2010: Поглед кон Варош...

Варош

Варош се наоѓа во северозападен правец, на периферијата на Прилеп, под Марковите Кули.

Во Tabula Peutingeriana, на патот Стоби – Хераклеја, забележана е станица Ceramiae, за која се претпоставува дека може да биде покасно оформената градска населба, што се наоѓа на местото од денешен Варош.

Ова тврдење се поткрепува со разни фрагменти – сполии и скулптури, кои потекнуваат од времето на Римјаните, најдени на овој терен и во градот Прилеп. Географската положба била погодна за создавање на населба уште од најстаро време. Постојат претпоставки дека средновековната тврдина – Маркови Кули, што се издига над Варош, правена е за потребите на Илирите и Римјаните, за одбранбени цели.

Населбата Варош опстојува низ подоцнежните периоди, а според остатоците на сочуваните цркви и тие што во најново време се индицирани во археолошките ископувања, несомнено докажуваат за интензивниот живот што се развивал во средниот век.

Прв словенски натпис, напишан со кирилични букви, се наоѓа на северниот столб од теренот на црквата „Свети Архангел Михаил“, во кој се спомнува епископот Андреј. Траги на словенска култура се најдени на повеќе места во самата населба и по падините на Марковите Кули. Тоа се потврдува со најновите археолошки истражувања, што систематски се изведуваат на овој терен.

Од времето на Волкашин и Марко, или нешто порано, сочувани се повеќе цркви. Во народното предание се спомнува црквичката на „Свети Лука“, а во повелбата на цар Душан за манастирот Трескавец, се набројуваат и црквите: „Свети Јован Крстител“, „Свети Георгиј“, „Свети Кузман и Дамјан“, „Свети Теодор“ и „Свети Димитриј“. Од овие цркви денес нема никакви остатоци.

Од бројните цркви, што беа изградени во Варош, сочувани се: „Свети Никола“, манастирот „Свети Архангел Михаил“, „Свети Димитриј“, „Свети Атанасиј“, „Свети Петар и Павле“ и „Света Богородица – Пречиста“.

В XIX век Варош било село во Прилепската каза на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година, и во која е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, Варош (Varoch) е посочено како село со 113 домаќинства и 585 жители. Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Варош имало 1380 жители христијани и 12 Роми.

Во почетокот на ХХ век, населението од селото било под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Варош (Varoche) имало 1680 егзархисти и работело „бугарско“ училиште.

При избувнувањето на Балканската војна во 1912 година. 13 Варошани биле доброволци во Македонско-одринското ополчение.

Според податоците од 1961 година, во Варош живееле 2152 жители, во 1994 – 3251 жители, а според пописот од 2002 година, Варош брои 3458 жители, од кои 3436 се декларирале како Македонци.

Во Варош се родени: Александар Пепељугов, Димитар Илиев, Димитар Јанчулев, Ѓорче Петров, Кирил Јанчулев, Иван Смичков, Јордан Николов, Аџи поп Константин, Мице Козар, Орде Чопела…

Во Варош се наоѓа подрачното училиште „Блаже Конески“ во кое се изведува настава од I до IV одделение.

Нема Коментари

Коментирај