тие на фудбалските игралишта спонтано се собирале, каде што дискутирале за положбата под окупацијата, а на враќање, по играњето, во градскиот парк живо се коментирале вестите од фронтот.
Лазо Филиповски – Лавски честопати ги собирал врсниците околу себе и редовно ја започнувал играта „интелигенција“ низ која со поставување на прашања се давале одговори од постарата и поновата историја како и од моменталната светска политичка сцена, преку што младинците се подготвувале за отпор и борба против класниот непријател и фашистичките системи на Германија и Великобугарија.
Во таквата активна атмосфера созрева сознанието дека е можно формирање на легална организација – Фудбалско друштво преку кое ќе се води легална борба против фашистичкиот окупатор.
МК на СКОЈ, по иницијатива на Миле Корубин го прифатил барањето за Формирање на СK „Гоце Делчев“.
Работејќи по директива на МК на СКОЈ, целите на Спортското друштво биле легалната борба на КПЈ против окупаторот, воспитната улога на младината и придобивањето на младите, преку агитација за НОБ.
МК на СКОЈ – Прилеп ги предложил следните членови на новата управа:
Борка Јорданоски (претседател), Стојан Богатиноски (потпретседател), Данчо Стојчески (секретар), Борка Здравкоски – Купен (благајник).
Членови: Јоска Стојчески, Васил Богданоски, Илија Сотироски, Стеван Вренцо, Стеван Димоски – Бакалот, Перо Димоски – Црниот, Даре Биџоски, Ванде Вандески, Велимир Пешталески и Мице Ѓорѓиоски.
Првиот состанок се одржал во дуќанот на Методија Ченто, каде што Борка Јорданоски работел како калфа.
По пријавувањето на спортскиот клуб, бугарските власти барале разни формални недостатоци, со цел да се одбие барањето за регистрација.
Во тој период во Прилеп единствено е одобрено формирањето на СK„Македонија“.
Кон крајот на месец мај 1941 година (точниот датум не е познат), властите усно го одобриле постоењето на друштвато „Гоце Делчев“.
На основачкото собрание одржано во дуќанот на Стојан Богатиноски, на кое присуствувале само членовите на управата е основано СK „Гоце Делчев“, без постоечки средства, реквизити и без никакви искуства за водење на организација од поширок обем.
Од страна на новата управа во врска со водењето на клубот се консултирани функционерите на поранешните спортски друштва „Хајдук“ и „Викторија“ од каде што дел од играчите му пристапиле на новоформиранота друштво „Гоце Делчев“.
Побарани се реквизитите од СK „Викторија“ и СK „Хајдук“ кои се наоѓале кај фудбалерот Кире шнајдерот – Чепоровчето кои откако ги донел бараните реквизити, станал член на СK „Гоце Делчев“.
Непосредно по формирањето на СK „Гоце Делчев“ не постоеле погодни услови за одигрување на фудбалски натревари.
Во овој период биле одиграни пријателските натпревари:
„Македонија“ – СK „Гоце Делчев“ 9:0
„Кавадарци“ – СK „Гоце Делчев“ 2:1 (18 јуни 1941 година)
СK „Гоце Делчев“ – „Југ“ (Битола) 3:1
„Југ“ (Битола) – СK „Гоце Делчев“ 3:2
Во 1941 година, во рамките на првенството на Битолската фудбалска област, во Битола е одигран натпревар помеѓу екипите на СК „Македонија“ од Битола и СК „Гоце Делчев“.
На тој натпревар, што всушност и не се одиграл, настанале расправии. Прилепчаните барале скопски судија да го води натпреварот, но на теренот, покрај скопскиот судија, се појавил уште еден од Битола. Но скопскиот судија, иако на теренот се наоѓале само екипата на „Гоце Делчев“, свирнал за почеток на натпреварот, а само неколку секунди потоа го отсвирил и крајот.
Потоа на теренот излегол и битолскиот судија со битолската екипа и, всушност се повторила истата слика, Иако по сите тогашни прописи за победник требало да се прогласи СК „Гоце Делчев“, затоа што тоа се случило во регуларното време, за победник била прогласена битолската екипа со службен резултат 9:0.
Од почетокот биле направени неколку обиди да се организира официјална пријателска фудбалска средба со месниот ривал „Македонија“ кој бил поддржуван од бугарските власти и реакционите сили во градот, но безуспешно.
Конечно во август тимовите се договориле за пријателски меч.
За СK „Гоце Делчев“ настапиле следните фудбалери:
Стојаноски Рампе – Џивџанот, Раде Зуде, Мире Пешталески, Кире Шнајдерот, Бранко Буштрески, Цане Ламески, Орде Тодороски – Шемко, Илија Сотироски – Малецот, Блаже Николоски и Томе Николоски – Ќебапчијата.
Иако претходно договорот бил, средствата од билетите да се поделат подеднакво помеѓу двата тима, пред натпреварот биле поставени две каси со билети – едната за СK „Гоце Делчев“, а другата за СД „Македонија“, се со цел полицијата да направи контрола на симпатизерите на СK „Гоце Делчев“.
И покрај тоа пред касата на СK „Гоце Делчев“, продавачите имале полни раце работа.
За време на натпреварот од публиката почнале да се слушааа пароли против бугарските власти, по што низ публиката се растрчале агенти и полицајци барајќи ги извикувачите, но безуспешно.
Натпреварот завршил со 1:0 во корист на СK „Гоце Делчев“, по што навивачите ги кренале на раце играчите и заедно со сликата на Гоце Делчев дефилирале низ улиците на градот.
По овие инциденти бугарските власти му забраниле на СK „Гоце Делчев“ навивање на трибините со закана за забрана за играње на фудбалски натпревари.
Во 1941 година за СK „Гоце Делчев“ настапувале: Борка Здравкоски, Методија Тарата, Зуде, Атанас Соколоски-Љаме, Кирил Алексоски, Блаже, Рампе Крстески, Томе Николоски, Мире Пешталески, Илија Малецот, Кире Георгиески и Блаже Николоски-Кусото.
Покрај стандардните првотимци на екипата настапувале и:
Томе Млекото, Жежоски Петре, Орде Србинот, Митко Цветаноски – Ганчо, Драги Сурлаѓиоски, Кире Алексоски, Орде Рашајкоски – Попето, Сабрија…, Иван…, Аце Ганата и други.
Интересно е да се спомне дека СК „Македонија“ во ова време не можело да формира квалитетна екипа. Никој од талентираните млади фудбалери не сакал да игра во овој клуб, а оние подобрите што играле во СК „Македонија“ играле под притисок и по цена на закани од страна на власта.
По настаните од 11 октомври 1941 година зачестуваат акциите на бугарската полиција чии репресалии стануваат почести и побрутални.
Поради ова, дејноста на друштвото ја преземаат скоевските активи.
Културно – Просветниот актив на клубот организираал културно – просветни и забавни програми во просториите кафаните „Кајмакчалан“ и „Катакомба“, бидејќи „Соколаната“ била резервирана за членовите на СK „Македонија“.
Собраните приходи од фудбалските натпревари и од разните приредби и игранки и покрај контролата на касата од страна на бугарската полиција, благајникот на друштвото Борка Здравкоски секогаш ноѓал начин целосно да ги предаде средствата на МК на СКОЈ, кој ги користел за помош на НОБ.
Дотогашниот претседател Борка Јорданоски поради своите политички активности е принуден од бугарските власти да си даде оставка.
На негово место е поставен угледниот занаетчија Лазо Чучуроски, кој уживал авторитет кај бугарските власти поради што бил одликуван учесник во Првата светска војна.
На 8 jули 1942 година за првенството во Битолската област СK „Гоце Делчев“ гостува кај битолскиот клуб „Македонија“.
Поради непојавување на главниот судија и неможноста на двете екипи да се договорат за негова замена, СK „Гоце Делчев“ победува со службен резултат од 0:3.
Наредниот ден СK „Гоце Делчев“ одигрува во Битола пријателски натпревар со пролетерскиот клуб СK „Југ“ од Битола.
Одиграни натпревари во 1942 година:
„Македонија“ – СK „Гоце Делчев“ 3:1 (8 март 1942 година)
СK „Гоце Делчев“ – „Битола“ 5:1 (29 март 1942 година)
„Македонија“ (Битола) – СK „Гоце Делчев“ 0:3 (8 јули 1942 година)
„Југ“ (Битола) – СK „Гоце Делчев“ 3:1 (9 јули 1942 година)
СK „Гоце Делчев“ – „Македонија“ (Битола) 2:1 (2 август 1942 година)
ЖСК „Скопје“ – СK „Гоце Делчев“ 8:0 (16 август 1942 година)
СK „Гоце Делчев“ – СК „Слобода“ (Битола) 1:2 (18 октомври 1942 година)
Во октомври 1942 година поради нелегалните активности клубот е забранет од бугарските власти а дресовите и останатите реквизити им се одземени.
Благодарност до Горан Ристески за отстапениот материјал
_____________________________________________________________
ФОТОГРАФИИ:
1941 година
Фудбалерите на СК „Гоце Делчев“:
Борка Здравкоски, Методија – Тарата, Зуде, Атанас Соколоски – Љаме, Кирил Алексоски, Блаже, Рампе Крстески, Томе Николоски, Мире Пешталески, Илија Малецот, Кире Георгиески, Блаже Николоски – Кусото
8 јули 1942 година
СК „Македонија“ (Битола) – СK „Гоце Делчев“
Навивачи и фудбалери од СК „Гоце Делчев“ дефилираат во Битола по одиграниот натпревар:
Мире Пешталески, Атанас Ламески (загинат во борбите кај Тутуновиот институт во Прилеп), а на рацете на навивачите се Томе Ѓорѓиоски и Методија Ачковски – Тарата.
Коментирај