Меѓу заблудите и вистините
„ГОСПОДОВИОТ ПРАТЕНИК“ ВО ПРИЛЕП
Секој петок во Прилеп е верски панаѓур: доаѓаат болни од Скопје, Струмица, Битола, Тетово, Ниш…
Ги лекува младата прилепчанка Лила Јовановска
Каква е таа заблуда која добива неверојатни размери
Тоа што се случува – се случува само во петок: од изутрина, па додека има „муштерии“. Непрегледна долга река од илјадници машки и женски свет трча кон веќе познатото „божјо изворче“, таму во непосредна близина на конзервираната црква „Св. Никола“, во самото подножје на интегралната населба на Прилеп – Варош.
Една релативно млада жена на 31-годишна возраст – Лила Јованоска, прилично крупна, русокоса, застаната веднаш до самиот ѕид, што го дели и поврзува една вечно заклучена дрвена врата, најпрвин со бел обичен филџан, а потоа исто така со бела обична пластична чаша, црпи вода од изворчето, па потоа ги попрскува сите оние што ѝ се на дофат на рацете.
А, тука – на дофат на нејзините раце вистинска толпа. Старци подаваат беспомошно раце, жени врискаат од мешаницата, деца плачат од турканицата… сите тие сакаат да бидат попрскани од чудотворната „вода што лекува“.
Нивниот број изнесува некаде околу илјада, две… Ги има од секаде: слушнале во Белград за Лила и нејзиниот сон еве петмина со црн „Мерцедес”. Слушнале од Скопје, од Ниш, Тетово, Струмица… Доаѓаат со „Фиќа“, „Шкоди“, „Опели“…
„ВЕРЗИЈАТА НА ЧУДНИОТ СОН“
Што е тоа што премногу ги привлекува луѓето на тоа незначајно место, покрај една стара историска вредна црква за која никој од прилепчаните не се интересира, а го мами едно неугледно ископано „изворче” од кое излегува одвај „една чаша вода“?
За вакви и – слични на нив „бомби“, доволно е само една клечка кибрит за од сето тоа да се направи вистински „сензационален пожар“. По тоа ниту знаеш кој ја лансирал веста, ниту пак можеш да ѝ ставиш крај на нејзиното ширење.
Одеднаш – низ Прилеп почнаа да ce шират громовити приказни за младата жена која во четврток навечер сонувала светци, кои постојано ѝ сугерирале „да појде на тоа и тоа место, да ископа дупка, а потоа од неа ќе потече вода со која ќе може да лекува секакви болести, а најмногу ќе излекува – глувонеми, парализирани, слепи и слично“.
Жената првиот пат не ги послушала светците. Вториот петок пак ѝ се јавиле светци. Меѓутоа, по ова младата жена „онемела“. Сите нејзини домашни се зачудиле. Жената зела молив и на хартија напишала: „Сето ова ми се случува, затоа што не одам таму каде што во сон ми велат светците“!
…И тргнала – рано наутро, во петок. Таму некаде кај Тутунскиот комбинат, од живата ограда истрчал некаков голем зелен гуштер и ѝ се качил на левото рамо. Жените околу неа спискале. Таа ги смирила: „Не плашете се, овој гуштер ми дава на знаење дека во близината има дете што не може да зборува, треба да дојде да го измијам со водата и ќе прозбори“.
Така – верзија до верзија. „Вода во изворчето има само таа кога е тука, потоа – водата – секнува”.
Или: „Штом некој ќе ја измати водата, со тоа што несмесно ќе му падне камен во
изворчето, таа веднаш со нејзината моќ може да ја избистри“.
Стотици и стотици, здрави и нездрави луѓе цел еден свет од наивни, кои во рацете носат свеќи што треба да ги запалат на самото изворче.
Доаѓаат и оставаат едно чудо пари – кој колку има: илјадарка, пет илјадарка, банка,
стотка.
Тој петок, Лила Јовановска направила промет од 250.000 стари динари! Парите ѝ ги дала на некоја сиромашна жена-сосетка, но вечерта веднаш ѝ дошле светците
на сон и…
„Врати ги парите, чувај ги кај тебе, а потоа ние ќе ти кажеме што ќе направиш со нив“!
Во петокот на 6 јуни уште од раните утрински часови – колона луѓе, повеќе жени и деца, просто со трчање ја искачуваа угорнината на Варош.
Слика вообичаена само за празнични дни, кога луѓето одат на викенд. Патем сите нивни мисли се окупирани околу „божјиот извор на Лила“, околу десетиците верзии за нејзиниот „чудесен сои“, околу магичната сила на водата што не ја видел никој, а со толкав занес и воодушевување зборува за неа.
Уште погоре – таму каде што асфалтниот пат од Прилеп за Кичево дели едно нерамно сокаче, веднаш, над познатите „варошки меани“, стојат паркирани десетици лесни возила.
Веднаш во очи паѓа убавата, естетски конзервирана црква од голема историска вредност „Св. Никола“ – некогашна старословенска градба од непроценлива корист не само за историчарите, туку и за археолозите.
Рустикалноста на камените ѕидови – восхитува.
Меѓутоа, сето ова е најмалку важно. Од северната страна на црквата, таму каде што е означен влезот, вечно заклучен со дебели катанци, стотици, илјадници луѓе се туркаат кој побрзо, кој повеќе да се попрска со „чудесната вода“.
Ако некој нема ред – со „привилегија“ не може да се доближи до изворчето. Тука се гази, се турка, тука никој никого не поштедува.
Одвај некако успеав да се качам на повисокиот ѕид и тоа благодарение на едно момче што ми подаде рака. Оттука сѐ може да се види, само не лицето на „чудесната Лила“. А таа со беспрекорна работливост, ладнокрвно и мирно најпрво црпи вода со филџанот, потоа ја става во пластичната бела чаша и секого по малку прска по лицето, рацете, нозете, алиштата – сите во нејзината близина.
Фрчат пари: илјадарка, стотка, петилјадарка…
Една дарежлива жена од Белград – остава црвена десетилјадарка.
МАЃЕПСНИОТ КРАТЕР НА ИЗВОРЧЕТО
Сé што гледа окото е – толку просто, толку едноставно: тоа изворче и не е изворче. Ископана е дупка од околу 20-30 сантиметри, косо, веднаш до самиот камен-ѕид. Создаден е еден мал „кратер“, ограден со плочи, нафрлени една врз друга.
Потпрени на ѕидот стојат две икони на светецот „Никола“, од страните постојано горат свеќи донесени од оние кои чекаат спас за здравје.
Една млада мајка бара помош некој да ѝ го извлече детето од турканицата, откако „Лила го целувала сo водата“. Еден друг тешко парализиран старец дојден од Тетово, цврсто се држи за раката на својот 30-годишен син, како да сака да каже дека му недостига воздух, зашто попаднал во немилосрдниот хаос на толпата луѓе.
Една жена е многу далеку. Никако не може да дојде на ред.
Ги моли момчињата што се на нејзиниот дофат, да земат една блуза, за да ја попрска Лила со водата.
Одовде доаѓа „абер“ дека Лила не прска, ако не се дојде во нејзина непосредна близина.
- Можеби зашто треба да се остават пари, – забележува момчето до мене, кое внимателно ја следи целата оваа „сеанса“.
СЕПАК ИМА „ПРИВИЛЕГИИ“
Ентузијазмот, огромниот работен ефект со кој „оперира“ младата жена, зачудува. Никогаш збунета, никогаш изморена; како да има некоја латентна сила што ја тера да издржи, таква е таа „чудотворна Лила“, млада жена која ги вознемири дури и оние кои „вечно се зарекле да бидат против Господ“.
Меѓутоа, мене ме интересираше нешто друго: да видам дали, таа иста Лила, ќе го одржи својот „став“ никој да нема никаква привилегија, што се однесува до „прскањето на алиштата на болните“. Меѓутоа, изгледа дека и кај „Господ нема правда“!
Задишено младо момче излегува од една штипска „Шкода“ трча до ѕидот, се навалува на едната страна и ја моли жената што е пред Лила да посредува и да ,,натопи“ едно шамивче од болната жена што седи на предното седиште во „Шкодата“ и не може да дојде до изворчето.
Лила е „зафатена“, но стрпливо ја слуша пораката од пријателката. Одобрува со главата. Момчето одново трча до колата, го зема шамивчето и Лила го попрскува со вода.
- А зошто мене не ме услужи, – се буни жената, која никако не можеше да дојде до изворчето?
- Дај ја блузата и подготви пари, вели жената, па ќе ѝ речам и тебе да те услужи.
Од тој момент, Лила почна да прави и такви услуги.
По сé, откако целата „миса“ беше завршена, Лила собра во најлонската кеса промет од над 250.000 динари.
- Знам треба да се биде мудар. Не треба – сега па ајде на развод. Меѓутоа, разберете ме мене, во каква ситуација се наоѓам? На работа, на улица, во кафеана… луѓе, инсистираат, бараат да им кажам, да им објаснам. А, јас знам можеби помалку од нив. Што ме мешаат мене?
Еден сопруг во Прилеп, навистина нема мир. Дали е тој за тоа виновен? Досегашниот здрав брак е разнишан, токму поради една заблуда. Правејќи едно – Лила Јованоска може да загуби друго.
Од она што луѓето го прикажуваат – до вистината, навистина за некои работи е многу тешко да се дојде. Меѓутоа, во оваа, да ја наречеме „верска заблуда“, има нешто феноменално.
- Кога ја нема Лила кај изворчето, водата секнува… велат речиси сите што зборуваат за тоа!
И навистина така е – кога е таа тука, водата постојано „надоаѓа“, штом ќе си отиде –
вода нема повеќе!!!
Многумина, ваквата појава ја толкуваат како израз на некаков „вис мајор”. И уште нешто, во прилог на „лековитоста на водата“.
- Јас со мои очи видов – вели стариот варошанец Андон, кога една Циганка ја донесоа на раце, а откако трипати се изми со водата, оздраве!!!
Сличен исказ имаат и момчињата Кире и Панде Велески од едно прилепско село, кои „со свои очи виделе“ како прозборувало некое немо дете!!!
СЕ ЛУТАМ ЗА ИСКОПИНИТЕ
И додека многумина други со вчудовидување ја следат целата оваа „фантастична приказна“, дотогаш директорот на Музејот во Прилеп, Бошко Бабиќ се лути.
- Како да не се лутам? Јас лично не верувам, но ако навистина има нешто – за тоа нека зборуваат научниците. Во црквата „Св. Никола“ наполно се завршени реставраторските и конзерваторските работи. Меѓутоа, тука каде што се собра народот, се наоѓа вредна и скапоцена земјанка од словенска населба. За „лековитоста на чудотворната вода“? Што ќе биде – ако не сугестија. Да може човек да се излекува ако неговата болест е во тесна врска со нервниот систем. Незаборавете и тоа дека постои можност, водата да доаѓа од „Бела Чешма” што е во непосредна близина на црквата „Св. Никола“.
МОРНИЧАВА ВИСТИНА ЗА ДЕТЕТО ШТО ПРОЗБОРЕЛО
Уште една епизода, од многуте други, звучи толку неверојатно, што просто човек слушајќи ја му поминуваат морници по телото.
Тоа е случајот за малото немо дете што прозборело.
Неколку дена трагавме по таткото на детето. Сакавме да се увериме во тоа. Во сабота, пазарен ден во Прилеп, го сретнавме на Градскиот пазар. Ни се претстави како Илија Боцески, селанец од некое зафрлено мариовско село.
- …Моето дете оздраве, прозборе, – зборуваше радосно селанецот Илија. Отидов на манастирот „Св. Горѓија“ под Дервен и таму на слугата му дадов 300.000 стари динари. Другиот ден слугата сонувал како некој светец „веднаш му наредил парите да ѝ ги даде на Лила“!!!
И конечно – за жената за која толку многу се зборува, не можеме ништо да нотираме. Иако добиваме „дозвола“ од нејзиниот маж да разговараме, иако отидовме кај нејзиниот татко Митриќески во Варош, таа не сакаше ништо да каже.
ЛИЛА „ЗЕМА ПАРИ“!
Сепак, еве неколку мислења од граѓани за кои сметавме оти не се „жртви“ на заблудите.
Д. Ц. – наставничка:
- По сето она што го слушам, почнувам да се сомневам и во самата себе. Инаку не верувам! Денес постојат стотици начини како човек може да дојде до пари.
Т. М. – инженер:
- Мора да биде заблуда и – тоа голема! Јас имам мајка и татко кои постојано зборуваат за тоа со почести и страв! Се трудам да ги уверам во лажноста на ваквите приказни, но тие не отстапуваат од она –„божјото“!
.К. Л. – службеник:
- Верувале или не, – Лила „зема пари“! Болниот човек не прашува, не вели колку чини и што прави за да оздрави. Велат, слушам: трипати да си пошол таму и готов си – здрав!
П. И. – градежен техничар:
- Млад сум и сите тие наивности тешко ми паѓаат. Јас не верувам. Но, она за водата што „секнува“ кога Лила ја немало, тоа не знам… Можеби е навистина некаков феномен!
И додека сѐ останува – заблуда или мистерија, младата жена Лила Јованоска, со огромно работно темпо, ослободена од секакви критики и сомневања, секој петок наутро, доаѓа на изворчето, ги попрскува луѓето што дошле да оздрават и пак си оди дома.
(Фељтонот е објавен во дневниот весник „Вечер“ во 1969 година)
Коментирај