2019: Захаринка Вртаноска Милосављевиќ

Захаринка Вртаноска – Милосављевиќ

Захаринка Вртаноска – Милосављевиќ

________________________________________________________________________
8 јули 2019 година
„Зенит“

 

УБИВА НОСТАЛГИЈА СО ИЗВОРНА ПЕСНА

 Како и да ја наречете, Захаринка, Захарица или Заче Милосављевиќ, или Вртаница по прилепски, вие сте и „музика“ – познаник и пријател. Пеачката на народни песни со своите 76 години уште живее со народните обичаи, со изворната музика – градската, староградската, чалгијата, народниот оркестар, оро, гатанки, поговорки.
Од 14 години ја негува песната. Пее како “славеј”.

- Како да се родив со песната. Пеам откако знам за себе. Сефте настапив пред микрофонот на Радио Прилеп. Гога Зафироски, директорот и спикер на Радиото ме прими со воодушевување. Прилепчани, ги маѓепсав со песната, со гласот, зашто пеев во живо – вели Заче.

Минатото е скудно со фестивали. Таа не се експонираше преку нив, но опсесија, страст, задоволство и е изворната песна.

- Со првите музички чекори заедно растеме со прилепскиот мелос. Песни учев од баба ми Марија, мајка ми Љуба, тетките… Баба ми преубаво пееше и ми всади чувство за песна – рече Захарија.

“Рачај чупе, ти порачувај”, “Петкано, бела Вардарке”, “На столче седам, писмо пишувам”, “Низ двори се шета мома Катерина” и многубројни песни од 155 снимени за Македонското радио се разлеале од грлото на Заче. Повеќето соло, а другите во дует со Блага, Борче и Круме Спасоски. Добриот пеач треба да го развива дарот од Бога – певливиот глас. Со тоа располага во изобилство прекалената пеачка. Нејзиниот глас ќе допре и ќе го затрепери најзакоравеното срце.

ПЕЕВ КВАЛИТЕТНИ И ОДБРАНИ ПЕСНИ…

Комуникативна и со богат речник, многу живописно доловува моменти од животот минат со поддршка од фамилијата. Во еден здив, и со леснотија, како да пее.
Скоро 50 години е во Скопје, каде запеала и забавни песни. Но, изворната и залегнала на срцето.
Била музички новинар кој сега е во пензија. Професијата и помогнала да биде во постојан допир со музиката. Во Македонското радио работела 33 години.

- Веќе не се дружам професионално со пеачите. Со моиве години уште пеам квалитетни одбрани песни. Сум пробала и новокомпонирани. Текстописец не сум. Сакам текстови, втемелени на нашата поезија, од која тргнува сé, на песната да í се даде душа и да биде хармонична со музиката. На срце ми е песната “Дојди мило, дојди љуби ме”. Една од ретките песни, која ја напишав за мојот сопруг Ненад, кој е пензиониран актер во Драмски театар во Скопје – кажува Захаринка Милосављевиќ.

Како школувана за музика била учителка шест години, во Прилеп, а кусо и актерка. Долго – музички новинар. Повеќе од 10 години беше уметнички директор на Долненскиот фестивал.

-Желба ми е да остане жива изворната песна, да се собери живата материја, да се сочува традиционалното, да се облагороди, И да не заскита некаде, туку да се “фати” вистинскиот пат – објаснува Захарија.

КОПНЕАМ ПО ПРИЛЕП…

Носталгијата по Прилеп ја задоволува, доаѓајќи често во родниот град.

- Носталгична жена сум. Го сакам Прилеп, посебно древниот. Ме потсетува на младоста, на убаво време, на радост, дружба. Градот сега е заличен, но ја нема онаа душа од некогаш. Копнеам по времето кога бев дел од Старата чаршија, маалата… Денес, младите живеат во подобри услови. Некогаш, и тие ќе имаат носталгија кон ова време. Споменот драг на едно време, и за луѓето кои ги знаевме од некогаш, ќе остане во срцето – смета Заче.

Не мирува ниту во пензија. Ги израсти внуците, нејзината среќа и убавина.

-Со внуците откривав нов свет. Сега пораснаа, а кога беа мали ги учев народни песнички. Успевавме новите технологии да ги поврзиме со изворното. Се радувам што ретки млади достојно, со срце и душа, ја негуваат нашата песна на долненскиот фестивал. Таму се создаваат и образоваат етно пеачи и свирачи со талент за изворна музика – заклучува Захаринка Милосављевиќ.

Нема Коментари

Коментирај