ОУ „Кире Гаврилоски-Јане“ најпрво е отворено како ОУ „Гоце Делчев“ во учебната 1955/56 година и работело во една зграда, наменета за детски јасли, сопственост на поранешната производна задруга „Трајко Тарцан“ во реонот Ѓогдере. Зградата била пренаменета и прилагодена за работа со ученици. Во училиштето биле опфатени 276 ученици, распоредени во 6 паралелки и една забавишна група.
Во ова училиште, образовно-воспитниот процес го изведувале 7 учители. Прв управител на училиштето бил учителот Пецо Димитриоски. Останати учители биле: Ратка Стојменоска, Спасија Протиќ, Киро Пипиџаноски, Цветанка Кузманоска, Тодорка Тарунџиоска и Цветанка Кузманоска.
Ова училиште функционирало засебно до 1963 година. Во 1964 година, со одлука на Собранието на Општина Прилеп, а во согласност на Советот на училиштето, формирани се две училишта, кои работеле во истата зграда, и тоа ОУ „Гоце Делчев“, чиј управител бил учителот Алексо Смугрески, и ОУ „Кире Гаврилоски-Јане“, чиј управител бил учителот Славе Богатиноски.
Со изградбата на новата училишна зграда, денешното ОУ „Гоце Делчев“, дојде до поделба на учениците и учителскиот кадар, па на таков начин почнаа да функционираат две основни училишта во Прилеп, независни едно од друго, и тоа – ОУ „Кире Гаврилоски-Јане“ и ОУ „Гоце Делчев“.
Коментирај