Првата богослужба на прота Александар Алинчанец во црквата Свето Благовештение

Протоереј-ставрофор Александар Алинчанец

Протоереј-ставрофор Александар Алинчанец е еден од ретките свештеници, чиј животен и работен век е поврзан со црквата „Свето Благовештение“. Тој во сеќавањето на богољубивите прилепчани засекогаш ќе остане запаметен како отец Ацо.

Роден е на 16 јануари 1940 година, како најстаро дете во домот на многудетните родители Минде и Весела, кои од своите потомци изнедрија уште еден пастир на Христовото стадо, помладиот брат на отец Ацо, прота Димитар. Гледајќи ги маките и тешкотиите со кои се соочувале измачените родители, отец Ацо никогаш не се штедел себе си да им биде втор родител на своите помали браќа и сестри.

Желбата за изучување на Божјата наука, во 1955 година го води во Призренската богословија и истата успешно ја завршува во 1960 година, како еден од најдобрите и најинтелигентни ученици во петтата генерација од петтокласната богословија. Веднаш по завршувањето на учењето, во 1960 година стапува во брак со Лилјана Јолеска од Прилеп, од чиј брак ќе се родат три деца.

На 18 март 1962 година е ракоположен во ѓаконски чин, па поради неговите прекрасни гласовни способности, ќе биде оставен да богослужи како ѓакон се до 27 март 1966 година, кога од Преспанско-битолскиот епископ Климент е ракоположен во свештенички чин. Освен ѓаконската служба, од свештениците од црквата „Свето Благовештение“, бил ангажиран како псалт на сите утрински и вечерни богослужби. Со примањето на свештеничкиот чин ја добил и својата парохиска должност, односно, ја добил парохијата на која долги години пастирствувал протоерејот-ставрофор Ѓорѓи Попоски.

На таа парохија отец Ацо ги помина најубавите години од својот творечки век, оставајќи убави спомени и сеќавања меѓу своите парохијани. Како заслуга за вложениот труд, а заради неговата неуморна работа на Божјата нива, најпрво е произведен во протоерејски чин на 27 август 1972 година од митрополитот Дебарско-кичевски Методиј. Заради својата флексибилност во работата, најпрво бил поставен за старешина во црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп во периодот од 1972-1977 година, потоа бил и архиерејски намесник на прилепското архиерејско намесништо (1977-1989), а извесен период бил поставен и како архијерески заменик на митрополитот Петар (1989-1994). На празникот Пречиста 1998 година, од митрополитот Петар е одликуван со право на носење на граден крст и произведен во протоереј-ставрофор.

По навршувањето на 40-годишен свештенички стаж, во 2002 година отец Ацо почна да ги живее пензионерските денови. Иако пензионер, остана на парохиска должност до 1 октомври 2004 година, кога и званично престана да има парохиски задолженија, но и денес редовно е присутен на сите неделни и празнични богослужби, пренесувајќи им го на помладите генерации свештеници своето богато свештеничко искуство, на начин, на кој само тој може да го направи.

(Преземено од монографијата: „170 години од осветувањето на црквата Свето Благовештение во Прилеп“)

Нема Коментари

Коментирај