Ангел Хаџиилиев е македонски општественик од Прилеп.
Роден е во Прилеп околу 1800 година. Неговиот татко хаџи Илија бил учесник во 50-тите и 60-тите години на ХIХ век во борбите за македонска црковна независност и во уредувањето на просветното дело, како и еден од создавачите на македонското класно училиште во Прилеп.
Ангел Хаџиилиев завршил келијно образование, станал бојаџија, а потоа и чифликчија. Бил активен член на Прилепската црковна општина и ја помагал македонската просвета во градот. Станал и епитроп на општината. По негово залагање, во Прилеп бил прифатен како учител Васил Алексиев, кој Во Прилеп го вовел ланкастерскиот метод.
Ангел Хаџиилиев имал сериозни конфликти со власта, но поради почитта, која ја уживала неговата фамилија, како и поради покровителството на англискиот конзул во Битола Лонгфорт, не бил изложен на тортура. По негова иницијатива била изградена камбанаријата во 1873 година при соборниот храм „Свето Благовештение“, за која подарил значителни средства. Пред смртта завештал на соборната црква 100 лири.
Негов внук е прочуениот македонски општественик и просветен деец, Анастас Христов Хаџиангелов.
Коментирај