ПРИЛЕПЧАНЕЦОТ ИЦКО ФУКАРА – ЧЛЕН НА ЦРКОВНО-УЧИЛИШНАТА ОПШТИНА, ЕВРОПСКИ ПАТНИК И ДОКАЖАН ТРГОВЕЦ
Појавата на црковно-училишната општина во Прилеп тесно е поврзана со времето, кога се вршат подготовките за градба на првата црква во градот. Врз основа на пишаните документи, може да се заклучи дека датумот на постанокот на Општината е постар од годината на градбата на црквата, зашто во 1828 година, Пелагонискиот митрополит Григориј составил список на еромонасите, таксидиотите и игумените на манастирите во Пелагониската епархија и список на парохиските свештеници во Епархијата.
Во почетокот на своето формирање, црковно-училишната општина била составена од осум членови, кои биле претставници на чорбаџиските куќи од градот. Нејзини постојани органи биле црковното настојателство и училишното настојателство. Но, некаде во средината на XIX век, прилепските еснафски здруженија се изјасниле дека повеќе нема да дозволат чорбаџиите сами да назначуваат настојатели. Според тоа, во 1867 година, при одбирањето и формирањето на новото црковно-училишно настојателство, биле повикани и некои видни првенци-мајстори, да присуствуваат на општото чорбаџиско собрание. Тогаш, за првпат, за настојатели биле избрани и членови од еснафите, меѓу кои биле и Мирче Бомбол, Јосиф Крапчев, Диме Граше бојаџијата и Стефан Попов бакалинот.
Според една писмена белешка, која ја цитира А. Стоилов, на 25 март 1869 година, составена е новата градска општина од 12 члена, на чело со свештеник. Имињата на членовите биле: Аџи папа Константин Дингов (претседател), Х. Ангеле Х. Илиов, Јосиф М. Крапчев, Стефан Попов, Јовче К. Тошев, Стојан Ропотоец, Димитриј Х. Наумов, Георги Протоколев, Илија Пиперков, Коста Гезев, Спиридон Д. Пешков, Димитрија И. Биолчев, Илија Д. Здравев (записничар).
Освен овие членови, во различни периоди, членувале и други видни прилепчани: Мирче Бомбол, Јон Геракар, Христо (Ицко) Фукара, Ѓорче Налетов, Наум Црвенко, Тодор Кусев, Илија Кантарџија, Кузман Илиев, Коне Шабанов, Христо Грашев, Мирче Јовков, Марко Цепенков, Коне Попев, Даме Ачков, Христо Јанкулов, Кочо Небреклиев и др. Токму името на Христо (Ицко) Фукара, предизвика поголем интерес кај мене во потрагата на податоци за овој член на Општината и за неговата трговска дејност во периодот на зачетокот и првите години од делувањето на Општината.
Меѓу повеќето некогашни угледни трговски фамилии од Прилеп, забележано е и името на фамилијата Фукаровци, која се занимавала со трговија на одредени житни производи, а најмногу со афион, морфиум и кожа. Оваа фамилија, во XIX век, од Варош се преселила во Прилеп.
Зборот „фукар“ има турско потекло и значи „сиромав“. Овој прекар прв во фамилијата го добил Ицко Апостолов – Фукара. Тој отсекогаш бил сиромав. Ицко, со своите двајца браќа, Илија и Јован, одел аргатин за парче леб кај богатите Турци во Прилеп. По завршувањето на дневната работа, приквечер го прашувале како помина со работата, а потоа веднаш, како да го сожалуваат, му го поставувале и прашањето:
„А бре, ти сиромав, Ицко! За утре што ќе правите со браќа ти, имате на друго место работа или пак дојдете кај мене да работите, да јадите леб!?
Бидејќи така често Турците му се обраќале на сиромавиот Ицко, си останал и прекарот – Фукара. Ицко и Јован биле јаки и здрави мажи и биле способни за тешка физичка работа. Секој ги барал да му работат, зашто работеле вредно и чесно, како да работат на свој имот.
Така, со голем труд и напор, тие успеале да заштедат од оскудниот живот и отвориле трговски дуќан во Прилеп, во близина на саатот. Најпрво, Ицко почнал да тргува со житарици и брашно. Тој имал посебна дарба и стремеж кон оваа трговска дејност и за брзо време се пробил во трговијата. Во Прилеп не можел да прави голема трговија и да остварува приходи, особено од житарицата, зашто во тоа време во Прилеп секој за себе ја произведувал житарицата. Затоа се преориентирал на трговија на големо во познатите трговски центри низ Европа, особено во Солун, Минхен, Лајпциг, Виена и др. Во Виена отворил дури и свое претставништво. Нему не му било тешко да ја води коресподенцијата, бидејќи многу убаво го владеел турскиот јазик и турското писмо, иако бил самоук. За брзо време научил да зборува и германски јазик. Станал прочуен трговец по цела Европа и постојано патувал низ стариот континент. Најголем зенит и трговска слава достигнал откако почнал да тргува со афионско семе и афионски катран – опиум, како и со кожи. Во Виена доаѓале голем број трговци да го запознаат тој голем прилепски трговец – Ицко Фукара. Како вистински господин, тој секогаш бил облечен во потури и ќурк со џебен часовник во елекот и жолти бројаници во рацете. Нему му завидувале дури и европските трговци. Освен претставништвото во Виена, за кусо време Ицко отворил претставништво и во Солун.
Со формирањето на ВМРО во Солун, Ицко станал нејзин член, работел на нејзиното ширење и материјално ја помагал организацијата. Во една од операциите извршени по горењето на Отоманската банка во Солун во 1893 година, Турците го фатиле Ицко, го затвориле и го претепале. Од премногу тепање, тој бил онеспосебен за понатамошна работа. Тогаш ги изгубил видот, слухот, нервно заболел и едвај бил спасен од смртта. Во спасувањето многу му помогнала неговата снаа Марија Фукароска.
Меѓутоа, Ицко најголем стрес доживеал по свршувањето на неговата единствена ќерка Канда. Канда ја свршил за Сотир од Аџи Илија, но од непознати причини, Сотир ја откажал свршувачката и не ја зел за жена. Од срам, Канда се разболела и по кусо време починала. Тогаш Ицко премногу се раазочарал. Решил да ѝ подигне грандиозен споменик. Но, во последен миг се предомислил, па одлучил како завештание за покој на нејзината душа, да ги огради гробиштата со висок ѕид. За таа работа предвидел 200 франги. Додека Ицко се подготвувал да ја реализира својата идеја, прилепските првенци и чорбаџии одлучиле да се почне со изградба на училиштето при црковно-училишната општина. И така, парите што ги планирал за градење на ѕидот околу гробиштата, Ицко ги подарил за градба на училишната зграда, како трајно завештание за покој на неговата ќерка.
Ицко доживеал длабока старост и починал околу 1909 година, на 80 годишна старост.
Освен Ицко, во организацијата на ВМРО активен соработник бил и Илија Фукара. Турската власт ја открила неговата револуционерна дејност и тој во повеќе наврати бил приморан да емигрира во странство. Емигрирал во Србија, каде што бил и убиен. Така завршиле земните животни патеки на двајцата браќа – Ицко и Илија Фукара.
Од трговската дејност на прочуениот прилепски трговец Ицко Фукара, времето не оставило никакви записи. Но, фамилијата на Фукаровци не престанала со трговската дејност и по смртта на Ицко. Во почетокот на ХХ век, трговијата на Фукаровци ја продолжиле Никола и Петре. Овие двајца трговци воделе мали записи, кои успеале да го преживеат времето и да бидат сведоци за нивната трговска дејност.
Една од книгите, која е водена како Дневник за откуп на афионско семе и катран, ни говори дека во априлските денови прилепските, дабничките, варошките и селските ниви се белееле, како да биле покриени со бел чаршав од афионовите шапки.
Ова нешто може да се забележи од показателите за откупеното семе и морфиум. Така, од 10 до 29 јули 1906 година, бил откупен 242 оки афионски катран за 37.202 гроша, или, пак, 17.841 оки афионско семе за 23.000 гроша. Оваа количина била откупена за еден одреден временски период. Целосни податоци, од кои ќе може да се види целокупното годишно производство, за жал, нема. Но, според податоците во откупната книга, интересно е да се забележат прилепските семејства, кои активно се занимавале со одгледување на афион: Илија Небрежанец, Аџи Муно од Заград, Крсте Белазелка, Јован Николов од Дабница, Стеван Анџијата од Прилеп, Андон Козар од Варош, Дане Самарџијата од Варош, Ордан Алваџијата, Коне Чесното од Прилеп, Атанас Брашнар, Никола Бисерко од Варош, Ноне Бисерко од Варош, Тасе Петков и др.
Овие податоци ни говорат дека многу прилепчани го произведувале афионот, и тоа без разлика на професијата и имотната состојба.
Убаво е да се забележи и тоа дека, сеењето на афионот во тоа време било монополско. Секој, кој што сакал да сее афион, морал да извади тескере и да плати 3,20 гроша во вид на такса. За оваа индустриска култура постоела државна такса, која била во вид на царина и изнесувала 12,20% од вредноста, без разлика од каде доаѓала, дали од афионското семе или од катранот. Оваа такса му била задржувана на произведителот при исплатата. На еден ваков начин, значително се намалувале цените на оваа култура. Заради високите такси, почнало да опаѓа производството на афионот и да се заменува со една нова култура. Тоа бил тутунот. Токму во тоа време, тутунот добил далеку повисока цена и поголем приход по декар.
Во 1906 година, Никола и Петре поголем дел од катранот го продавале во Солун. Во една пресметка од месец септември, евидентирано е дека за откуп на катран исплатиле 84.524 гроша. Овде оките не се нагласени, но позната е средната цена за секоја ока дека таа изнесува 120 гроша, што значи дека тогаш откупиле 704 оки катран.
Низ списите на браќата Никола и Петре Фукарови се забележува и трговија со кожи и црева. За да ја развијат својата дејност со кожи и црева, имале добри услови, бидејќи прилепскиот крај, особено Мариово, имало голем сточен фонд на ситна и крупна стока, која обезбедувала големи количини на кожи, кои браќата ги пласирале надвор од Прилеп, особено во Солун и Виена.
Колкава била трговската дејност, како и нивната заработувачка за целото тргување, не можи реално да се согледа, бидејќи за нивното тргување не останале пишани податоци. Постои само една главна книга од 1906 година. Сепак, оваа книга е значајна заради друго. Тука се забележани имињата на сопствениците на фирмите, со кои соработувале. Во главната книга ги има заведено сите прилепски касапи со целокупниот промет за откупените кожи, изразено во грошеви, за секој месец посебно.
Според главната книга, во тоа време прилепски касапи биле: Велко Мариовецот, Петре Матев, Мартин од Ристе, Мишко Гуле, Стеван Гаракар, Алекса Лепавца, Ристе Љапче, Тале Гагале, Ничо Черго, Андон Прдан, Димко Мавца, Петре Алимаска, Илија Ќуран, Ордан Патежја, Димко Бакало, Андон Црвенко, Димче Мрсна, Дане Аче и Милан Иванов „Кака“.
Интересен е и податокот за тоа, какви видови кожи браќата Фукарови откупувале. Најмногу се откупувале јагнешки и јарешки кожи, потоа овчки кожи и стрижени кавлаци (излупена кожа после сончање), како и кожи од јарци. Но, во списокот на откупени кожи имало и такви од зајаци, јазовци и лисици.
Продажбата на кожи браќата ја вршеле низ Европа. Така, во 1907 година на Димитриј Шерфа и Јосе Сарафте во Солун им продале 5.987 јагнешки кожи за 68.427 гроша и 30 пари. Продажбата ја вршеле преку Битолската партида, на која претставник бил Илија Бадев. Во првото полугодие, преку Битолската партида, биле продадени кожи за 211.819 гроша. Кожите ги продавале за злато, а вршеле пресметка со грошеви. Турската лира ја пресметувале на 109 гроша, а франгата на 95 гроша. Пресметките при продажбите ги регулирале со ознаките „ТЛ“ (турски лири) и „ФЗ“ (франги златни). Браќата секогаш работеле со злато, бидејќи вредноста на златото ја сметале како постојана.
Браќата Фукарови со успех ја извршувале трговската дејност сè до Првата светска војна, а со почетокот на војната сè почнува да се менува. Нивната трговија претрпела страшен неуспех, бидејќи сточниот фонд кој постоел, војната го уништила, а полињата со афион биле заменети со тутун. Војната ја уништила нивната трговска дејност, но сепак, името на фамилијата Фукаровци останало во меморијата на Прилеп и прилепчани, како успешни трговци и европски патници, кои значително допринеле за стопанскиот и трговскиот раст на Прилеп и околината.
Протоереј Златко Ангелески
Коментирај