Сателитска снимка од Бешиште...

Бешиште

Бешиште во 19 век било село во Прилепската каза, Мариовска нахија на Османлиската империја.

Селото е расположено во планината Козјак, во областа Мариово, јужно од Прилеп. Во атарот на Бешиште, во месноста Горни Лозја, има римско, во месноста Огради – средновековна населба, а во месноста Турчија има средновековна некропола. Селото е планинско, на надморска височина од 900 метри. Од градот Прилеп селото е оддалечено 43 километри. Има мошне голем атар, којшто зафаќа простор од 67,1 км2. На него обработливото земјиште зазема површина од 1700,8 ха, пасиштата заземаат површина од 2.867,9 ха, а на шумите отпаѓаат 2.038 ха.

Според академик Иван Дуриданов, етимологијата на името доаѓа од првоначалниот патроним Бешишти, кој потекнува од сопственото име Бешо, нагалено од Беро, кој одговара на српските и хрватските топоними Бешичи.

Во „Етнографијата на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година, во која е приложена статистиката на машкото население од 1873 година, Бешиште (Bechischté) е посочено како село со 137 домаќинства и 548 жители „Бугари“ и 14 Роми.

Според статистиката на Васил К‘нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Бешиште има 1047 жители „Бугари“ христијани, 75 Власи и 12 Роми.

Во почетокот на 20 век, населението во селото било под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Бешиште имало 1280 „Бугари“ егзархисти и работело бугарско училиште.

Според Георги Трајчев, Бешиште имало 170 куќи со 1047 жители „Бугари“.

Во 1961 година, селото броело 1171 жител, додека во 1994 година бројот се намалил само на 93 жители – Македонци. Според пописот од 2002 година, селото броело само 22 жители, сите Македонци.

Во Бешиште се родени Видан Најдов, македонско-одрински ополченец од четата на Милан Ѓурулков како и андартскиот капетан Стојан Цицов.

Во Бешиште има две цркви: „Света Петка“ и „Свети Илија“

Нема Коментари

Коментирај