1995: Боби Дамедулески

„Задолжен за голови“: Интервју со Боби Дамедулески

ЗАДОЛЖЕН ЗА ГОЛОВИ
Боби Дамедулески, фудбалер второлигашот Варош (Прилеп)

8 март 1995 година
„Скок“

- Не е важно кој постигнува голови, туку е поважно да победуваме.
- Желба да заигра за прволигашот Победа Витаминка.
- Натпреварите против локалниот „11 Октомври“ фудбалски празник.

Фудбалскиот клуб Варош од Прилеп, две години со забележителен успех се натпреварува во второлигашката конкуренција. За ова кратко време „градот под Марковите кули“ доби еден стабилен второлигаш, кој може рамноправно да се носи со своите конкуренти, а во него – веќе пет години дресот со број 9 како да е обезбеден за Боби Дамедулески, кој на секој натпревар барем еднаш ја затресува противничката мрежа.

Боби е задолжен за постигнување голови, а за тоа самиот вака размислува:

- За мене, прво и основно е да играм стандардно добро, а за тоа што постигнувам и дел од головите голема заслуга имаат моите клубски другари, кои несебично и правовремено ме проигруваат. Не е важно кој ги постигнува головите. Најважно е – Варош да победува.

- Екипата во континуитет постигнува солидни резултати, но
и натаму останува нерешлива енигмата за подобрување на финансиската состојба во клубот…

- Додека се натпреварувавме во Јужниот регион, ова прашање не беше толку актуелно. Се изборивме за пласман во Втората МФЛ, во натпреварувачката 1993/04 и ПП „Хар-Пром“ од Прилеп изрази желба да биде наш спонзор. Но, „љубовта“ траеше само една полу- сезона (есенската полу-етапа), кога остваривме пласман на шестото место.
За таа полусезона, под водството на ПП „Хар-Пром“, имам само најпофални зборови и до ден-денес, не ми се познати причините – зошто останавме без овој спонзор?
Оттогаш наваму, клубот е доведен до „питачки стап“ и, едноставно, управата се снаоѓа – како знае и умее.

- Направи една споредба меѓу Западната и Источната втора МФЛ?

- Во тој поглед постои голема разлика. Минатата година се натпреварувавме во лига, каде што не ни беше местото (Втора МФЛ –Исток). Таму фаворитите однапред се знаеја.
Битката се водеше меѓу Кожув и Брегалница (Ш). Во оваа група (Западна), ќе биде далеку понеизвесно. Според мене фаворити се екипите на Шкендија (А), Шкендија (Т), Гостивар и Македонија.

Може ли Прилеп, во догледно време, да има два претставника
во Првата МФЛ?

- Ова ќе се случи,само под услов значително да се подобри финансиската состојба во клубот. Нашата екипа поседува одреден квалитет, но во ваква финансиска ситуација за тоа не може да стане ниту збор.
Ако во иднина ни се обезбедат повеќе 
средства, ќе атакуваме и на самиот врв!

Прилеп заслужува да има два прволигаши, бидејќи гледачите се „жедни“ за фудбал.

Желбата на секој прилепчанец е да го облече дресот на Победа.

- Шанса да заиграм во прилепскиот прволигаш добив во натпреварувачката 1992/93 година. Таа година Варош се натпреваруваше во Јужниот регион, а јас како најдобар стрелец на мојот клуб, бев доведен како засилување во Победа.
Во тоа 
време, условите за работа во Победа не беа адекватни, а и Варош ја најави кандидатурата за освојување на првото место, што подоцна и го оствари. Мислам дека повеќе им бев потребен на варошани, па затоа и се вратив за да им помогнам.
Желбата да заиграм во прволигашки клуб кај мене се уште постои и верувам дека еден ден ќе ми се исполни.

-Во дресот на Варош имаш одиграно повеќе од 100 натпревари и си постигнал повеќе од сто голови. Кои голови ти останале во сеќавање?

- Секој постигнат гол има свое значење во зависност од
тежината на натпреварот. Со радост ќе се сеќавам на натпреварот со Дојранско Езеро, одигран во сезоната 92/93.
Тој натпревар имаше огромно значење за нас, а јас постигнав гол по самото тргнување од центарот…
Вистинско уживање беа и натпреварите против регионалецот 11 Октомври – Мешта Комерц.
Во таа иста сезона ги совладавме на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ со 1:0, токму со мојот гол, во финишот на средбата.
Тоа беа натпревари, кои директно одлучуваа – кој ќе се пласира во Втората лига, и затоа и денес со радоост се сеќавам на нив, -
заврши Дамедулески.

Влатко Димовски

Нема Коментари

Коментирај