Jozef Obrebski: Задушница во Заполжани, 1930/31...

Заполжани

Заполжани е рамничарско село и на раскрсница на повеќе патишта. Селото се наоѓа во средишниот дел на Прилепско поле, недалеку од патот Прилеп – Македонски брод. Селото е рамничарско, на надморска височина од 600 метри. Од градот Прилеп е оддалечено околу 15 км. Јужно од Заполжани има влажно земјиште погодно за ливади, додека северно од селото има суво земјиште, погодно за одгледување на пченица, јачмен и ’рж. Пред неколку години Заполжани се снабдуваше со вода од бунари, длабоки 3–6 метри. За време на турското ропство, во селото постоела чешма со вода, спроведена од изворот Смрдевче во Малешево, кое денес е пусто село.

Во атарот на Заполжани регистрирани се следниве археолошки локалитети: „Лозја“ – населба од неолитско време; „Ореова Бара“ – населба од неолитско време; „Шаторица“ – населба од доцноантичко време; „Карајница“ – неопределено од непознат период; „Висови“ – неопределено од непознат период; „Глежојца“ – неопределено од непознат период; „Слатина“ – неопределено од непознат период; „Тумба“ – неопределено од непознат период.

Имињата на потезите во атарот се: Белутиње, Вранечки пат, Блацки пат, Врбјански пат, Коњарски пат, Дабечки пат, Мажучиски пат, Новоселански пат, Кутлешевски пат, Белополски пат, Градски пат, Тумба, Карајница, Висови, Орле бара, Глежојца и Слатина.

Заполжани е село од збиен тип. Се дели на Горно, Долно и Поречко маало. Роднинските куќи се блиску една до друга. Помалите делови низ маалата имаат родовски имиња: Тркалевци, Нешковци, Сливовци…

Преданието сведочи дека некогаш имало куќи на повисоките места околу денешното село – на Тумба, Карајница, Висови, Орле бара, Глежојца и Слатина. На тие места селаните долго време наоѓале „ѓерамитки, врчви, дупки плитарници, рачни воденици…“. Неделко Сливоски чувал земјен ќуп, откопан на Тумба, кој „збирал три осмаци жито“. „Старите кажуваат“ дека на Глежојца и Орле бара „имало и по еден манастир“. На Глежојца порано нашле и „човек од камен“.

Според Турските пописни дефтери, за време на турското ропство евидентирани се две села – Мало и Големо Заполжани.

Во 1467/68 година во Мало Заполжани имало 8 семејства и 3 вдовици; во 1481/82 – 18 семејства; во 1544/45 – 30 семејства и 4 неженети; во 1568/69 – 42 семејства, 52 неженети и 2 вдовици.

Според Турскиот пописен дефтер за Велешката каза од 1568/69 година, за Мало Заполжани е запишано дека припаѓа на Прилеп. Меѓу тогашните жители се спомнуваат: Станчо Радица, Димитри Радица, Јове Радица, Миле Стојко, Петри Димитри, Рале Дамјан, Никле Павле, Башта Јове… За прв пат се спомнуваат и имиња на свештеници, кои живееле во Мало Заполжани: Поп Стојко, поп Јоко, поп Јове, поп Волчо, а се спомнува и Трајан калуѓерот.

Вкупниот приход од Мало Заполжани изнесувал 1200 акчиња и истиот најмногу бил остваруван од пченица, мешано жито, испенџе, шира, ушур од лен, нијабет и свадбарина, данок за ситна стока…

Во 1467/68 година во Големо Заполжани имало 48 семејства, 4 неженети и 3 вдовици; во 1481/82 – 55 семејства и 2 вдовици; во 1544/45 – 94 семејства и 12 неженети; во 1568/69 – 78 семејства и 50 неженети.

Според Турскиот пописен дефтер за Велешката каза од 1568/69 година, за Големо Заполжани е запишано дека е село од хасовите на мирливата (санџакбегот) на Солун и припаѓа на Прилеп. Меѓу тогашните жители се спомнуваат: Волчо Тодор, Димитри Стојко, Михаил Петко, Митан Којчин, Пројчо Дабижив, Никола Хранче, Крагуј Јове, Димко Доброслав, Петри Станиша… За прв пат се спомнуваат и имиња на свештеници, кои живееле во Големо Заполжани: Поп Стојко, поп Петри и поп Димко.

Вкупниот приход од Големо Заполжани изнесувал 12000 акчиња и истиот најмногу бил остваруван од пченица, мешано жито, испенџе, шира, ушур од трева, нијабет и свадбарина, данок за ситна стока…

Во XIX век Заполжани било село во Прилепската каза на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година, во која е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, Заполжани (Zapolyani) е посочено како село со 40 домаќинства и 160 жители.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Заполжени е населено од 354 жители христијани. Во почетокот на ХХ век, селаните биле под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Заполжани (Zapoljani) имало 160 егзархисти и во селото работело бугарско училиште.

Заполжани е старо село. Во него живее македонско население – и старо, и доселено. Пред крајот на турското ропство, во селото имало девет чифлици: „Ретко некој имал земја од старина“. Селаните работеле како момоци и исполџии. Газди на земјата биле Турци од Прилеп: Мемет Аџи Муто, Рамиз бег, Афус Садик, Мустафа, Данушовци, Аџи Мемет, Сали ага, Бесим и Раип. Земјата од овие чифлици почнала да се продава од 1908 година, „кога проработил комитетот“, а најмногу по 1912 година. Земјата претежно е купена со пари, заработени од гурбетчиите во Америка. Тогаш, задругата на родот Тркалески купила 85 хектари земја. Таа задруга во 1935 година имала 35 члена и била поделена на четири куќи.

Во стари родови од селото Заполжани се вбројуваат: Тркалевци, Дуковци и Ѓорговци, слават Свети Никола; Бурџевци, слават Петковден.

Доселени родови во Заполжани се: Нешковци, дојденци од охридско, слават Свети Никола; Сливовци, дојдени од Големо Коњари, слават Свети Никола, нивниот предок Спирко тука се доселил пред околу 200 години. Старото презиме им е Гроздановци; Соколовци, дошле за време на турското ропство од Зрзе. Во Зрзе припаѓале на родот на Гебевци, кои се по потекло од селото Патеец, во околината на Кичево, слават Пречиста; Лајковци, дошле за време на турското ропство од Лажани, слават Петковден; Мартиновци, се населиле за време на турското ропство. Пред тоа биле момоци по разни села, а најмногу во Средорек, слават Митровден; Црвенковци, дошле во 1919 година од Далбеговци кај Битола. Таму припаѓале на родот на Шиндевци, слават Свети Никола; Козаровци, дошле во 1921 година од прилепско Слепче. Далечното потекло им е од Дебар, слават Свети Архангел Михаил.

Во 1936 година, врз земјата добиена со аграрната реформа, се населиле овие поречки родови: Дуковци од Локвица, слават Митровден; Душановци, слават Свети Никола; Маџовци и Златевци од Љупиште, слават Свети Меркуриј, Огненовци од Ковач, слават Свети Архангел Михаил, Спасе од Мариово, слави Свети Георгиј (зимен).

Од Заполжани се иселени: Шишковци во Мажучиште; Слабаковци во Бело Поле; Стевановци во Сенокос. Многу семејства се иселени во Прилеп, Скопје и странство.

Според пописните листи, бројот на населението низ годините е следниов: 1921 = 29 домаќинства, 1948 = 462 жители (61 домаќинства), 1953 = 511 жители (73 домаќинства), 1961 = 504 жители (76 домаќинства), 1971 = 439 жители (83 домаќинства), 1981 = 406, 1991 = 306, 1994 = 273. Според пописот од 2002 година, во Заполжани живеат 241 жители, сите Македонци.

Во северниот дел на селото се наоѓа црквата во чест на „Свети Атанасиј“. Црквата претставува еднокорабна градба, со полукружна апсида на источната страна, која однадвор е расчленета со три слепи ниши. Засводена е со полуобличест свод, а на западната страна има галерија на кат. Црквата е подигната во 1872 година, а обновена е во 1928 година. Селаните раскажуваат дека порано, на истото место, имало „елинска црква“. Околу црквата се наоѓаат селските гробишта. Селска слава е денот во чест на Светите рамноапостолни цареви Константин и Елена.

Нема Коментари

Коментирај