Протоереј Панто Ацев бил син на свештеникот Аце (род. 1810 год.) и презвитерата Анна, (род. 1821 год.)
Годините на смртта на неговите родители не се познати. Семејните корени на отец Аце биле од Струга, а свештеничко образование стекнал во Неготин, во Тимочка Краина, Србија.
По завршувањето на свештеничкиот курс, отец Аце дошол во Прилеп, се оженил со убавата Анна, ќерка на прилепски свештеник, кој уживал почит во Прилеп, па затоа неговото семејство било прочуено не само во Прилеп, туку и подалеку. Според неа, потомството било познато под семејното име, изведено од прекар: „Од Попанана“ – „Од попот на Анна“. Официјалното презиме на прота Панто, според тогашниот егзархиски обичај, најпрво било Ацев, па за време на српската окупација да биде преправено во Ациќ, а по ослободувањето извесно време потомците се презивале Ацески, за денес, по машка линија, да се водат по презимето Попоски.
Колку деца имале отец Аце и презвитерата Анна не е познато, но според семејниот Поменик за покојните, тоа е можно да се претпостави. Нивна рожба бил и прота Панто. Според семејниот Поменик, но и според тврдењето на неговото семејство, тој бил роден во 1849 година, но судејќи според Протоколот за починати при црквата „Свето Благовештение“ од 1922 година, под реден број 284, страница 156, каде што е забележано дека починал на 75-годишна возраст, со сигурност можеме да заклучиме дека тој е роден во 1847 година.
По стекнувањето на основна писменост во некое ќелијно (манастирско) училиште во Прилеп, завршил и свештеничко образование. Се оженил со Елена, која била ќерка единица на Коне (Константин) и Анастасија. Презимето на презвитерата Елена не е познато. Елена од мали нозе останала сирак, па била одгледана и воспитувана од нејзиниот вујко, отец Спасе Игуменов, тогашниот претседател на Прилепската црковна општина (1884-1887) и една маркантна личност во историјата на Македонската Црква.
За жал, неможно е да се дојде до податоци за тоа, каде и какво образование имал завршено отец Панто, но грижата која ја покажале кон своите чеда, доволно сведочи дека тие биле мошне имотни и ученољубиви. Фактот дека е ракополжен за свештеник околу 1900 година, сведочи дека отец Панто извесен период работел како вероучител, а по потреба за квалитетни свештеници, прекинал со вероучителската дејност и бил ракоположен во свештенички чин. Бидејќи во тоа време Прилепската црковна општина била под јурисдикција на Егзархијата, претпоставуваме дека за свештеник бил ракоположен од егзархискиот Митрополит Авксентиј. Отец Панто и презвитерата Елена имале пет деца: Параскева, Катерина, Сотир, Михајло и Љубен.
Да кажеме по некој збор за нивните деца:
Ќерката Параскева завршила Солунска гимназија и била учителка во Прилеп. Судејќи според фотографиите од тоа време, Параскева била учителка во генерацијата на видни интелектуалци и докажани просветни работници во Прилеп. За жал, починала премногу млада, во 1912 година, на 32-годишна возраст, немажена. Погребана е во семејната гробница во Прилеп, заедно со нејзините родители.
Втората ќерка, Катерина, родена е во 1885 година во Прилеп. Божја волја било Катерина да има тежок и макотрпен живот. Во 1911 година таа се омажила за некој богат Прилепчанец, повратник од Америка. Во бракот им се родила ќерката Василка, но девојчето починало и бракот се брзо време се растурил. Во 1923 година се омажила по вторпат, за некој српски офицер Лајко Андреевиќ, кој бил на служба во Прилеп. Во бракот со Лајко им се родила ќерката Гордана. За жал, и со вториот сопруг се развела, па Катерина се мажела и по третпат, овојпат со тутунскиот инженер/технолог Стефан Масникоса, кој бил родум од Кистање кај Шибеник, Хрватска. Катерина починала во 1974 година во Охрид.
Синот Сотир се родил во 1895 година. Прилепчани него го запамтиле по прекарот „Попанана“. Сотир бил мошне едуциран и имотен човек. Во 1930 година се оженил со Зора Симоноска. По ослободувањето на Прилеп, вршел одговорни функции во градот од сферата на финансиите и финансиските контроли. По смртта на родителите, тој го презел управувањето со големиот наследен имот и грижата за сестрата Катерина и помалиот брат Љубен, како и старателството врз внуката од сестра – Гордана. Сотир Попанана останал во Прилеп речиси сиот свој живот. Во бракот со Зора им се родиле Панта-Панче (Прилеп, 1933 – Скопје, 1995), кој работел како професор по психологија; Елена (Прилеп, 1935); Костадин-Кочо (Прилеп, 1936 – Скопје, 2003), дипломиран правник и долгогодишен помошник министер за финансии и Ратка (Прилеп, 1938), која била заболекарка.
Синот Љубен заминал на учење во Хрватска, каде под името Љубомир Поп Ациќ оформил семејство со Јакомина во Риека. Во бракот со неа им се родиле пет деца, но по војната се развел со Јакомина и се преженил во Крижевци, а во вториот брак добил уште четири деца. Бројната челад на Љубен денес е расселена низ цела Хрватска и Германија.
Синот Михајло починал млад, како ерген во Прилеп.
Отец Панто и презвитерата Елена живееле во прилепското маало Воденички камења, на улицата која пред Втората светска војна се викала Цетинска, по Војната – улица 144, а подоцна била преименувана во Орде Чопела. Во близината на нивниот дом биле куќите на Шабановци, Присаѓаните, Алимасковци, Чатлевци, Калојновци, Шикевци…
Во семејниот имот на отец Панто се влегувало низ едно мало вратниче од голема и дрвена порта, која речиси и никогаш целосно не се отворала. Во почетокот на дворот имало две-три простории, кои им служеле како економски дел или коњушници, а подоцна биле преадаптирани за живеење на Катерина и Стефан Масникоса. Во долгиот двор на отец Панто имало и убаво уредена бавча, засадена со круши кантарки, вишни и друго овошје. Низ бавчата се доаѓало до прекрасната куќа со голема веранда, во која по смртта на отецот, живеел неговиот син Сотир Попоски – Попанана со семејството. На куќата се надоврзувале економски простории преполни со бочви со вино и овошје, гулабарник, остатоци од печатница… Во средината на тркалезниот двор се наоѓал бунар, дрвен летниковец со мермерна маса, прекрасни и големи саксии со цвеќиња. Во куќата на отец Панто бил купен и еден од првите грамофони на навивање во Прилеп, а неговиот син поседувал и голема збирка на графитни грамофонски плочи.
Денешните потомци на отец Панто со восхит се сеќаваат на раскажувањата од постарите, како во домот задолжително се читале молитвите пред секој оброк, на иконите по ѕидовите, на богатата библиотека со црковна и световна литература, а посебно во сеќавање им останал прекрасно живописаниот таван со ренесансни приказни на ангели, како и сцени од Светото Писмо на Стариот и Новиот Завет, кои на сите посетители им влевале стравопочит, а малите деца често знаеле овие сцени да ги преточат во слатките сништа, а наредниот ден да ги прераскажуваат со занес и восхит.
Интересно е да се одбележи и фактот што, внуката на отец Панто, од ќерката Катерина, која се викала Гордана, била активен учесник во НОВ и била одликувана со ордени и медали. Гордана немала среќно детство, зашто очувот не сакал да се грижи за неа, а грижата ја префрлил на вујкото Сотир, кој веќе имал сопствено семејство. Скромна и ненаметлива, се придружува на одредите за ослободување на градот Прилеп, но никогаш не сакала да говори за нејзиното активно учество во војната. Гордана е една од ретките жени во Прилеп, која чувала стража при нападот на Участакот, се криела како илегалка, а од бугарскиот фашистички воен суд била осудена на 15 години тешка робија. Гордана била партизанка низ Вардарска и Егејска Македонија и заедно со Крсто Гермов – Шакир Војвода ја имала честа меѓу првите да влезе во ослободениот Прилеп, во 1944 година. По завршувањето на војната, била назначена за раководител на Хидро-метеоролошкиот завод во Охрид, каде што во 1946 година стапила во брак со првоборецот Благој Ангеличин–Жура, во кој брак им се родиле три деца.
Дека Гордана навистина била скромна, чесна и достоинствена жена, воспитана во Божји страв при домот на нејзиниот дедо отец Панто, сведочи и фактот што нејзиниот мираз, чифликот во селото Лагово, го подарила на новонастанатата македонска власт, за која се борела и никогаш не побарала државна или боречка пензија, останувајќи доследна на своите идеали. Нејзиното човекољубие се гледа и од тоа што таа, во повоените години водела грижа за своите роднини од Хрватска, го згрижила при себе братучедот Кочо, кој во Охрид завршил Гимназија, а потоа и Правен факултет во Скопје. Гордана се грижела и за нејзиниот воспитувач и втор родител, вујкото Сотир Попанана, кој во 1963 година, заедно со сопругата Зора, засекогаш го напуштиле Прилеп.
Ќерката на отец Панто – Катерина, по смртта на сопругот Стефан Масникоса, во 1953 година се иселила од Прилеп и се згрижила во Охрид, при домот на ќерката Гордана. Сиот свој имот му го оставила во наследство на братот Сотир. За спомен од домот на нејзиниот татко, таа понесла со себе една касела од 1911 година, сета во кожа, а одвнатре со свила, полна со спомени од нејзината младост: шапки, филигрански накит, боа-пердуви од ној во разни бои за опшивање на робите, неколку шанданчиња за свеќи, како и еден крст-реликвија со изрезбарени претстави на Распетието и ликот на Свети Климент Охридски, богато украсен со сребрен филигран. Катерина до крајот на својот живот останала длабоко побожна жена. Таа била редовен посетител на црквата „Света Богородица–Каменско“ во Охрид. Митрополитот Методиј (Попоски) кон Катерина, како кон свештеничка ќерка, имал нескриена почит и секогаш ѝ укажувал посебна чест.
И за крај, интересно е да се дадат некои податоци и за семејниот Поменик на покојните. Во него се забележани многу имиња, кои можат да послужат за понатамошно следење на семејната лоза на прота Панто. Во него има неколку имиња, пред кои стои запишано ереј: Мице/Михајло, Спасе, Панто, Аце; презвитерките Катерина и Елена, а меѓу другите, спомнати се имињата на: Димитрија, Анна, Димитрија, Јованка, Параскева, Анастасија, Јордан, Михаил, Аце, Јован, Марија, Василикија, Коне, Андон, Димитрија, Марија, Јосиф, Михаил, Спасија, Петар, Василикија… Според Поменикот, дознаваме дека семејството на прота Панто и презвитерата Елена биле во тесни роднински врски со семејствата на Попантовци, Поповци (семејството на Митрополитот Методиј), Магдевци, Саратиновци, Букарчевци, Бакалиновци од Битола… Семејна слава на прота Панто и презвитерата Елена им била Петковден.
Коментирај