Праисториски воени гробови
Кај некогашната учителска школа, а денес старата болница во Прилеп, во 1926 година откриени се четири гроба. Тие биле цисти, оградени и покриени со камени плочи. За нивната ориентација не се дадени никакво податоци. Димензиите им биле мали, што ги натерало истражувачите да помислат дека се работи за детски гробови. Меѓутоа, тоа биле гробови на возрасни лица, закопани во згрчена положба, за што, впрочем, зборуваат и даровите во нив.
Откриени се наоди само во три гроба, и тоа: Во првиот гроб пронајдено е црвено грне со рамен обод, една дршка и железно копје; во вториот гроб пронајдено е слично грне со темна боја и бронзен меч, а во третиот гроб пронајдена е само бронзена фибула.
Сите наоди денес се изгубени. Ваквиот начин на закопување претставува многу стар индоевропски обичај, познат на една поголема територија во Средна Европа уште од бронзената епоха, а кај нас се јавува подоцна. Мечот од вториот гроб со испуст на горниот дел од јазичестата дршка, спаѓа во мечевите од типот Erbenheim. На дршката се зачувани три кружни отвори за нитни.
Потеклото на овие мечеви се смета дека е од Средна Европа, откаде се рашириле во сите правци. Според тоа, прилепскиот примерок е донесен од север, и тоа во времето на првиот бран од Големото егејско преселување, околу 1200 години пред Христа.
За ова повеќе во:
M. Kokić, Glasnik Skopskog naučnog društva I, 2 (1926);
Ć. Truhelka, Glasnik Skopskog naučnog društva V (1929);
Vesnik Vojnog Muzeja Jugoslovenske Narodne Armije, Beograd, 5/1958.
Коментирај