Епископ Доситеј Новаковиќ е роден во 1774 година, во селото Дабница, во близината на Прилеп. Во родното село го поминал своето детство и ја стекнал основната писменост, а уште од младешки години покажувал желба за монашки живот. Како младо момче често го посетувал манастирот Трескавец, кој е во непосредна близина на селото, па не било чудно што токму тука одлучил да ги положи монашките завети и целосно да го посвети својот живот во служење на Бога. Брзо напредувајќи во Божјата наука, по извесно време заминал за Света Гора, каде што во манастирот Зограф бил ракоположен за ероѓакон, а потоа и за еромонах. Во Света Гора ја надградувал својата писменост и ја продлабочувал духовноста, издигнувајќи се во ангелскиот чин и усовршувајќи се во своите добродетели.
Забележан од искусните монаси дека Доситеј живее рамноангелски живот, бил испратен во мисија. Најпрво, минувајќи низ Бесарабија и Влахија, извесно време престојувал во Пирот, а потоа во Ниш, каде што тогашниот епископ Мелентиј го поставил за свој протосингел. Набргу морал да го напушти Ниш, заради постојаните неприлики со турската власт, кои го ликвидирале епископот, заедно со неколку свештеници, зашто биле на чело на еден бунт против Турците. Протосингелот Доситеј се спасил со бегство кон Алексинац, па извесно време престојувал во селото Мозгово, кај тамошниот парохиски свештеник Дели Марко Петровиќ, кој го штител од потерата, која одела по него. Кога турската потера стигнала во свештеничкиот дом, тој го отворил својот дом да биде проверен. Турците ги провериле сите одаи, освен свињарникот, но токму тука Доситеј бил скриен. Кога потерата си заминала, отец Марко го префрлил Доситеј преку реката Морава во селото Варварин, каде што бил примен од кнезот Милош и бил поставен за старешина на манастирот „Света Петка“. Оттука заминал за манастирот Горњак, каде набрзо бил произведен за архимандрит, а по кусо време бил избран за Тимочки епископ и бил посветен во Крагуевац, за време на Српскиот митрополит Петар Јовановиќ. Посветувањето за Тимочки епископ се случило во времето кога за тоа се создале услови и кога митрополитот добил препорака од српскиот кнез, за Тимочки епископ во Тимочката краина да биде избран домороден архимандрит, кој би бил најдостоен за таа функција, зашто со паствата од таа област требало да се работи неуморно и деноноќно.
Соборот на архиереите го избрале архимандритот Доситеј за таа должност, а изборот го потврдил кнезот на 31 јануари 1834 година според Јулијанскиот календар. Наредниот ден, над новиот епископ било извршено наречение во Крагуевачката црква, а чинот на ракополагањето за епископ свечено бил извршен на празникот Сретение Господово, на 2 февруари според Јулијанскиот календар. Хиротонијата ја извршил митрополитот Петар, во сослужение на Ужичкиот епископ Никифор и Шабачкиот епископ Герасим, а свеченоста била зголемена со присуството на народните претставници, кои во тоа време биле собрани во Крагуевац по повод Сретенскиот устав, па дури и самиот кнез присуствувал на свеченоста.
По хиротонијата, новиот епископ извесен период се задржал во Крагуевац, учествувајќи во работата на народното собрание, како и во работата на Архиерејскиот собор, кој заседавал за проблемите на организацијата на Црквата по добивањето на спомнатата самоуправа. Речиси по еден месец, некаде во средината на месец март, епископот Доситеј тргнал за својата епархија, која имала свое седиште во градот Заечар.
Во Заечар го очекувале обемни и одговорни активности во средувањето на Епархијата и црковно-литургискиот живот во неа. Најпрво се зафатил со решавање на кадровските прашања, пред сè, со пополнување на упразнетите парохии со свештеници, оживување на запустените манастири со монаштво, описменување на свештенството и монаштвото, воведување на црковен ред, редовни богослужби, администрација со матични книги, основање на нови парохии, црковни општини, како и избор на црковни одбори, кои имале за должност да започнат со реновирање на црквите и манастирите. Сите овие активности биле повеќе од неопходни, зашто ова подрачје на Тимочката епархија премногу било верски запуштено, свештенството било неписмено и нешколовано, народот бил повеќе суеверен, отколку воцрковен, премногу било присутно празноверието и суеверието, црквите и манастирите биле слабо посетени, а сето тоа било предизвик за новиот епископ.
Епископот Доситеј започнал со систематска работа на подобрување на затекнатата состојба, но набргу почнал да наидува на тешкотии и отпор, дури и од самото свештенство, зашто претходно стекнатите навики тешко се менувале, но и меѓу самиот народ многу тешко се подобрувала состојбата, па почнале да зачестуваат и жалбите и тужбите против епископот, а кои биле адресирани до митрополитот и кнезот во Белград. Тој отпор добил најголем израз во седиштето на епархијата, па и тоа било една од причините за поставување на прашањето за преселба на епархискиот центар од Заечар во Неготин. Причина повеќе епархискиот центар да се пресели во Неготин било и тоа што, Неготин во тоа време имал статус на град со 375 куќи, додека Заечар бил обична паланка со околу 125 куќи, а црковно-литургискиот живот во Неготин и околината бил на многу покултивирано ниво.
Покрај редовните епархиски активности, епископот Доситеј посебно се залагал за народното просветување и активно учествувал во сите акции на средување на состојбата не само во доверената епархија, туку и во целата Српска Црква. Тој учествувал во изработката на црковниот закон „Упатство за духовните власти во Србија“, а штедро го помагал и „Главниот училишен фонд“ со парични прилози и бил главен иницијатор за основање на читалиштето во градот Неготин во 1846 година.
Епископот деноноќно работел на отворањето на неделните и празничните школи за чираци и калфи, каде што тие учеле да читаат, пишуваат, сметаат. Бил активен во подигнувањето на нови цркви, ја помагал Неготинската гимназија, а на свој трошок редовно ги издржувал сиромашните ученици во Гимназијата, како и дојденците од Македонија, а посебно од родниот крај во Прилеп, кои во Неготинската гимназија завршувале верско училиште (еден вид на курс, подготовка за свештеничка служба), кое било основано по негова иницијатива. Од неговиот скромен живот, забележано е дека покажувал бескрајна гостољубивост и љубов кон својата паства, како и за неговите витешки особини, со кои се одликувал како чесен, бескомпромисен и мудар човек. За сето она што го направил за Црквата, лично бил одликуван од кнезот Александар со високото одликување – „Граден крст со златен ланец“, а турскиот султан Махмуд II со одликувањето „Нишан ифтихар“, прогласувајќи го за кавалер (витез) на тој орден.
Епископот Доситеј со Тимочката епархија управувал 20 години и 2 месеци и поживеал 70 години. Блажено се упокоил спроти Лазарева сабота, во 1854 година, во градот Неготин. Неговото тело било погребано во старата неготинска црква, каде што и денес се наоѓа неговиот гроб. Најпрво бил погребан на јужната страна од олтарот, каде што и денес се наоѓа надгробната плоча, вградена во олтарната апсида. За преместувањето на гробното место во припратата на црквата во 1865 година, ни соопштуваат натписите на плочите вградени во западниот ѕид на припратата. На истото место е погребан и неговиот наследник, епископот Герасим (1854-1865).
На надгробната плоча стои натпис: „За вечен помен на блажениот спомен на Доситеј Новаковиќ, епископот Тимочки, роден во село Дабница, крај Прилеп; за архиереј посветен во 1834 година, а во вечноста се пресели на 2 април 1854 година“.
Коментирај