80-те години од минатиот век: Рудникот за мермер „Сивец“

Уметничка галерија: Прилепскиот мермер

Уметничка галерија: Прилепскиот мермер

Прилепско богатство – белиот мермер, познат во археологијата како ситно зрнест вулкански гранит, преработен се наоѓа кај цивилизациите на Медитеранот. Светски познатиот германски археолог Хајнрих Шлиман, човекот што ја откопа Троја, во својата книга „Троја“, упатува на тоа дека при археолошкото расветлување на древната град-држава, пронашол многу градби и скапоцени дела од мермер од прилепскиот мермерен базен.

Домашната археологија нема многу податоци за тоа, од кога и каде се употребувал прилепскиот мермер. Нивното научно толкување за експлоатацијата и користењето на прилепскиот мермер е дека датира од старомакедонско време и подоцна во римскиот период. При ископувањата во Стоби, Хераклеја, Скупи, Вардарски Рид, Исарот, Шлегово и во Виничко Брдо, како и во други археолошки македонски наоѓалишта, најдени се фигури и скулптури изработени од блокови од прилепскиот мермер.

Белиот Град, наоѓалиштето на мермер – Сивец, на североисточниот дел на Прилеп, има импресивна и мистична креација. Низ светлите заслепувачки бели ходници под отвореното темно сино небо, движењето на посетителот е по бели комплекси мермерни блокови, високи и шеесет метри. Тоа што може да се доживее во Сивец, крај Прилеп, ретко се доживува некаде во светот. Групи работници, заштитени со шлемови, врз чии сини комбинезони паѓа бел мермерен прав, со челични јажиња-секачи, посебни пили, облагородени со дијаманти, долги и до шест метри, го сечат белиот мермер, со што се добива мермерен блок дебел по најмалку две метри и широк пет метри. Водата што ги гасне дијамантските пили тече во млазеви и предизвикува густа бела пареа што асоцира на вулканска каша. Зачудувачка глетка.

Прилеп, со малку повеќе умеење, може да стане редок туристички град, бидејќи го има белиот мермерен град Сивец. Град во град. Низ тесните или грамадно широки коридори, светли белиот мермер.

Во Прилеп нема шуми. Нема ниту изобилие на реки или бујно и раскошно зеленило. Ама затоа природата воопшто не штедела на камења. Цели планини се направени од драгоцени карпи, кои се единствени по својата вредност и квалитет. Под тенкиот слој на површината на земјата се кријат надалеку познатите прилепски мермер, гранит, оникс, травертин…

Прилепчани со гордост раскажуваат дека од нивниот мермер е направен половина Багдад. Словенците го газат прилепскиот гранит на ареодромот, а неколку стотици, можеби и милиони лондончани секојдневно се воодушевуваат на музеите направени со прилепски украсни камења. Прилепскиот мермер го штити од африканските горештини претседателот на Ангола, а во Виена, Берлин и во Прага веќе со години работат неколку банки изградени од прилепски камења.

Во градот под Марковите Кули постојат триесетина рудници од каде што се вади прилепското „злато“. Некои од нив работат веќе десетина години, а дел пак, сега се разработуваат.

Рудниците за украсниот прилепски камен се на отворено. Не се копаат длабоки тунели под земја за да се извади парче мермер или гранит, како што обично ги замислуваме рудниците. Каменот се сече од површината на земјата. Откај што фаќа ридот, се делка слој по слој, како да се грицка земјата. Се така додека не се стигне до одредена длабочина или не се исцрпи жицата.

Камењарите, како што ги викаат луѓето од овој бизнис, се познаваат меѓу себе. „Имаме камен што во светот го нема“, најчесто почнуваат нивните муабети. За тоа одамна се свесни и нивните колеги од Грција и од Италија, кои последниве години веќе инвестираа свои пари во Прилеп.

Автори на текстот:
Ружица Фотиновска
Коста Поповски

Нема Коментари

Коментирај