Локалитетот „Баба“ претставува тврдина со масивни ѕидови градени од крупен камен. Најдено е депо на монети од 51 фолиси и полуфолиси, сите од VI век. Монетите се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп.
Со систематски археолошки ископувања истражувано е утврдувањето на акрополното плато, при што се потврдени културни хоризонти од енеолитот, доцномакедонскиот период, доцната антика и византискиот средновековен период. Со оглед на тоа што од овој локалитет мошне прегледно можеле да се следат движењата на непријателските трупи од правците на превоите Дервен и Плетвар, главни комуникациони грла од север и североисток кон Пелагонија, ова утврдување имало голема стратегиска важност во наведените временски епохи. Со откриените монети на Филип V хронолошки се потврдува користењето на утврдувањето и во доцно македонскиот период.
На локалитетот Баба, поточно во месноста Каменици за време на неолитот егзистирала населба но со експлоатацијата на гранит од во изминатите децении е уништен значителен дел од оваа населба.
На локалитетот се забележани гробови издлабени во карпа и дводелно корито кое служело за гмечење на грозје.
Пронајдени се остатоци од мартириум во којо се чувале реликвии, што укажува на ранохристијанска црква во близина.
Пронајден е и уникатен рановизантиски железен крст од VI век, малтешка варијанта, досега непозната појава на македонските простори, кој е со големина од 14 сантиметри и должина на краците од 11 сантиметри
Од прилепскиот завод и музеј истражувана е старомакедонска гробница во карпа. Некрополата била оштетена од претпријатие кое стопанисувало со рудникот во околината. Гробницата од македински тип, датира од II век од п.н.е. Надворешниот ходник и внатрешноста не се доработени што доведува до заклучок дека гробницата не била искористена.

Коментирај