Крсте Јанко Црвенкоски, илустрирал: академски сликар Иван Велков во 1972/73 година

Крсте Црвенкоски

Крсте Црвенкоски (Јанко, Стево), е роден на 16 јули 1921 година во Прилеп, во занаетчиско семејство.
Кон комунистичкото движење пристапува на 14 години, уште како ученик во Гимназија, станувајќи член на СКОЈ во 1935 година. Во 1939 година бил примен во членството на КПЈ и влегол во Месниот комитет за Прилеп. По завршувањето на Гимназијата, по налог на Партијата, се запишал на Филозофскиот факултет во Скопје, но набрзо бил принуден да премине во илегала.

По окупацијата на Југославија во 1941 година зел активно учество во подготовките на востанието и бил учесник, а потоа и политички комесар на Прилепскиот партизански одред, што го извршил нападот од 11 октомври. Во февруари 1942 година бил упатен на работа во заднината на територијата на Македонија под италијанска окупација, но во септември истата година бил уапсен во Гостивар и одведен во затворот во Тирана.

По два неуспешни обиди, Црвенковски во април 1943 година успеал да побегне од затворот и да се префрли во Западна Македонија. Бил именуван за секретар на Обласниот комитет на КПМ за Западна Македонија, а во јули 1944 станал секретар на Покраинскиот комитет на СКОЈ за Македонија. Учествувал во борбите на Првата македонско-косовска бригада, а зел учество и во Февруарскиот поход.

По ослободувањето Црвенковски вршел повеќе раководни функции. Во јануари 1948 година бил избран за член на Политбирото на ЦК СКМ, а во 1951 година бил избран за организациски секретар. Во 1958 година бил избран за министер за просвета и култура во сојузната влада. Во 1963 година, тогашниот секретар на СКМ, Лазар Колишевски, бил повлечен во Белград, а на негово место во јули 1963 година дошол Црвенковски.

Во јуни 1966 година бил именуван за претседател на Комисијата за испитување на работата на државната безбедност, формирана како дел од напорот да се испита и отстрани преголемата моќ на тајната полиција предводена од Александар Ранковиќ. По отстранувањето на Ранковиќ од раководните функции, во Југославија дошло до либерализација, а главен носител во Македонија бил Црвенковски. На Петтиот конгрес на СКМ во ноември 1968 година, Црвенковски бил реизбран на чело на СКМ, но на таа функција останал до март 1969 година, кога повторно бил повикан на работа во Белград, во новоформираното Извршно биро на ЦК на СКЈ. Во овој период Црвенковски станал член на Претседателството на СФРЈ, а во периодот јуни 1971–јуни 1972 билч и потпретседател на Претседателството.

Мандатот на член на Претседателството му завршил во 1974 година, по што повеќе нема да извршува ниту една функција во Федерацијата или во Републиката.

Наспроти политиката на струјата на Лазар Колишевски, политиката на Црвенковски била во насока на поголемо почитување на Македонија во рамките на Југословенската федерација и во таа насока тој се залагал за поголема самостојност на републиките во федерацијата. Во раните седумдесетти им дал поддршка на предводниците на Хрватската пролет, поради што, кога централното југословенско раководство решава да се пресмета со т.н. „либерали“, во Македонија една од главните жртви ќе биде токму тој.

Во 1972 година Црвенковски се повеќе бил напаѓан од догматското крило во Партијата, за во декември истата година на затворен состанок на македонското раководство да биде остро критикуван. На 36-та седница на ЦК СКМ, одржана во јануари 1973 година, Црвенковски се одлучил да изврши своја самокритика, по што му било дозволено да го заврши својот мандат на член на Претседателството на СФРЈ. По завршувањето на мандатот на оваа функција, во мај 1974 година, Црвенковски како политички неподобен ќе биде целосно маргинализиран и нема да врши никаква јавна функција. Во тоа време титоистичката кампања шири пропаганда дека Крсте Црвенковски бил сменет од функција, затоа што му купил „мерцедес“ на синот, а имало обиди преку тогашните медиуми да биде етикетиран и како врховист.

И покрај неговата „Југокомунистичка“ определба, Крсте Црвенковски одиграл значајна ролја во создавањето на МАНУ и прогласувањето на автекефалноста на МПЦ, со што беше формално завршено конституирањето на македонската нација. На почетокот на плурализмот тој бил дел од Иницијативниот одбор за формирање на Социјалдемократската партија на Македонија, но се повлекол уште пред да биде формирана партијата. Остатокот од животот го поминал пишувајќи мемоарски записи.

Татко е на ексминистерот за надворешни работи и амбасадор во Велика Британија, Стево Црвенкоски.

Почина во Скопје на 21 јули 2001 година.

Крсте Црвенковски е и публицист и аналитичар на политичкото и национално движење во Македонија. Ги има објавено следните дела:
- „Проблеми на реформата на универзитетот“ (1959, на српскохрватски јазик);
- „Сојузот на комунистите на Македонија и демократизацијата на општеството“ (1971);
- „Во одбрана на македонската кауза“ (1989);
- „Подводни гребени на политиката: Разговори со Крсте Црвенковски“ (1993);
- „Нашиот поглед за времето на Колишевски“ (заедно со Славко Милосавлевски) (1996);
- „На браникот на македонската самобитност: материјали од политичките разговори за македонското прашање“ (1999);
- „Заробена вистина“ (постхумно, 2003).

Нема Коментари

Коментирај