ВЕЧНА ПОТРАГА ПО НЕБЕСНИТЕ ВИСОЧИНИ
28 февруари 2013 година
Списание „Денес“
Прилепчанецот Трајко Врцкоски е првиот Македонец што
скокал со падобран
Небесното синило, височините и бесконечните широчини се вечен предизвик за прилепчанецот Трајко Врцкоски (85). Тој е првиот Македонец којшто во далечната 1948 година на 28 април во Нови Сад, како војник на тогашната ЈНА, го извел првиот скок со падобран.
Му се остварил сонот. Но, копнежот да се почувствува слободата во небесната шир и денес живее во него, Иако возраста и здравјето не му дозволуваат и натаму да спортува, сепак тој не поминува ден без да чита некоја книга за падобранството, за тајните на космосот, на галаксијата.
Во сите негови подвизи го поддржувала неговата сопруга Јаглика до последниот ден.
По нејзината смрт пред 2 години, тој задоволен од животот, опкружен со фотографиите, живее со спомените за бурната младост, но и за годините на својот мирен живот и работа и во Македонија и во Германија.
„Бев младо момче, на 20-ина години. Добив покана за војска, бев распореден во
Нови Сад во воздухопловната единица на тогашната ЈНА.
По неполн месец дојде еден старешина и побара доброволци да заминат во Русија, да учат за пилоти. Се пријавив со голема радост, но ме одбија,
немав заврешено ни основно образование, за што и денес ми е жал.
Набргу потоа дојде истиот старешина и побара повторно доброволци
за да скокаат со падобрани. Овој пат имав среќа, по прегледите ми дадоа виза што се вели и со огромна радост го изведов првиот скок”, се сеќава Врцкоски.
Вели свежи му се спомените, како да било вчера, кога со голема возбуда скокнал од авион во групата со други војници, кога речиси сите членови на Политбирото дошле да ги гледаат.
„Џилас, Ранковиќ, Кардељ, Моша Пијаде… Сите од Политбиро дојдоа да ги посматраат падобранците. А, ние горди изведувавме редовни вежби, еден
саат со внимание не следеа, потоа заминаа. Изведовме околу
5000 скокови тој ден”, додава Врцкоски.
Вели имало и многу згоди и незгоди, зашто во годините на активно падобранство извел 170 скокови. Од нив 57 во три години додека спужел воен рок, а останатите подоцна, и како прв ининструктор по падобранство во Македонија.
„Кога се вратив во Македонија, ме викнаа во Скопје и ме прашаа, дали сакам да посетувам училиште за падобранство во Тиват..
Како можев да одбијам, кога падобранството беше мој живот.
Живеев за моментите кога скокав од авион, се чувствував многу реализирано како млад човек. Сите гледаа во мене, ми се восхитуваа.
Еднаш се сеќавам и на денот, беше тоа последната посета на Тито во Прилеп, во далечните 70-ти години на минатиот век. Тито доаѓаше со воз и сите го чекаа на железничка станица, а јас одлучив да скокам со падобран. И луѓето кога ме забележаа почнаа да трчаат кон мене, оти тоа беше атракција за тоа време, не
беше како денес.
Друг пат пак скокав во близина на прилепскиот монопол. Кога пилотот на авионот виде дека сигурно, безбедно ќе слетам на земјата, заврти и замина
кон Битола. А, јас уште додека бев во височините ги забележав можеби 2000 жители на Варош беа, со унечките и иглите за нижење тутун в раце, трчаа на страната каде што слетував. Им викав да одат по браздите, но не гледаа
ништо, не обрнуваа внимание дека го газат тутунот, туку со главите кренати нагоре, ми се восхитуваа и ракоплескаа. А, јас толку бев среќен, се чувствував како „Јуриј Гагарин”, вели Врцкоски и задоволно се
смее, погледнувајќи од време на време во фотографиите од
младешките денови.
Долго време во македонските аероклубови ги учел младите да слетуват правилно, им ги потенцирал прописите како да се отвора падобранот, и како да реагираат
во сите несакани случаи.
Ги поминал сите препреки, ги почитувал сите прописи и немало проблем, летал во воздухот, а потоа паднал на земјата, сигурно, безбедно и бил пресеќен. Како што е ред, му честитале колегите, а тој горд на својот успех, продолжил натаму.
Додека бил во војска имал 57, а во текот на својот живот остварил вкупно
170 скокови.
„Еднаш направив голема шега. Ставив куче во појасот, и му врзав и нему една шамија како падобран, и заедно со мене го отворив и неговиот
падобран, слетавме и кучето и јас. Пријателите, сите кои го следеа тој скок слатко се насмеаја, па се шегуваа дека потоа треба да се наредат во ред и да скокнат со мене од авион.
Коментирај