Селимова-Желчески

Идиличниот пар

Идиличниот пар

Животниот пат на Кевсер Селимова и Ѓорѓи Желчески, првата идилична двојка на нашата народна музика.

Од прилепско Варош-маало и скопска Автокоманда до западноевропските естради.

Учителите, кога завршуваат школските години, стојат малку тажни пред своите ученици. Со навлажени очи минуваат по тие за свечениот ден уредно исчешлани немирни глави и додека треперливо се делат од своите први генерации сигурно тажат.

Сум говорела со многу учителки за тоа што мислат кога се делат со „своите деца“ и тие, обично одмавнуваат со глава, велат: „Ништо особено“. А само по некој ќе признае дека тогаш толкупати помислуваат како, ете, тоа нивно учениче еден ден ќе стане голем научник, или добар мајстор во својот занает, или храбар летач, успешен спортист, популарен пеач или вреден домаќин.

Кој може да каже што ѝ се роело в глава на основната учителка Пандора Радуновиќ, кога пред малку повеќе од 22 години во осумгодишното училиште „Климент Охридски“ во Прилеп се делеше од своите првачиња?

Можеби големи мисли ѝ ја матеа главата: тоа беше прва генерација ученици што го започнуваа школувањето така за да го завршат во слободна татковина, на мајчин јазик.

Возможно ли е да мислела нешто на Ѓорѓи Желчески кога му ја подаваше книгата „Малиот Гаврош“ како награда за одличен успех и примерно поведение на крајот од учебната 1945/46 година?

СИМБОЛИКА

Тоа набиено со живот, црномурно Варошмаалче дури многу подоцна ќе го види Гавроша на филм, а сепак, никогаш нема да помисли дека малку од тој гаврошки живот ќе почувствува и на своја кожа, одејќи по турнеи низ места каде ни хонорарите не беа големи, ни собите топли, ни храната изобилна.

Добрата учителка Пандора Радуновиќ, за која Желчески се сеќава само низ убави спомени, сигурно не можела да мисли на таква симболика. Првиот успех што Желчевски го постигна, на училиште, го запозна со Гавроша. Вториот, многу години подоцна, ќе го натера малку по неговиот пат.

Секогаш врвиците до популарноста, до успехот, до бројните покани за концерти, до гостувањата во странство, до аплаузите и до она што се вика пробив – одат по куса или долга делница покриена со трња.

Но, до создавањето на сега прочуениот дует Желчески-Селимова ќе поминат години…

ПРВА „ПЕСНА“

Ѓорги Желчески е роден на 16 ноември 1938 година во Прилеп, во Варошко маало, како прво од трите машки деца на Спасија и Благоја Желчески. За поштенскиот службеник Благоја, наследникот беше радост каква може само да се замисли:

Детето беше „жив огин“, прооде на шестипол месеци, со првите заби веќе тука, доволно јаки да ги грицкаат корките леб. „Пропеа“ со чисти зборови „мама“ и „баба“ веќе на осум месеци и дома, на шега, велеа: „овој, ја авукат, ја пеач ќе биде кога вака рано продрдоpe“.

Продрдоре и потоа почна да се развива полека, во вителот на војната, кога игрите не беа вистински игри, кога животот не вредеше многу и кога се работеше поприлично да се заработи за живот.

- Кога имав 7 или 8 години, малку по прво одделение, првпат појдов на тутун, како и мнозинството Прилепчанчиња, – вели Желчески. – Тогаш немаше многу дискусии, секоја рака, па и детска, беше голема помош на нива. Со другарите, а никогаш нема да ги заборавам моите први нај – пријатели Томе Ковилоски, Думбалески и Самарџиоски, игравме челик и мижи-татара и шуткавме парталава топка и сѐ беше обично и убаво.

- Многу сакав да играм фудбал, а многупати се обидував да вежбам. Меѓутоа ме фати несреќа: некаква жлезда ми излезе на ногата. Лекарите или бабите рекоа дека тоа било затоа што многу рано сум проодел, но јас знам дека цела една година се лекував. Ми беше страшно.

- Можеби затоа учев многу, – ce насмевнува сега пеачот.

Кога завршив осумгодишно училиште добив рачен часовник како награда. Тоа беше доживување, мој најпријатен момент од детството. Кога го однесов дома, мајка ми, татко ми, сите – да ги видовте само – беа облеани со гордост…

Ех, тоа не беше „Луис Дор“, – се шегува Желчески, – какви што сега вие давате на конкурс, позлатени, но за мене тоа беше највредниот часовник на светот.

И јасно, за таков добар ученик секогаш се наоѓаат „дополнителни задачи“. Желчески, кој од секогаш сакаше музика, тогаш појде „во музичко“. Беше тоа голем настан за него, а и за цел Прилеп. Еве зошто.

Риташе топка ЃОРЃИ ЖЕЛЧЕСКИ но мислеше и на музика; сакаше да свири, да пее, да се плетка со оркестри. Беше едноставно музикален тип. Еден ден, уште додека децата в миг решаваат за своите судбини, низ Прилеп се расчу дека во градот ќе се отвора Музичко училиште. Тоа беше вистински настан, се возбудија децата, се возбудија родителите, како да доаѓа најголемиот циркус на светот!

- Убаво се сеќавам дека беше распишан конкурс за прием на ученици во І Музичко училиште. Навалија богами некои 2.000 деца да се запишуваат во него. А се знаеше не може да се примаат повеќе од 100 или така нешто кандидати. Многу сакав да се запишам, – вели Желчески.

Сакањето е едно, а можностите друго. Можеби неговиот наставник по француски јазик Најчески, кого тој го памети како многу срдечен и со секој ученик присен учител, му има помогнато да се одлучи да конкурира. Но, како и да е, кога резултатите од големиот конкурс се појавија на таблите – во долгите колони имиња (примени 120 кандидати), поткревајќи се на прсти Ѓорѓи Желчески го пронајде и своето!

ЖЕЛБА

- Кога ќе легнев навечер, уште додека ми беа првите денови на второто училиште, а во главата ми ѕунеа до-ре-ми-фа-сол скалите и тактовите од сол-феж, сон не ме фаќаше со денови. Тогаш читав повеќе, одев на кино понекогаш, слушав радио и за мене немаше послатка работа да си легнам навечер и покриен до нос да замижам и да замислувам како еден ден ќе станам голем музичар како Луис Армстронг или пеач како Марио Ланца. Боже, како се убави тие детски сништа…

Го запишаа да свири виолина зашто таа некако може да се купи, и на старо ако треба. Неговата прва тој ја доби подарок.

- Татко ми служел војска во Загреб, таму некаде 6-7 години пред војната, и во својата касарна свирел труба. Полека се спријателил со еден загрепчанец, инаку и тој музичар, Ивица Гал, кој, наеднаш, како да поднал од небо се најде во Прилеп. Цели 15 години по разделбата со татко ми. Направија дома голем џумбус, а кога по вторпат Ивица Гал дојде во Прилеп – ми ја остави својата виолина како подарок. И така се комплетирав за музичко: имав виолина, слух и волја. Но, тогаш не мислев да пеам: ми беше добро со виолината.

Но човек не знае што носи денот, а што ноќта.

НАГОВОР

Ѓорѓи Желчески е страшно комуникативен човек. Мислам дека може да склопи пријателство, срдечно познанство пред да трепнеш со очи. Како извидник уживаше да игра, но и да работи, со фудбалерите на „Победа“ Дисоски и Јакимоски спиеше во еден шатор на логорување, а сепак мислата не му беше само топка, туку сакаше и шаторот да биде тип-топ. Ги пофалија за најдобро уреден и најчист шатор на логорувањето. Секогаш одеше на биваци, на излети, сакаше другари и другарите го сакаа.

Затоа и 1955 година појде на акција на мелиорација на Црна Река. Тоа како да беше една од последните доброволни работни младински акции во Републиката. Ако не појдеше веројатно никогаш не ќе пропееше вистински.

Имено, таму тој го раководоше оркестарот. Свиреше виолина, но дотогаш не беше пеел. А ден пред приредбата солистот што требаше да настапи со сите песни – се разболе. И тогаш другарите му Панче Кангалов, Димче Атанасов, Гајдов и други од неговиот клас почнале да го наговараат да пее.

Пеел, пожнеал снопја аплаузи и завршил прашувајќи се дали не може тој малку да се префрли на песна, наместо да струже по виолината која осем ако не си Давид Ојстрајх не донесува баш многу слава? И додека да се врати во Прилеп таа мисла ќе му се плетка низ глава.

Немил настан поврзан со професорот по хемија Томе Тонтола ќе го забрза остварувањето на тој негов нов позив. Имено, макаршто многу добар ученик по сите предмети, Желчески ќе забележи двојка (тогаш слаба оцена), зашто Мендељеевиот систем не му бил баш најјасна работа, ќе појде на полагање и – ќе падне на поправниот. Тоа за него значеше напуштање на Прилеп. Прилеп тогаш за младиот ентузијаст не значеше само татков дом, туку и прва љубов со Лилјана Дамеска, стари пријатели и сигурност. Скопје го очекуваше како голем град во кој тој треба да почне од „A“.

Секогаш е тешко да се напушта родниот град, семејството, браќата, другарите, првата љубов. Ѓорѓи Желчески тогаш се сакаше со Лилјана Дамеска, ученичка од неговиот клас. Љубов чиста, исполнета со прошетки и испраќања до дома, другарски игри и веселби.

И наеднаш треба да замине во големиот град, да најде место во интернат, да почне да учи нешто неприфатливо зашто училиштето за санитарни техничари и болничари беше најпоследното во кое Ѓорѓи сакаше да се најде од каде да црпе нови знаења.

- Ми беше тешко. Сѐ ми беше туѓо. Бев уште дете, – вели Желчески, – мислев многу на сé што остана зад мене Во Прилеп. Навечер се претепував тивко плачејќи во интернатот, а на мајка ми и пишував како сѐ е убаво и како не треба за ништо да се грижи. Ќе беше глупаво да ја тормозам кога таа сеедно не можеше да ми помогне.

- Потоа полека почнав да се навикнувам. Најдов другари. Беше тоа 1956 година. Радио Скопје тогаш организираше „Микрофонот е Ваш“ приредби, и мене ме поттикнаа да се јавам на една таква. Коста Смилески, Љупчо Пандилов и Панче Кангалов, кој учеше со мене, ми велеа дека ќе бидам будала ако не се јавам.

- По упорно убедување – појдов, пеев и на мое големо чудо освоив прво место на таа приредба. Луѓето ме чуја и еден ден од Радио-Скопје ме викнаа на аудиција, да пеам за нив. Бев страшен тремаџија тогаш. Ме затворија сам во соба, меѓу четири ѕида, а надвор 250 кандидати чекаа да се опробаат и да станат пеачи на Радио-Скопје. Тогаш пеев две песни: „Орал дедо“ и „До три пушки пукнаа“.

- Беше истоштувачко да се чека. На крај: четворица примени, јас прв меѓу нив! Боже, си реков, зар и ова може.

Навистина можеше. И почна, покрај училиштето и наставата во бели мантили, да оди на проби, да снима, да проба, да излегува на по некое гостување што пеачите на Радио-Скопје го правеа по Републиката, со еден збор да се учи да станува добар пеач за публика.

Тогаш ќе го добие и првиот хонорар. За ученик во интернат тоа беа големи пари во тој обичен, но за него прекрасен есенски ден кога среќата му се насмевнуваше. А тогаш веќе почнаа и настаните да течат многу поживо.

Тој веќе беше студент на Вишата педагошка школа на отсекот за биологија и хемија, а пари требаа повеќе отколку кога се наоѓаше во интернатот кај Мала станица во Скопје. Сакаше да се облече. На Радио-Скопје не му требаа секој ден нови плочи, а нему чиста кошула – да. Така тој настапи на натпреварот на сите радио-пеачи во Работнички дом (1960 година) и пред сите асови ја освои првата награда. Тоа му беше виза за приклучување кон ансамблот „Екрем Асановски“.

Ако во Радио-Скопје немаше многу работа – кај Екрема имаше и преку мерка. Во тој млад „музички не сосема зрел ансамбл, но со луѓе полни со волја и љубов за работа“, Ѓорѓи почна да го надополнува своето скромно музичко знаење. Од Асановски добиваше по 5000 тогашни динари за концерт, во она време доста за да живее пристоен живот како млад пеач. Почна да оди по турнеи низ Југославија.

Животот на пеачите што одат од град во град од турнеа во турнеа не е „мед и млеко“. Тогаш понајмалку, зашто популарните состави обично ги бараат во помали градови, каде ретко има „програм“, но каде никогаш нема добар хотел да се одмориш пред и после програмата. Само другарството ги држи луѓето заедно. И желбата да се извади доволно пари за да може еден ден да се направи „свој состав“.

Така, шетајќи еден ден во 1961 во Титово Ужице, на прослава на денот на Републиката, ќе ја сретне Кевсер Селимова, но нема да ѝ обрне многу внимание. На крај ум не му било дека со неа, едвај по година-две ќе почне да дели добро и зло и дека ќе станат најидиличниот пеачки дует во земјата.

- Еден ден се најдовме во Шабац, – раскажува Желчески, кога ни дојде пеачката Стојанка Коџобашева, ми се чини пред концерт беше, па ни вака: „Јас ќе си одам, решив да се мажам“. Нас шлог нѐ удри. Мислевме се шегува, кога после концертот навистина довлече некој човек кај нас, вели: „Од вечерва не сметајте повеќе на мене, си одам, овој ќе ми биде маж“. И отиде. Тогаш почнавме да мислиме кого да земеме. Ce одлучивме на Кевсер. Така е тоа во животот.

Дури и многу покомпликувано. Но Желчевски не сака да зборува за тие работи.

Кевсер Селимова е скопјанка од Автокоманда, родена во трошна предградска куќа во оние буровити времиња на четириесетипеттата. Нејзиното доаѓање на свет не беше радост за многумина, едвај дали и за татко ѝ Јашар и мајка ѝ Фикрија: Кевсер е едно од шесте деца на Селимови.

Но, кога е веќе тука, што се вели по Алахова милост, тогаш нека е со среќа! Кевсер имаше среќа. И ум. По кривулести и правливи улици на Автокоманда растеше Кевсер Селимова, но додека беше во осумгодишно училиште повеќе седеше „да загрева столица“ отколку да се талка лево-десно.

Заврши осумгодишно училиште, заврши две години средно-музичко училиште и ја поканија во Театарот на народностите и почна да оди по сцена како млада артистка. Кога ќе се вратела дома не секогаш ја дочекувале со насмевки и поткрепа, но основно е едно: кај Селимови секогаш добро поминувале оние што во семејството внесувале убава расположба и песна. А Кевсер секогаш доаѓала со такви гости во скромната куќа на татка си.

УПОРНА УБАВИЦА

За Кевсер луѓето секогаш велеле дека е убава, а таа е заводлива убавица и сега во својата 23-та година. Покрај тоа, таа е од оние убавици кои не се користат само со она што го имаат најлесно на дофат рака, туку ползуваат и други квалитети. Пред сé упорност.

Младата Селимова упорно работеше на својот глас колку што тоа ѝ го позволуваа можностите, одеше на разни младински културно-уметнички смотри без да чека како „звезда“ да ја молат да настапи, туку неснебивливо качувајќи се на импровизираните бини и нездржливо собирајќи грстови аплаузи. И први места на тие натпревари.

Во 1960 година го освои и првото место на ученичките смотри во Скопје пеејќи ја индиската песна „Сум, сум, сум“ – сосема достатно да им покаже на луѓето од „Кочо Рацин“ и „Орце Николов“ дека можат во неа да најдат убаво пеачко зајакнување. Кевсер Селимова почна со нив да патува, а турнеите еден ден ја донесоа до Титово Ужице. Во револуционерниот град се одржуваше голема свеченост, дури и Претседателот на Републиката беше таму, ја забележаа, но ја оставија да досозрева: таа тогаш имаше едвај 15 години.

Но кога две години подоцна Стојанка Коџобашиева му рече на Екрем Асановски дека повеќе не ќе настапува зашто се мажи – овој состав се сети на русокосата неснебивлива убавица Селимова и ѝ понуди да дојде кај нив и да почне да пее.

СРЕЌНА ЅВЕЗДА?

Асановски знаеше што прави: на неговиот ансамбл му требаше ново и свежо име, кое покрај ветераните Анка Гиева и Никола Бадев и веќе прифатениот Ѓорѓи Желчевски ќе ја краси тиарата на пробивниот музичар и менаџер. Кевсер му беше одличен избор. Веднаш штом таа се сложи појдоа на турнеа низ Југославија.

Асановски има уште една заслуга за создавањето на големиот дует пеачи на народни песни: тој оцени дека публиката со поголеми симпатии ќе ги прими Желчевски и Селимова, отколку ако тие пеат одделно. Беа млади, убави, сé уште имуни на триковите на искусните пеачи, а одозгора и симпатични. Тој знаеше да ја искористи трудољубивоста и упорноста на двајцата: со денови идниот дует подготвуваше се нови и понови песни, брзо создавајќи голем репертоар мелодии.

Другите велеа дека Кевсер е родена под среќна ѕвезда и затоа така лесно постигнува успеси, но таа знаеше да работи и тогаш кога ѕвездите на небото го губеа својот сјај во зарозовените зорнини.

Во такви моменти таа немаше никој друг крај себе, осем еден исто така млад пеач, упорен, со огромна желба да направи кариера. Пеач кој се викаше Ѓорѓи Желчевски. Пеач, реков, со желба но и со шарм, со топлина и со љубов во очите.

Желчевски, тој инаку отресит млад маж, се снебива кога станува збор за нив двајца. Мрмори нешто, избегнува да дава конкретни одговори и се префрла на други разговори, макаршто цела Југославија знае дека тие двајцата водат долга, таинствена и чудна љубов веќе со години. Некои велат дека тие двајцата скришно собираат милиони за да направат голем стан во Белград, други велат дека Желчевски ќе се повлече, а трети пак надоврзуваат дека неговото семејство треба да ја одобри нивната врска.

Кевсер и Ѓорѓи молчат. Повеќе сакаат да говорат за нивните „понеутрални“ доживувања. Но куќа во Белград ќе се гради…

Во 1963 година тие веќе добија покана да појдат на турнеа по Бугарија. За нив тогаш тоа беше „ангажман во странство“ и за него се подготвуваа сериозно. Почнаа дури да прават планови како ќе ја освојат „Европа“ – кога едно утро, во тоа долго, спарно,врело лето грчеви го протресоа Скопје, смрт се разлеа по градот, во кој трошната куќарка на Селимови беше само илјадита бројка на разурнат дом.

Кевсер беше дома. Кoгa го почувствува првиот потрес, избезумена скокна од нискиот прозорец, секунди пред да се струполи во облаци прав керпичијата зад неа. Емотивна до крајност таа се онесвести. Цела недела остана во шок-соба, или подобро кажано во шок-шатор импровизираната болница.

МАЧНИ ДЕНОВИ

За Кевсер тоа беа мачни дена: Ѓорѓи мораше да замине за Бугарија (дружба е дружба…) зашто таму го чекаше 2-месечен ангажман, а таа остана во болница.

- „Што сé не ми минуваше низ глава тогаш, – вели Селимова, ми се одеше да фатам авион за да го стигнам таму, но не знаев каде, а бев премногу слаба да патувам“.

По еден месец таа сепак најде сили, го стигна во Пловдив, настапија за првпат на телевизија, добиваа цвеќа и аплаузи, а 25-те лева од концерт им ce чинеа голема пара. Кога по еден урнебесен концерт во Универзалната сала во Софија директорот на грамофонската куќа „Балкантон“ им понуди да снимат две плочи – им се стори дека некој се шегува со нив.

- Мислевме дека сме набасале на златна жица, – вели сега Желчевски! Да пееме за странска грамофонска издавачка куќа! Така од секогаш замислувавме дека ќе дојде до успехот. Кога, се испостави дека макаршто исплатени по највисока возможна бугарска тарифа од 25 лева за една песна – не може да добиеме повеќе од 200 лева секој. Сепак, тоа беше нешто: над сé значеше дека сме добри – инаку не би нѐ канеле да пееме, нели?

ПРВИ „ЗЛАТНИ ПЛОЧИ“

Ако е вистина дека првите кучиња се фрлаат во вода – тогаш првите хонорари се фрлаат на сувенири. И малку на гардероба, макаршто пеачите на народни песни немаат големи проблеми кога настапуваат на вистински концерти зашто облекуваат народни носии.

Вратени од Бугарија, Желчевски и Селимова почнаа да размислуваат за плоча кај нас, за тоа дека треба да одделат средства за менажер (нивните бројни и скапи црно-бели и колор фотографии сега им ги прави братот на Ѓорѓи, кој е многу добар мајстор на фотографијата) и за пропаганда. И додека размислуваа за тоа – дојде понуда од Југотон.

Ги побара композиторот-продуцент Драгомир Ристиќ. Тој им нарача три плочи: по една самостојна и една дуетна. Во тоа време отприлика се замеша и хармоникашот и ентузијаст Душко Радетиќ, а малку по него и
ансамблите на „Царевац“ и Милета Урошевиќ побараа Селимова и Желчевски да пеат за нив.

„Битола мој роден крај“ и „Туѓината пуста да остане“ им ги донесоа првите златни плочи, на концертите веќе добиваа по 30.000 (додуша стари) динари секој – животот почна да заличува на сон.

НИКОГАШ ДОСТА

Секогаш е така – кога ќе појде тогаш оди како лудо. Снимија песни за Радио-Скопје, во Радио-Белград го дотераа репертоарот на 50 народни песни, одеа секаде каде ќе ги поканеа, но сега имаа пари за комфорни хотели и за штедри бакшиши. Но немаа нешто друго: вистинска покана за гостување, покана за „големо странство“. Дури и тоа некако знаеја дека ќе дојде, но остануваше друга покана што се чека понестрпливо, покана да се замине на гости, а не на гостување во Прилеп.

Еден од бројните пријатели на Желчевски вели дека тие двајцата се најидиличен и најтрагичен дует и љубовна двојка на домашната естрада, нешто налик на Ромео и Јулија. Желчевски, без да се труди да звучи многу убедливо… одречува такви компарации.

Тој повеќе сака да зборува како Кевсер страшно сака да готви, дека кога не би била пеачка би можела да стане голема кулинарка. Говори како таа ужива да патува, особено по Западна Европа, дека ги мрази лошите хотели, дека има манија да одбира најлуксузни без да прашува колку чини ноќевањето, дека таа сака да си купи голема куќа во Белград…

Вели дека за Нова Година би оделе на Хавајските острови (ако не настапуваат некаде), дека на Кевсер за роденден ќе ѝ купи огромен букет трендафили (го консултирав „Речникот на цвеќињата“ и тој вели дека некои
трендафили значат „каприциозна убавина“, а други говорат за „задоволство помешано со болка“).

Желчевски ќе мора да внимава какви трендафили ќе ѝ подари за нејзиниот роденден. Белиот трендафил со многу пупки значи тајна. Изгледа дека Кевсер Селимова ќе ги добие цел грст.

МАРИЈА ЦВЕТКОВА-ПОПОВА

(Фељтонот е објавен во дневниот весник „Вечер“ во 1968 година)

Нема Коментари

Коментирај