Весела Димова Крстева , мажена Брезовска е родена на 5 март 1925 година во Прилеп.
Детството го поминала без татко, бидејќи татко и заминал во Америка на печалба. Тешкиот живот ја принудил уште како млада девојка да работи во Монополот.
Во 1941 година се приклучила во СКОЈ. Била учесник во создавањето на првите диверзантски групи и во планирањето на Октомвриското востание во Прилеп. Учествувала во создавањето на првиот партизански одред „Гоце Делчев“. По нападите на 11 октомври, бугарската полиција извршила обемна полициска истрага и масовни затворања на комунисти во градот. Иследниот судија го формирал казненото дело бр. 45, со кое бил покренат обвинителен акт, кој ги опфаќал 25-те обвинети за нападите, меѓу кои се наоѓала и Весела Крстеска.
Била уапсена од бугарската полиција и подложена на тепање и измачување. На 25 ноември 1941 година, од битолскиот суд била осудена на 7 години и 6 месеци строг темничен затвор. Во затворот тешко се разболела и како последица од тепањето добила тромбоза на нозете и обилно крварење од белите дробови. Поради влошеното здравје од бугарските власти била помилувана дури во 1943 година.
Во записникот од истражниот затвор во Скопје, воден од истражниот судија потпоручник Вл. Мавродиев, на 26 декември 1941 стои:
„Се викам Весела (Веса) Крстева, на 16 години. Осудена на 6 години строг темничен затвор по законот за заштита на државата – 338.
На поставените прашања одговарам:
- Не се чувствувам виновна… Во есента 1941 година не сум станала член на илегалната група од младинци од град Прилеп, која била вооружена и живеела во пештерите и шумите во Прилепска околијата и која се бори против постоечкиот државен и опшествен поредок за насилно заземање на власта.
Јас не сум го напуштила градот Прилеп, никогаш не сум одела низ Прилепско како членка на четата, тоа не е точно. Кои лица влегувале во четата, како и кој им бил водач, колку луѓе биле, од каде ќе знам, кога не сум била во четата. Исто така, не знам кој им носел храна.“
По војната, благодарение на хуманите луѓе, започнала со поинтезивно лекување, па целосно оздравела. Подоцна стапила во брак со Велимир Брезовски.
Коментирај