Методија Шаторов – Шарло (Панајот, Стари, Стариот Бугарин – прекар со кого го ословувал Тито) роден е во Прилеп на 10 јануари 1897 година.
Основно образование и Гимназија завршил во Прилеп, во Битола Педагошка школа, а во Скопје 1914/1915 година завршил учителски курс.
При крајот на 1919 година емигрирал во Бугарија. Во 1920 година и се приклучил на Бугарската комунистичка партија (БКП). Во 1923 година зел учество во Септемвриското востание. Во 1925 година бил еден од основачите на ВМРО (Обединета), а подоцна станал активен член на Окружниот комитет за Софија. Во декември 1927 година учествувал на Втората конференција на БКП во Берлин, при што бил избран за член на ЦК на БКП. Кон крајот на 1928 година бил затворен, се до јули 1929 година. По излегувањето од затвор емигрирал во СССР, каде што работел како функционер во Коминтерната.
Во Бугарија илегално се вратил во 1934 година и се вклучил во активностите на ВМРО (Обединета). Во 1935 година повторно се водела постапка против него, како член на Обласниот комитет на ВМРО (Обединета), заедно со Димитар Влахов, Васил Ивановски и други, каде што од судот бил осуден на 5 години затвор и глоба од 50000 лева. По ослободувањето повторно заминал во СССР. Во февруари 1937 година заминал во Париз, каде што останал се до октомври 1939 година, како раководител на задграничниот пункт на ЦК на БКП за учесниците во Шпанската граѓанска војна. Кон крајот на 1939 година се вратил во Прилеп.
Врз основа на договор меѓу КПЈ и Коминтерната, во пролетта 1940 година, Шарло преминал во членство на КПЈ и на Првата партиска конференција за Македонија, одржана на 8 септември, бил избран за политички секретар на ПК КПЈ за Македонија. Учесник бил на Петтата земска конференција на КПЈ во октомври 1940 година во Загреб, на која заедно со Милован Ѓилас и Јосип Броз Тито бил избран за член на ЦК КПЈ. Во мај 1941 година, Шарло го напишал прогласот „Писмо до Стојана“, упатен до Македонскиот народ, кој бил напишан во форма на писмо. Во прогласот се истакнува дека Македонија не е ослободена од бугарските војски, туку дека една туѓа власт е заменета со друга туѓа власт и дека народот, всушност, не ја добил својата слобода. Набрзо потоа, согласно тогашната политика на СССР и Коминтерната, ја приклучил Комунистичката партија во Македонија кон Бугарската комунистичка партија, но се противел на нејзината организациска поделба на два обласни комитети (Скопски и Битолски), аналогно на окупаторската административна поделба, па барал од БКП, партиската организација во Пиринска Македонија да ја припои кон партиската организација во Вардарска Македонија.
На 17 август 1941 година, Методија Шаторов-Шарло свикал партиско советување во Скопје. На ова советување присуствувале секретари на месните комитети во Македонија под бугарската управа. На ова советување, по покана од Шарло, присуствувал Петар Богданов, член на ЦК на Бугарската работничка партија (комунисти), а не бил поканет Драган Павловиќ, делегат на ЦК на КПЈ, кој на 17 август бил присутен во Скопје да присуствува на ова советување. Бане Андреев, учесник на советувањето, го соопштува следното: „Шарло го отвори советувањето и констатира дека од цела Македонија присуствуваат делегати, освен од партиските организации под италијанска окупација. Сите го потврдија ставот на Шарло и на Бугарската работничка партија, па се изјаснија против ставот на Комунистичката партија на Југославија и осудата (од ЦК на КПЈ з.м.) против Шарло. По завршената дискусија и завршниот збор, била поднесена Резолуција од Шарло, со која му се дава доверба, се одобрува неговата досегашна политика и работа, се одобрува политиката на Покраинскиот комитет под неговото раководство, како и приклучувањето на македонската партиска организација на Бугарската работничка партија (комунисти). Сите присутни делегати гласале за Шарловата политика, со што ја одобриле неговата политика, со исклучок на Перо Георгиевски-Чича.
Припојувањето на организацијата за (Вардарска) Македонија кон БКП од страна на Шарло, наишло на осуда кај раководството на КПЈ, кое во врска со тоа реагирало кај Коминтерната. Коминтерната зазела став во прилог на КПЈ, по што Комунистичката партија во Македонија била вратена во составот на КПЈ, а Шарло бил сменет од функцијата секретар на Покраинскиот комитет и бил исклучен од КПЈ. Како причина за тоа е и истакнувањето на паролата за Советска Македонија од Шарло, која била спротивна на тогашната ориентација кон народни фронтови на комунистичките партии и која се сметала за секташки ориентирана.
По исклучувањето од КПЈ, Шарло заминал во Скопскиот партизански одред, но набрзо добил писмо од Покраинското раководство за Македонија да го напушти одредот. Шарло упатил и писмо до ЦК КПЈ, во кое барал да се вклучи во партизанското движење во Македонија, но не добил позитивен одговор. Целосно отфрлен од КПЈ, во октомври Шарло оди во Софиjа, каде што се ставил на располагање на ЦК БКП. Во јануари 1942 година станал секретар на Софискиот окружен комитет на ЦК БКП. До 1944 година извршувал разни задачи во рамките на бугарското антифашистичко движење, при што, меѓу другото, бил политички комесар на Третата оперативна зона со средиште во Пазарџик.
На 4 септември 1944 година, само неколку дена пред ослободувањето на Бугарија од Црвената Армија, при една акција на бугарската војска против партизаните, во фазата на повлекување пред непријателот, Шарло загинал под неразјаснети околности во месноста Милеви Скали кај Пазарџик. Според официјалната верзија, Шарло бил убиен од непријателски оган, но подоцнежните истраги посочуваат на моменти, кои се во спротивност со првобитната верзија. Имено, се знае дека Шарло бил во судир со Љубен Гумнаров и можно е неговото убиство да било испланирано од негова страна, па дури и со знаење на раководството на БКП. Меѓу верзиите што кружат е и таа дека Шарло бил убиен со цел да се одоброволи Југословенското комунистичко раководство, на чело со Јосип Броз Тито.
Шаторов е погребан во Пазарџик, каде што му е подигнат и споменик.
Методија Шаторов-Шарло се смета уште и за еден од најзаслужните, за тоа што Коминтерната и Бугарската комунистичка партија го признале постоењето на Македонскиот народ. Шарло за време на комунистичкиот режим беше оцрнуван како предавник на македонскиот народ и саботер на неговата борба за ослободување.
Дури во ноември 2005 година, на посебно организиран научен собир во МАНУ, тој беше рехабилитиран како македонски борец.
Коментирај