Тодор Димитров е прочуен експерт по шумарство, професор на Земјоделско-шумарскиот факултет при Софискиот универзитет, заслужен за развојот на шумарските науки.
Роден е во 1884 година во Прилеп. Основното образование го стекнал во родниот град, а гимназиско образование стекнал во Битолската класична гимназија и во Сливенската гимназија. Во 1907 година завршил шумарско инженерство при Националното училиште за водите и шумите во Нанси и е еден од првите образовани шумарски инженери во Македонија. Од 1908 до 1919 година започнува да работи на различни функции од областа на шумарството во Бугарија: Трјавна, Сливен, Казанлак и Бургас, најчесто од областа на зацврстувањето на ерозивните терени и пошумувањето.
Од 1919 до 1923 година бил лектор во Шумарскиот оддел при Државното средно техничко училиште во Софија, а во 1921/22 година во специјализираниот виш шумарски курс. Од 1 јануари 1924 година, станува прв доцент по посебно шумарство во новоотворениот Шумарски оддел при Земјоделскиот факултет при Софискиот универзитет. Димитров е првиот доцент по шумарство во Бугарија и во текот на неколку години и единствен редовен предавач-наставник во таа научна област. Во 1927 година станува вонреден, а во 1931 година – редовен професор по шумарство. Димитров е првиот професор по шумарство. Од 1925 година, па до смртта, бил професор на катедрата по шумарство, а во 1935/36 година бил декан на Земјоделско-шумарскиот факултет.
Бил член и основач на Заедницата на бугарските шумарски инженери и на Друштвото на шумарските инженери – академици во Бугарија. Тој е еден од основачите на Бугарското ботаничарско друштво и бил негов заменик-претседател. Бил член на Француското и Германското дендролошко друштво и на Швајцарското шумарско друштво.
Димитров ги проучувал некои целулозни видови, се занимавал со фитопатологија, проучување на семињата, култивирање на егзотични видови во Бугарија, шумарска библиографија. Многу од неговите трудови целосно му се посветени на ботаниката, а како основно во таа област е неговата монографија, со која е поставен за доцент, како и подоцнежните проучувања врз моликата.
Автор е на бројни научни трудови, учебници и рецензии.
Тодор Димитров умрел на 5 мај 1938 година во Софија.
Коментирај