Петар Муличкоски

Тоа сум јас

ТОА СУМ ЈАС

ПЕТАР МУЛИЧКОСКИ ПОБЕДИ НА КОНКУРСОТ ЗА АРХИТЕКТОНСКО-УРБАНИСТИЧКО РЕШЕНИЕ НА ЦЕНТАРОТ НА ЉУБЉАНА

Љубљана, април 1957 година, „Нова Македонија“.

Успехот што го постигна прилепчанецот Петар Муличкоски, апсолвент на Архитектонскиот факултет во Љубљана е несекојдневен: победи на еден општојугословенски конкурс за идејно архитектонско-урбанистичко решение на центарот на Љубљана. Во остра конкуренција на свои постари и далеку поискусни колеги тој успеа да биде најдобро оценет од висококвалификуваното жири. Наградениот проект е дело исклучиво на Муличкоски, без секаква соработка отстрана.

На овој конкурс прва и втора награда не се додели, а третата му припадна на Муличкоски. Интересен е натамошниот редослед на наградение: четвртата ја доби Друштвото на архитекти од Марибор, а еден од откупените проекти е на професорот инж. арх. Равникар, чии што предавања Муличкоски ги слуша на Архитектонскиот факултет во Љубљана.

ПРВА ВЕСТ

Муличковски го најдовме во една од студентските мензи во Љубљана. Го замоливме да ни каже неколку зборови за добиената награда.

…Кога еден приајтел ми соопшти дека сум добил награда, отидов во Одборот со намера да проверам дали веста е точна. Таму побарав да ми ги прочитаат инињата на наградените.

- Дали познавате некого? – ме запраша еден од присутните.

- Да, познавам.

- Кого?

- Првиот!

- Кој е тој… дали знаете како се вика:

- Тоа сум јас…

Ме погледаа зачудено, во почетокот ми изгледаше дека не ми веруваат. Не можев да поверувам ни јас… Но потоа, радосни што добитникот на највисоката награда е така млад, сите присутни побрзаа да ми честитаат… И понатаму, се разбира, започнаа да ме распрашуваат: Од каде сум… На која година студирам… Со кого работев на проектот – и за сите други генералии потребни во такви моменти…

Образложение. Проектот за идеално архитектонско урбанистичко решение на љубљанскиот центар од авторот е оригинален, предвидува доста зеленило… Тоа е единствениот проект кој од урбанистичка гледна точка, најмногу одговара за идниот озглед на Љубљана… Тоа е единствен проект што дава добар преглед на локализациите…

Особено доби пофалба локализацијата на Операта и трговскиот центар.

НОН-СТОП КИНО-ТЕАТАР, ПОДЗЕМНИ ГАРАЖИ

Муличкоски својот проект го работел спрема распишаните барања: Потребно е да се изврши урбанистичко-аррхитектонско уредување на идниот изглед на просторот што се наоѓа како што следува: од плоштадот на револуцијата – покрај Љубљаница – до Тромостовјето, Масариковата, Далматинската и Титовата улица… Потребно е да се проектираат повеќе јавни и културни згради: опера, нон-стоп кино-театар, трговски административен и станбени центри.

Затоа во своето решение Муличкоски од сегашните објекти остави само неколку: Поштата, Фрањевската црква (како културно-историски споменик), хотелот „Слон“ и хотелот и киното „Унион“. Најголемото значење од практична гледна точка на овој проект лежи во тоа што објектите се групирани по својата намена, со што и самата реализација – до колку би се дошло до неа – би била многу попрактична.

Во зависност од својата намена, објектите во проектот се распоредени во три групи: – станбениот центар, кој ги опфаќа станбените згради и големиот хотел со подземните гаражи за паркирање на лесни аутомобили; трговскиот центар, во кој е предвидено: опера на 1500 гледачи, кино за ист број на гледачи и во трговскиот дел: кино-театар нон-стоп.

Проектот на Муличкоски е изведен на 7 картони во размер 1:1000 и тоа: план – урбанистичко решение – подземни решенија, гаражи, складишта и простории за паркирање на аутомобили; – карактеристични пресеци; – фасадни и перспективни изгледи.

- Кои од современите решенија во архитектурата ви послужија како пример за изведувањето на Вашиот проект?

…За мојот проект ги ползував творбите на американецот Валтер Гропиус, потоа урбанистичките решенија на бразилијанските архитекти, проектите на современите германски, швајцарски и француски архитекти, како и сите други модерни урбанистичко-архитектонски решенија на познатите градови во Европа и Северна Америка.

ОД ГЕОДЕЗИЈА НА АРХИТЕКТУРА

По завршувањето на прилепската Гимназија, по тогашната расподела на студентите, Муличкоски се определил да студира геодезија на Љубљанската универза, една година подоцна се запишал на Архитектонскиот факултет.

…Овде со љубов работам. Предметите ги сакам. Редовно и навреме ги полагам. И покрај големите обврски спрема Факултетот, пред две години успеав на еден Репулички конкурс за Словенија, кој беше распишан за интернат и стручно-занаетчиска школа. Втората награда на овој конкурс ја прими проектот на Муличкоски.

На нашето прашање – дали добива стипендија, од кого и колку, Муличкоски ни објасни дека до пред извесно време го стипендирал Околискиот одбор на Прилеп.

- Се случуваше за неколку месеци да не добијам стипендија. Инаку редовно доаѓаше со задоцнување од 10 – 15 дена. Тоа беше причината да го раскинам договорот…

- Бидејќи се наоѓате пред крајот на студиите нè интересира што ќе работите за дипломски испит.

… Знаете, пред неполна година во Прилеп предлагав за мојот дипломски испит да изведам урбанистичко-архитектонско решение на градот. Не ми е познато нивното мнение, но еве и до ден-денешен немам добиено никаков одговор на ова мое барање. Затоа се предомислив и сега мислам како дипломска задача да изработам проект за една школа…

Ристо КУЗМАНОВСКИ

Нема Коментари

Коментирај