Воденичарството и каменарството сe традиционални занаети, кои успеале да преживеат низ вековите, но конечно згаснале на почетокот од минатиот век со влегувањето на индустријализацијата по градовите и со миграцијата село – град.
Воденичарскиот занает се изучувал и до осум години. Во минатото со воденичарство се занимавале поимотните семејства. Во Македонија, се до крајот на првата половина на ХХ век, имало околу 15.000 воденици во кои се мелело жито и пченка.
Според традицијата, житата за брашно и сточна храна се мелеле од Митровден, па се до Ѓурѓовден.
Поради природата на својата работа, воденичарите и каменарите биле честа мета на турските разбојници. Каменарите од Бонче и Марул често биле ограбувани по патот на враќање од пазар од страна на Турците од Мусинци, Канатларци и Ерековци.
Во извештајот од 1875/86 година, рускиот конзул во Битола напишал: „На 15 октомври Турчинот Керкаваса го убил во град Прилеп селанецот воденичар и не бил за тоа гонет“.
МЛИНОТ НА БОМБОЛОВЦИ
Градењето на млинот, Коста Бомбол го започнал во 1903 година, а во 1904 година прв во Прилеп донесол погонска машина на петролеј за мелење на жито.
Мелницата била изградена во близината на старата градска бања, а местото за градење на млинот го купил од Зорлевци.
Подготвувањето на мелницата значело и прво навлегување на прехранбената индустрија од овој вид. За прв пат низ историјата на Прилеп, низ ситата и камењата на мелницата протекло како река просеано бело домаќинско брашно, што било ново изненадување на населението од градот и околината.
Дотогаш житото се мелело во прости воденици, градени по реките, од кои се добивало многу неквалитетно брашно. Монтирањето на моторниот млин го извел првиот прилепски и македонски инжинер, кој тогаш студирал во Белгија. Тоа бил Данаил Бомбол, синот на Коста Бомбол. Првите денови, откако проработил млинот, секојдневно бил посетуван од населението, кое се чудело околу машините и нивната сила во однос на мелењето на житото по водениците.
Брчењето на моторот внесло немир меѓу луѓето,
но само за кусо време. Машинскиот инжинер Данаил Бомбол, користејќи ја својата способност, ја преправил машината од погон на петролеј во погон на саугас. Со преправањето, машината станала попродуктивна, поекономична, а трошоците околу набавувањето на движечката енергија на машините биле сведени на минимум. Со подигнувањето на моторниот млин, Бомболовци почнале житото да го преработуваат и продаваат. Така се појавил и интерес кој прв да купува брашно од млинот на Бомболовци.
Млинот ги принудил производителите да го продаваат своето жито и да купуваат брашно, бидејќи не можеле да дојдат на ред да сомелат од своето производство на жито, или пак морале да го носат по простите воденици и да го мелат по стариот начин.
Во 1903 година Михаил Крцут од Прилеп му пишувал на Коста Бомбол во Солун:
„Почитуван дедо Х. М. Коста Бомбол! Со ова писмо имам намера да ве известам… Овде анот го измеривме и вдолж, и на широко, и како што сакаш ти воденица да се направи тука, и бината да биде одделена околу-наоколу, ама место нема, оти ќе остани многу тесно, и ќе нема место алатите каде да се наредат, а и пенџерињата нема да можат да се затвораат. После ти нема да го бендисаш, оти внатре има испикано и туѓи кошеви…“.
КАМЕНАРСТВОТО
Квалитетот на брашното сомелено во воденица зависел и од квалитетот на воденичарскиот камен. Во Прилепско најквалитетни воденички камења се ваделе од околината на Марул и Бонче.
Во Марул се ваделе камења од месноста Сечени камења а Марулските воденички камења заради високиот квалитет биле наделеку прочуени и барани.
Марулските воденички камења натоварени на запрежни коли, се носеле на пазарите во Прилеп, Битола и Солун каде што поради нивниот квалитет се продавале по повисока цена од другите камења.
Во Марул на сите свадби и првичиња се пеела песна инспирирана од овој занает:
ПЕСНА ЗА МАРУЛСКИТЕ КАМЕНАРИ
Давај ме, мила мамо давај, во Марул не ме давај,
Сите марулци се мамо тешки каменари.
Дома не ми седат мамо, куќа да си видат,
куќа да си видат мамо, жена и деца да си вида.
Дење се на камен мамо, ноќе се по дрва.
Дрва да донесат мамо, јаглен да си прават,
јаглен да си прават мамо, мешин да ми дуват.
Мешин да ми дуват мамо, стресло да ми острат,
стресло да ми клепат мамо, чекан да ми рамнат.
Чекан да ми рамнат мамо, камен да ми делкат,
камен да ми корнат мамо, на пазар да ми носат,
на пазар да ми носат мамо, пари да ми земат.
Пари да ми земат мамо, свадба да ми прават,
свадба да ми прават мамо, внуче да ми крстат.
________________________________________________________________
1938 година
Туристичка брошура
„ПРИЛЕП И МАРКОВГРАД“
„…Во селото Бонче се изработуваат воденички камења кои се продаваат во Прилеп на пазарот „Воденички камења“, каде се секогаш изложени и без чувари…“
Коментирај