Казанџиската работилница на Гога Мицески - Амалот

Казанџиски еснаф

Казанџиски занает

Казанџискиот еснаф бил првиот занаетчиски еснаф во кој занаетчиите станале и трговци – тргувале со бакар, калај и сите казанџиски производи.

Казнџискиот занает се состои од изработување на казани, бакарни садови и други предмети од бакар. Садовите во кои се наоѓала храна се калаисувале заради тоа што оксидот на бакарот е отровен.
Казанџискиот занает во Македонија е еден од најстарите занаети на овие простори.
Се смета дека казанџискиот занает потекнува од Персија и Индија кои се богати со бакарна руда. Во Грција прв пат се споменуваат бакарни садови во 3 век пр. н. е., а подоцна преку Грција со овие садови се запознале и Римјаните.
Меѓутоа, во Европа во текот на целиот среден век се користеле земјени садови.
Балканскиот Полуостров, каде бакарните садови ги донеле Турците, бил единствен дел на Европа каде овие садови се произведувале и употребувале. Казанџиите прв пат се споменуваат во XVI век, кога во 1511 година од Сараево за Дубровник за продажба биле извезени 135 „сахани“ (бакарни чинии) кои ги изработиле сараевските казанџии.

Казанџискиот занает во втората половина на XIX и почетокот на XX век го достигнува својот зенит. Меѓу двете светски војни, побарувачката за бакарни предмети постепено слабее. Се јавуваат фабрички производи. Индустријализацијата и модернизацијата влијаат на тивко исчезнување на овој стар занает. Денес казанџиите главно се занимаваат со производство на казани за варење ракија, поправки на постојни производи и сувенири.

Казанџискитe производи биле разновидни и многубројни:

-Казани, арании, бакрачи, котли (големи бакарни садови кои од страните имаат рачки за носење)
-Ѓумови, ибрици, леѓени (садови во кои се носела и чувала вода)
-Лонци, тенџериња, чинии, тави, тепсии, синии (садови во кои се подготвувала храна)
-Ибрици, ѓезвиња, кутии за кафе и шеќер (прибор за послужување кафе)
-Дискоси, кадилници, пехари, казани за крстилница (сакрални предмети)
-Мангали (садови за греење на жар)

Предметите од бакар биле во широка употреба и во градот и на селото. Често имале и декоративна функција, за која цел предметите биле гравирани.

КАЗАНЏИСКИ РАБОТИЛНИЦИ

Централно место во казанџиските работилници заземал огнот на кој се топел бакарот кој се обезбедувал во сирова состојба. После топењето, бакарот со тешки чекани бил развлекуван во табли, а потоа се пристапувало на изработка на одреден предмет. Со оглед дека бакарот е склон на оксидација која се твори отровна метална патина, неопходно е садовите за јадење и пиење да се калаисуваат по изработката.

Суровини
Главни суровини во казанџискиот занает се: бакар, калај и нишадор (амониумов хлорид)

Алати
Во казанџиска работилница најважни алати биле наковална, мевот за дување на огнот, дрвени и метални чекани, казанџиска клешта, турпии и ножици.

Нема Коментари

Коментирај