ОТПОРОТ КОН СРПСКАТА ПРОПАГАНДА ВО ПРИЛЕП И ПРИЛЕПСКО
Српската пропаганда е разгранет систем за ширење на српското национално чувство, култура, јазик, идеја и влијание меѓу населението во Македонија. Нејзиниот пробив започнува по засилувањето на Бугарската пропаганда во Македонија.
Во 1868 година српската држава ги променила средствата за водење на пропагандата и по иницијатива на самата влада во Белград бил формиран т.н Просветен одбор кој требало да се грижи за отворање на српски училишта во „Стара Србија“ и Македонија, и снабдување на овие училишта со кадар и учебници со што започнал процесот на посрбување во Македонија.
Од 1868 до 1878 година овој одбор успеал да отвори 61 училиште во „Стара Србија“ и Македонија. Меѓутоа во текот на Српско-турската војна од 1876 до 1878 година српските училишта во Македонија биле затворени, а останало само она во Тетовско кое било раководено од месен учител.
Во тој период активност пројавил еден комитет формиран од страна на емигранти од „Стара Србија“ и Македонија. Комитетот бил формиран во 1877 и бил под раководство на архимандритот Сава кој барал од Берлинскиот конгрес, Македонија и „Стара Србија“ да и припаднат на српската држава. По налог на архимандритот Сава двајца членови на комитетот објавиле статии, а подоцна брошури и еден календар, во кои наводно се докажувал српскиот карактер на населението во Македонија.
Во периодот од 1881 до 1885 година биле определени српските претензии во Македонија, на југ до Леринско и Струмичко, во овој период биле поставени начелата за пропагандно дејствување, а било донесено решение повторно да се отворат српските училишта.
Затоа српската влада побарала од Високата порта да се препечатат српските учебници за српските училишта во Македонија, што и било одобрено, а од друга страна бидејќи Србија немала своја црква во Македонија , требало да се добие поддршката на Цариградската патријаршија.
Во август 1886 година во Белград било организирано пропагандното друштво св. Сава, кое било задолжено да печати и растура пропагандни книги и брошури, а при него биле отворени и две училишта, едно подготвително кое траело две години, како и вечерно училиште. Првото училиште било наменето за создавање на училиштен кадар за Македонија, а во второто било наменето за описменување на македонските печалбари. Во текот на 1887-1888 година, со поддршка на српската влада, друштвото св. Сава успеало да отвори 37 училишта во „Стара Србија“ и Македонија а во нив работеле 54 учители. Идната учебна година бројот на училиштата се зголемил на 42.
Со цел да се ослабат позициите на бугарската пропаганда во Македонија, во првиот период од своето делување српската пропаганда има отворен македонистички настап, отворено се поддржуваат македонските асоцијации и друштва со цел на тој начин да се ослабне бугарската пропаганда.
Македонизмот на српската пропаганда се гледа во поддршката на разни македонски асоцијации како што е Тајниот македонски комитет или Друштвото Србо-Македонци.
Целта на српската пропаганда не е да се заштити македонскиот национален идентитет туку тоа е правено од дневно политички интереси со што се внесувал дополнителен антагонизам во Македонија.
Кога во учебната 1887/88 година ќе дојде до училиштен бунт во Солунската егзархиска гиманзија Св. Кирил и Методиј и ќе бидат исклучени 38 ученика, меѓу нив ќе делува Петар Карастојановиќ српскиот конзул во Солун и ќе успее да убеди 33 исклучени ученици да заминат во Белград каде требало да го продолжат своето образование. Меѓу овие ученици ќе се најдат идните македонски дејци како што се: Дамјан Груев, Петар Поп Арсов, Крсте Петков Мисирков, Никола Наумов, Христо Поп Коцев и многу други.
Меѓутоа веќе во 1889/90 година тие го напуштаат Белград и заминуваат во Софија.
ТИХОМИР ЃОРЃЕВИЌ
Дел од српската пропангада која имала за цел да го прикаже српскиот карактер на македонскиот народ е и Тихомир Ѓорѓевиќ – Српски етнограф и истражувач. Тихомир Ѓорѓевиќ е автор на делото „Македонија“ кое е испечатено на неколку јазици.
Во „Македонија“, Ѓорѓевиќ го опфаќа периодот од населувањето на словените во Македонија до крајот на Османлиското владеење и судирите на српската акција со револуционерните организации (прикажани како бугарски), дијалектите и етнологијата.
„СПИСОК НА СРБИ УБИЕНИ ОД БУГАРИТЕ
ИЛИ АГЕНТИТЕ НА БУГАРСКИОТ КОМИТЕТ ВО МАКЕДОНИЈА ПОМЕЃУ 1881 И 1909 ГОДИНА“
Овде се прикажани извадоци од негова книга „Македонија“ каде што се хронолошки прикажани убиства на носителите на српската пропаганда во Македонија, односно во Прилепската околија.
Име и презиме |
Професија |
Родно место |
Година и место на убиството |
Начин на убиство |
Спиро Црнчевиќ | Четник | Прилеп | 1881 година Враготурце (Куманово) | Заседа |
Анка П. Димитријевиќ | Ќерка на директорот на српското училиште во Прилеп | Прилеп | 1897 година Прилеп | Нема податоци |
Тодор Поп Антиќ | Книжар | Прилеп | 1898 година Прилеп | Убиен со секира |
Стојан Илијевиќ | Овчар | Рувци | 1900 година Руфци | Убиен од четата војводата Стојев |
Петар Константиновиќ | Главен инспектор на српските училишта | Зрзе | 1901 година | Убиен со револвер |
Внук на свештеникот Никола | Чифчија | Врбјани | Врбјани | Нема податоци |
Стева | Чифчија | Врбјани | 1901 година | Нема податоци |
Асаман | Селанец | Костинци | 1901 година | Нема податоци |
Тома Бредовиќ | Кафанџија | Крушево | 1901 година Прилеп | Нема податоци |
Никола | Свештеник | Врбјани | 1903 година | Убиен од комити |
Нако | Селанец | Костинци | 1903 година | Нема податоци |
Алекса Христиќ | Земјоделец | Врбјани | 1904 година | Нема податоци |
Стојан | Заптија | Крушевица | 1904 година | Нема податоци |
Илија Поп Антиќ | Книжар | Прилеп | 1906 година | Нема податоци |
Ѓорѓе Рујановиќ | Селанец | Околината на Прилеп | 1907 година | Нема податоци |
Коне Стефановиќ | Селанец | Околината на Прилеп | 1907 година | Нема податоци |
Син на Коне Стефановиќ | Селанец | Околината на Прилеп | 1907 година | Нема податоци |
Атанас Шереметко | Селанец | Присат | 1907 година | Нема податоци |
Вељко Николиќ | Селанец | Присат | 1907 година | Нема податоци |
Момир Цветковиќ | Селанец | Кошино | 1907 година | Нема податоци |
Никола Мино | Земјоделец | Ореовец | 1907 година | Нема податоци |
Јован Алексиќ | Свештеник | Тополчани | 1907 година | Нема податоци |
Иван Џамбазовиќ | Кафанџија | Прилеп | 1907 година | Нема податоци |
Тома Пољак | Анџија | Прилеп | 1907 година | Нема податоци |
Никола Перовиќ | Воденичар | Небрегово | Убиен во својата воденица | |
Милан Ѓорѓевиќ и неговиот брат | Селани | Слепче | Нема податоци |
Коментирај