1917: Жени од Витолиште

Витолиште

Витолиште е спомнато во Поменикот на манастирот Трескавец од XVI-XVII век како Витолища.

Според академикот Иван Дуриданов, етимологијата на името доаѓа од патронимот (Татково име) -ишти, кој произлегува од старословенското име Витол.

Во средината на XVIII век Витолиште било село во Прилепската каза, Мориховска нахија. Во тој период жителите на селото воделе повеќе судски спорови со соседното село Рожден за владението на пасишта. На еден судски спор во 1749 година, интересите на Витолиште ги штителе селаните Рајко, син на Коле, Петко, син на Јован, Бојко, син на Никола, Стефан, син на Горан и други.

Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година, според пребројувањето на машкото население од 1873 година, Битолиште (Bitolischté) е посочено како село со 185 домаќинства и 743 жители христијани и 8 Роми.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Витолища има 1225 жители, од кои 1200 христијани и 25 Роми.

Во почетокот на ХХ век, христијанското население во селото било под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Витолища имало 1320 христијани егзархисти и работело бугарско училиште.

За време на Балканската војна во 1912 година, четворица доброволци од Витолиште се приклучиле кон Македонско-одринското ополчение.

Според статистиката на Георги Трајчев во книгата „Мариово“, издадена 1923 година, Витолиште имало 168 куќи со 1225 жители.

Во 1946 година стапката на наталитет била 41,8%, тогаш забележана како највисока во Македонија, но како и останатите Мариовски села, набрзо и Витолиште го зафаќа процесот на масовно иселување на населението кон поголемите градски центри и во странство.

Останати пописи:
1961 година: 1291 жител
1981 година: 664 жители
1991 година: 376 жители

Според пописот од 2002 година, во селото живеат 170 жители, од кои:
Македонци: 167
Срби: 2
Други: 1

До 2004 година селото било општински центар на општина Витолиште, која денес е присоединета кон општина Прилеп.

Опис на Витолиште од Антон Поп Стоилов во 1894 година:

„Витолиште е главното село на областа Витолишта. Селото има 185 куќи и две цркви: панаѓур прават на Свети Атанасиј.
Од северната и јужната страна од селото има две рекички, кои под селото се собираат во една и го образуваат горното течение на реката Бутурица.

Витолиште е седалиште на мудурот, кој ја управува областа со еден писар и двајца-тројца заптии. Во споредба со куќите на другото мариовско население, во Витолиште се најдобри, направени со камени ѕидови, покриени со плочи или ќерамиди. Поимотните селани имаат одделни соби за седење, а не како во сите други села, една соба служи без преграда и за луѓето и за стоката.

Во Витолиште училиште постои од пред 65 години. Честа за отворањето ја имал некојси монах, од населението викан Љунѓур, кој по кажување на неговиот ученик, свештеникот Димитрија, бил роден во селото Кокре и се воспитувал во Светогорските манастири. Во Витолиште учителствувал 5 години и предавал на црковно-словенски јазик: Наусница, Псалтир и други учебници.

По него за учител во селото останал неговиот ученик свештеникот Димитрија. Тука учеле и други деца од Мариово, кои подоцна станувале свештеници по своите села. Пред отворањето на училиштето во Витолиште, мариовските деца оделе да учат во Чебренскиот манастир, каде што одамна имало бугарско училиште, во кое се предавало на црковно-словенски јазик. Од пред десет години, учител во Витолиште е Бино Антонов.

Нивите и лозјата на Витолчани се на запад, север и југ од селото, тие раѓаат добра ’рж, пченица, јачмен и грозје…“

Нема Коментари

Коментирај