Занает е занимање кое бара конкретни работни вештини. Историски ова би било неиндустриско производство во мал број или количество. Човекот кој се занимава со занает се нарекува занаетчија
Домаќинствата на занаетчиите не биле толку самоиздржувачки, колку оние кои се занимавале со земјоделство и како такви, директно зависеле од трговска размена.
Занаетчиите особено се концентрирале во урбаните места и формирале еснафи. Бидејќи занаетчиите постојано работеле со размена на добра (покрај нивната изработка), и тоа барало извесно ниво на образованост, во општествената хиерархија тие имале повисоко место од селанството и биле најдоминантни производители на производи за широка потрошувачка пред индустриската револуција.
Прилепските занаетчиски еснафи биле движечка сила во општествениот и културниот живот во градот. Да не заборавиме дека тие се главните иницијатори и помагачи за градбата на црквата Свето Благовештение, Градскиот саат, како и за формирањето на црковно-училишната општина.
Пред Првата светска војна во Прилеп имало регистрирано над 300 занаетчии. Но по завршувањето на војната за занаетчиството започнува фаза на стагнација поради навлегувањето на европскиот капитал и евтините индустриски производи кои се нуделе на пазарот со што полека почнуваат да се распаѓаат и занаетчиските еснафи.
Во овој период започнале да изумираат многу од традиционалните занаети како кондураџискиот занает, абаџискиот, наланџискиот, терзискиот, срмаџискиот и др. Нивното место го заземале новите занети кои биле во подем, како шапкарскиот, пегларскиот, кројачкиот, браварскиот, тапетарскиот и др.
Со абаџискиот занает се занимавале и христијаните и муслиманите. Се изработувало машка облека од аба која се носела во селата и во градовите. Со постепениот подем на градската модерна облека, абаџискиот занает започнал да опаѓа за на крај истиот во целост да изумре.
Во тоа време во подем биле и ашчилниците или гостилниците, во кои се служело храна и пијалoци. Во Прилеп се правеле познатите прилепски локуми и алва. Со алваџиско бозаџискиот занает најчесто се занимавале муслиманите.
Казанџиите произведувале садови за јадење и пиење, како и други покуќнини од бакар. Овој занает постоел се до навлегувањето во употреба на порцеланските садови.
Кујунџиите или златарите изработувале накит, крстови од сребро и злато, кандила, прстени, бразлетни, обетки, ѓердани и најразновиден накит.
Ќурчиско-кожуварскиот занает бил еден од најразвиените занаети во тоа време. Ќурчиите купувале јагнешки, овчи и други кожи, ги штавеле потоа ги подготвувале на џубиња, а од овчата кожа за селаните изработувале кожуви.
Опинчарите изработувале опинчарски производи за пазарите или по порачка.
Самарџиите изработувале седла, узди, колани, ремени, амови, дисаѓи и др. Со овој занает во главно се занимавале муслиманите.
Свеќарите се викале и мумџии, а се занимавале и со изработка и продажба на свеќи и со производство на восок од кој се изработувале свеќи.
Во периодот од 1919 до 1941 година во Прилеп и прилепско се забележани следниве занаетчиски дејности:
Кондураџии, Шивачи, Влечкари, Крпачи, Кантарџии, Гајдаџии, Бочвари, Бербери, Печатари, Ножари, Ткајачи, Варџии, Грнчари, Папуџии, Сликари, Касапи, Анџии, Колари, Клинчари, Пампурџии, Чаракчии -опинчари, Куменџии, Млекари, Ѕидари, Амутчии, Ѕвончари, Калајџии, Ќебапџии, Леблебиџии, Шеќерџии, Фурнаџии, Ракиџии, Фризери, Рибари, Арабаџии, Аванџии, Кираџии, Петличари, Влачари, Чадорџии, Чистачи на чевли, Кожувари, Брдари, Каменорезачи, Бавчанџии, Фасадери, Молери, Каменари, Ѕидари на фурни, Газозаџии, Гребенари, Велосипедџии, Рогузинари, Саламџии, Плетачи, Пушкари, Разбојџии, Пагурџии, Четкари, Метлари, Производители на воденички камења, Воденичари, Тишлери, Тенекеџии, Бојаџии, Кујунџии, Ковачи, Налбанти, Наланџии, Самарџии, Ортомџии, Јорганџии, Чешмеџии, Цревари, Ќумурџии, Терзиџии, Казанџии, Дограмаџии, Бакали, Шапкари, Свеќари-Мумџии, Кожари, Циглари, Абаџии, Мутавџии, Акџии, Кафтанџии, Бичкиџии, Сарафи, Дустабанџии, Бунарџии, Сабјари, Срмаџии, Шаторџии, Алваџии, Бозаџии, Сојулџии,Калдрмаџии, Саатчии, Бравари, Тапетари…
________________________________________________________________
1938 година
Туристичка брошура
„ПРИЛЕП И МАРКОВГРАД“
„…Денешниот Прилеп од стопанска гледна точка е занаетчиски и тутунски град. Во градот има околу 700 занаетчии, меѓу кои посебно се истакнуваат: влечкарите, казанџиите, калајџиите, кујунџиите (во исто време и препродавачи на стари пари) и ковачите.
Казанџиите произведуваат и за извоз и ги носат своите изработки на панаџурите во повеќе места, а додека меѓу ковачите се издвојуваат и кантарџиите…
Занаетчиите се групирани и имаат свои улици во чаршијата: ковачи, папуџии, казанџии и кујунџии (златарска улица)…“
Коментирај