1966: ВИС „Хелп“

ВИС „Хелп“

„ХЕЛП“ БЕСПОМОШНО ПРЕД МУЗИКАТА

1992 година
„Народен глас“

Во 1966 година, во јануари и Мирко Миронски во „Вечер“ напишал:
„Во домот на ЈНА е одржана гитаријада за најдобар ВИС во Прилеп во 1966 година. Победникот „Хелп“ кој за прв пат се појави пред љубителите на БИТ музиката заслужи да биде на врвот пред поискусните состави од градот. Преставен како најмлад состав со 11 годишниот Зоки Увцески ги возбуди посетителите…“
Така пишува Иван и уште додава…
“ВИС Хелп го сочинуваат следниве момчиња: Зоки Увцески-соло, Кире Ангелоски ритам, Жарко Димитриоски-бас, на тапани „тапал“ популарниот Мијо а за вокал бил задолжен Ѓорѓи Ачкоски.
Toj co својата композиција „Помош“ со тематика од виетнамскиот живот доби многу аплаузи од публиката…“.

Тие што во тоа време беа млади се сеќаваат на овој состав. Некој од тоа време ми рече
- А, Џемо. Си го заборавил да го спомниш и Џемо. Да, го заборавив. Се разбира дека повеќето од вас сега можеби и не знаат за Круме Спиркоски-Џемо, вечниот придружник на „Хелп“, човек кој бил задолжен за техниката, за „набавка“ на гитари и магнети, за менаџерски работи. А злите јазици ќе речат и „Да и да среди некое високо место на гитари- јадите што се одржувале низ Прилеп во тоа време, а за кои гласала публиката.“
Се зборува и за Валандово дека „некој нешто таму мател“ со резултатите. Но се разбира се работи за зли јазици и информации што само Господ Бог може да ги потврди. Актерите на тоа време, тоа сигурно нема да го сторат…
Со овој состав повторно се сретнавме на Ревијата на ветерани каде беа запомнети пред се по темпераментиот Ѓоре и атрактивниот настап кој во се беше во духот на тоа време. Единствено можеби Круме недостасуваше. Но, да ги оставиме настрана сега спомените.
Да ги отвориме плановите. Ѓоре смета дека групата и ден денес има иднина. Дека тој нема вечно да остане само продавач во „Газела“. Дека пак ќе одекне „Глорија“, „Помош“, „Мрамор“, „Камен и железо“ и други па и нови звуци. Тоj вели дека сите од групата се се уште (на овој или на оној начин), активни музичари. Можеби подостареле, паднала косата, се пуштило и некое меше преку работа од панталоните. Ама срцето чука сеуште во истиот ритам и ги подрипнува камчињата покрај патот кога тие поминуваат.
Уште течи врела крв низ вените. Јас му верувам. Не знам дали лаже ова ветре, ама врапчињата крај патот цивкаат: „Животот уште тече, ме влече, кон песна, песна да се рече…“

Сашо Ацески – Цик

Нема Коментари

Коментирај