Отец Кирил Стојанов (1931-1935)

Отец Кирил Стојанов

Отец Кирил Стојанов

Мислата дека македонскиот народ национално, социјално-економски, културно-просветно и црковно е онеправдан, била постојан придружник во младите години на отец Кирил Стојанов. Овој достоинствен свештеник, кој секогаш бил на страната на својот народ, а особено во најтешките маки.
Отец Кирил Стојанов е роден е во Прилеп на 29 април 1904 година. Растел и се воспитувал во духот на верско-моралните принципи на Христовата Православна Црква и светлите традиции на страдалниот македонски народ. По завршувањето на основното образование во Прилеп, се запишал во битолската богословија „Свети Јован Богослов“ и истата ја завршил како ученик на првата генерација.

Извесен период работел како службеник, а во 1928 година бил ракоположен во ѓаконски чин. До 1931 година бил парохиски ѓакон во црквата „Свето Благовештение“, а во исто време извршувал и вероучителска дејност. Во 1931 година бил ракоположен за свештеник при истата црква. И како парохиски свештеник продолжил со вероучителството, поучувајќи илјадници благочестиви македонски деца да ја чуваат својата православна вера.

Окупацијата на стара Југославија го затекнала во Скопје, каде што дошол во 1936 година, по едногодишно свештенодејствување во Куманово. И во Скопје за кус период се стекнал со симпатии, не само кај неговите парохијани, туку и кај сите православни христијани.

Со почетокот на Втората светска војна во 1941 година, добил и многу одговорни позадински задачи, зашто бил задоен во духот и идеалите на првиот Илинден – да ја види Македонија како слободна земја. Во 1943 година станал член на Иницијативниот одбор за организирање на народноослободителни одбори. Во 1944 година бил избран за член во првиот Градски народноослободителен одбор. По иницијатива на свештениците и граѓаните на Македонија, бил формиран и Иницијативен одбор за организирање на црковно-духовниот живот во НР Македонија, а токму на тој Одбор отец Кирил бил и прв претседател. Наоѓајќи се на таа функција, имал чест на 4 март 1945 година, во салата на бившиот офицерски дом во Скопје, во присуство на 300 делегати – свештеници и мирјани, да го отвори и да раководи со работата на Првиот црковно-народен собор. Вистинска радост од макотрпната работа и непреспиените ноќи, отец Кирил доживеал на 4-6 октомври 1958 година кога во Македонија бил избран и интронизиран првиот домороден Архиепископ по укинувањето на Охридската архиепископија, господин Доситеј.

Во 1962 година, како докажан и заслужен свештеник, Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква го испраќа во Торонто, Канада, за да помогне во организирањето на црковниот живот на нашите иселеници. И таму веднаш постигнува успеси, зашто тој е главниот организатор во изградбата и осветувањето на велелепниот храм „Свети Климент Охридски“ во Торонто.

За неговиот пастирски труд, во 1974 година отец Кирил бил награден со Спомен-плакета, а во 1977 година добил и Златна плакета од Матицата на иселениците на Македонија за активно учество и придонес во афирмирањето на Македонија и македонската нација.

По неколкугодишно тешко боледување, отец Кирил Стојанов се упокои на 18 ноември 1981 година. Опелото е извршено во црквата „Свети Димитриј“ во Скопје од архиепископот Ангелариј, во сослужение на бројно свештенство од цела Македонија.

Во ликот на протоереј-ставрофор Кирил Стојанов го препознаваме првиот македонски народен свештеник, во кој на чудесен начин е вткаена желбата за црковна и национална слобода. Отец Кирил е вистински пример како треба да се чува духот на традициите и идеалите и како треба да се живее, работи и жртвува за својот народ и својата прадедовска вера.

Нема Коментари

Коментирај