Тополчани на сателитска снимка

Тополчани

Тополчани е село во Општина Прилеп. До 2004 година постоеше посебна општина со седиште во Тополчани.

Според жителите, селото Тополчани најпрво се нарекувало Плочани, бидејќи луѓето тука изработувале камени плочи, кои ги продавале во Битола. Ова занимање постоело до 1912 година. Од старото име Плочани настанало денешното Тополчани.

Првиот помен за Тополчани потекнува од првата половина на XVII век. Се споменува дека ајдуците нападнале некој чифлик во ова село. Кон крајот на турското ропство во Тополчани постоеле три чифлици, чии сопственици биле Риза-бег, Усеин-ага, а името на третиот сопствник е заборавено. Неговиот чифлик го купил некој христијанин од Прилеп. Овој чифлик се нарекувал Вукароски. По 1912 година, со купување и со аграрната реформа, земјата преминала во рацете на жителите.

Селото Тополчани е рамничарско село, сместено во Пелагонија. Селото е издолжено во правец северозапад-југоисток. Во селото постојат четири маала: Горно, Степаноско, Долно и Илиоско Маало.

Во почетокот на XX век во село Тополчани живееле околу 360 жители. Според пописот од 1948 година, во селото живееле 745 жители и 785 жители во 1953 година. На наредниот попис од 1961 година, селото броело најголем број на жители и тоа 929. Потоа селото го зафатило миграцијата и бројот на жители се намалувал на: 857 (1971), 757 (1981), 565 (1991) и 505 (1994).

Според пописот од 2002 година во селото живееле 449 лица, сите Македонци. Од нив 243 биле мажи, а 206 жени.

Во Тополчани се родени: Ангелина Маркус – историчар и професор по философија; Евгенија Шуплинова – поет, раскажувач и преведувач.

__________________________________________________________

ТОПОЛИТЕ – СИНОНИМ ЗА ТОПОЛЧАНИ

„Македонско сонце“
3 март 2000 година

 

На магистралниот пат Прилеп – Битола, на само 17 километри оддалеченост од Прилеп, градот под Марковите Кули, се наоѓа селото Тополчани. Сместено во центарот на прекрасната Пелагонија, по течението на Црна Река или на крајниот Јужен дел на Прилепското Поле, ова село е со рамничарско – ридски микрорелјеф.

Во составот на општината Тополчани се наоѓаат селата: Тројкрсти, Загорани, Веселчани, Чепигово, Шелеверци, Алинци, Ерековци, Клепач, Канатларци, Марул, Бонче, Подмол и Лопатица. Селото се наоѓа на 600 метри надморска височина.
Во 80-тите години ова село броеше околу 800 жители, но миграционите движења го направија своето, па така со пописот од 1994 година, Тополчани брои 502
житела.

ТОПОЛЧАНСКИ СЕЛИДБИ

Според легендите пред околу 250 години, жителите на селото Тополчани се населиле од старата населба, која што се наоѓала на околу 500 метри оддалеченост од денешната населба, веднаш до патот Прилеп – Битола. Оваа населба, во почетокот, околу 1700-тата година го носела името Старо Село. Во неа живееле само шест семејства: Китевци, најстаро од семејствата, Степановци, Каламуковци, Шишковци, Вукаровци и Шиклевци.

Бидејќи, селото се наоѓало до патот, нападите и ограбувањата од страна на турските банди биле чести, поради тоа жителите од Старо Село ги напуштиле своите огништа и изградиле нови куќи на оддалеченост од еден километар од патот во месноста што ја викале Караограѓе.

Во Старо Село оставиле црква која не се знае кога е изградена. Старите жители кажувале дека ја турнале Турците некаде во 1800 година, а тогаш црквата била стара околу 150 години. При селењето во новата населба Караограѓе селото имало околу 20- тина куќи. Но и овде не останале долго поради поплавите, кои речиси секоја есен и пролет ги разурнувале нивните куќи. Во потрага по подобро место за живеење започнале да се населуваат во близината на денешното Бакарно Гумно. Оваа преселба на селото се случувала некаде околу 1800 година. Во близината на селото од брдото се ваделе рамни плочи со кои ce покривале куќите, па така селото го добило името Плочани. Освен плочите во близината на оваа населба имало и многу дрвја, најмногу тополи, коишто растеле покрај каналот на Црна Река. Токму поради тополите, ова село околу 1850 година го добило името Тополчани.

По двесетина години започнала и изградба на црквата. Познат мајстор од Лазарополе, со помош на жителите на Тополчани, три години години ја градел црквата а Тополчанци не носеле млеко и јајца на пазар, затоа што ги користеле за растворање на бојата потребна за бојосување на внатрешноста на црквата. Во подоцнешниот развој, во селото започнало и доселување на жители од други села. Сé до напуштањето на Турците тоа било поделено на чифлизи од пашите и беговите.

.
ВОЈНАТА И ТОПОЛЧАНИ

Поновата историја на Тополчани е исто така богата како и далечното минато. Во текот на Народно ослободителната војна овде се забележани бројни активности. Уште со првите денови од окупацијата, Тополчанци се определиле за отпорот, којшто бил организиран на чело со Ристо Спасеcки, стариот учител. Во отпорот биле организирани постари и помлади луѓе, а во Богомилскиот поход имало и две жртви, чиишто споменик се наоѓа во селото.

Тополчанци, оние постарите и денес заборуваат за денот кога биле собрани во црквата за да ги стрелаат, но среќа што некои од учениците знаел германски, па селаните се извлекле од куршумот на окупаторот. Во текот на Втората светска војна германските единици биле стационирани во село Лознани, оттаму се пукало со хаубица и притоа била погодена камбанаријата на црквата. Подоцна селото било запалено, причините за тоа се пронаоѓањето на капи со значки, муниција и др., како и разузнавачките канали според кои јасно се гледала определбата на жителите од ова село, против фашизмот.
И најстариот жител од селото роден 1906 дедо Митре Мицкоски ни раскажуваше како по ридот бегале од Германците. Во неговиот подрум под чардакот најдовме шлемови, кои дедо Митре долго време ги чува.

А, ДЕНЕС?

Денес секој може да им позавиди на тополчанци, тие се пријатни и гостопримливи домаќини. Ова рамничарско село ги има сите услови потеребни за живеење. Тоа има пошта, амбуланта, ветеринарна станица, полициска станица, библиотека, дом на културата и Основното училиште “Круме Волнароски”. Христијанскиот празник Спасовден (секогаш денот е четврток, а датата ја менува, оваа година на 8 јуни) е селска слава и тогаш сите оние, кои живеат овде и оние кои се иселиле доаѓаат и со сите адети го одбележуваат овој ден. Звукот на камбаната од камбанаријата на цркавата “Свети Спас”, која се наоѓа средсело секогаш ги собира селаните за арно, за лошо. Ридот, којшто се наоѓа над Тополчани, на своите карпи сé уште ги чува белезите од куршуми, а во една вдлабнатина се и гребаниците од орелот на Крали Марко, според некои кажувања.
Околу шеесеттите години, ова село можеше да се пофали со своите оризови полиња, затоа што овде беше јазот на Црна. Подоцна кога Црна Река беше канализирана, нејзиниот тек се промени.

И памукот е една од културите, која во овој крај повеќе не се одгледува или пак тоа е многу редок случај. Во летните горештини сите Тополчанци се во своите домови нижејќи тутун, тој е една од основните култури со кои се занимаваат овие луѓе. А, во зимските ладни денови луѓето го калапат и го спремаат тутунот за откуп. Август е месец кога селото ги жнее своите посеви, ја доберува последната ракатка од тутунот, се спрема за долгите студени зими. Мирисот на сено, мирисот на добиток, сушници полни со недосушен тутун и грст топлина ве пречекуваат и ве испраќаат секогаш кога доаѓате или заминувате од Тополчани.

Розита Закева

Нема Коментари

Коментирај