Црква „Свети Никола“, село Вранче.

Црква „Свети Никола“, село Вранче

Црква „Свети Никола“, село Вранче

Црквата е изградена и осветена во 1874 година. Црквата претставува еднокорабна градба, со петтострана апсида од надвор и галерија на кат на западната страна. На западната страна дограден е трем, над кој се издига камбанарија. Црквата е живописана во 1875 година. Автори на живописот се Петре и неговиот син Глигур Дебранин од село Тресонче. На почетокот на ХХ век стариот живопис покриен е со нов.

Над влезот од јужната страна на црквата, во внатрешноста, постои натпис, според кој заклучуваме дека црквата е осветена за време на „првиот патријарх Антим“, кога во селото парохиски свештеник бил „папа Ристе“, а еклисиарх Тоше. Црковни настојатели и заслужни за градба на црквата биле: Аризанко, Најдо Гајда, Јосиф, Најдо Костадинов, Стојан Боте, Мирче, Богдан, Иван, Петко, Тале и сите селани вранчани. Повисоко, над тремот, се наоѓа уште еден натпис, во спомен на покојните Блашко и Васил Трајкови од 1913/15 година, кои подариле „два камени диреци“ за црквата.

Црквата е реставрирана во 1926 година од Милан М. Дукиќ од селото Осое, Дебарско, но факт е дека реконструкцијата е лошо изведена, па денес, за жал, оригиналните фрески се доста оштетени и се лупат.

Покрај црквата се наоѓале и старите селски гробишта. Меѓу нив е и гробот на Велјан Ковилоски, еден од највлијателните вранчани од втората половина на XIX век. Денешните гробишта се наоѓаат западно од селото. Селската слава се одржувала на денот на Светите рамноапостолни цареви Константин и Елена.

Нема Коментари

Коментирај