ЛОКАЛИТЕТОТ ТАЛАМБАСИЦА – СЕЛО КРУШЕВИЦА
Локалитетот Таламбасица се наоѓа на околу 5 км југоисточно од селото Крушевица, Мариово и на околу 300 метри, јужно од локалитетот Трештена Стена.
Претставува падина со благ пад од исток во правец на запад и со приближна ориентација север – југ. Во нејзиниот краен, јужен дел се наоѓа Тумул кој е еден од подобро зачуваните од засега познатите 60 – тина тумули на подрачјето на Општина Витолиште, Мариово (сл. 1).
Тој е првпат евидентиран во 2001 година при реализација на проектот “Археолошки рекогносцирања на подрачјето на општина Витолиште, Мариово – Праисториски населби и некрополи“.
Со цел да се добие покомплетна слика за погребувањата под тумули на овој простор и попрецизно временско детерминирање на локалитетот, во 2015 година беа преземени заштитни археолошки ископувања од причини што на повеќе места се гледаа (забележуваа) траги од диво раскопување (сл. 2).
По целосното расчистување на Тумулот се утврди дека тој е поставен косо во однос на теренот, од север во правец на југ, има овална форма и граден е во три фази и на два начина.
Неговите димензии се:
Во правец север – југ 12,60 м (13,40 м), а во правец исток – запад 15,0 м (16,50 м), и најголемата височина која може да се измери е околу 0,70 м (0,86 м) (табла 1).
Северната половина, односно Сегментите I и IV се првобитниот или најстариот дел од тумулот (фаза 1). Таа била исполнета со поситен и појадар аморфен камен само во ширина од околу 2,80 м (3,20 м) кој е поставен директно на здравицата (протохумусот) така што средишниот дел, во форма на полукруг, бил празен и слободен за движење во ширина од околу 7,0 м, мерено во правец запад-исток.
За разлика од северната, јужната половина на тумулот е градена така што најнапред на протохумусот е поставен подебел слој од тврда глина со окераста боја на која е нафрлен покрупен и поситен аморфен камен, како калота, и на крај потенок слој од мека земја.
Оградниот ѕид е важен дел од архитектурата на тумулот кој, ако внимателно се погледа, ќе може да се забележи дека тој е граден во три фази, што значи во подолг временски период. Фазите се поклопуваат со начинот на кој тумулот беше поделен на сегменти.
При тоа, во просторот на Сегментите I и IV, оградниот ѕид е граден во една фаза, Сегментот III би ја означувал втората фаза а додека Сегментот II, последната трета фаза на градење.
Фаза 1 – ова е првата, или најстара фаза кога оградниот ѕид е граден, така што најнапред се поставиле надворешните потенки камени плочи со потесната страна нагоре, една до друга. Потоа ѕидот од внатрешната страна е зајакнат со уште една поголема камена плоча, косо поставена, а просторот меѓу неа и вертикалната камена плоча е исполнет земја и поситен аморфен камен.
Плочите можат да бидат поставени и хоризонтално, една на друга при што асоцираат на седишта за седење (сл. 3).
Фаза 2 – во оваа фаза на градење, оградниот ѕид е граден само од еден ред од поситен аморфен камен, освен во крајниот југоисточен дел каде тој е во два ред.
Во овој дел на тумулот, во склоп на оградниот ѕид се наоѓа и еден камен од кружна рачна мелница, секако во секундарна употреба (сл. 3).
Фаза 3 – во последната трета фаза скоро и да не постои ограден ѕид. Во јужниот дел на Сегментот II, во должина од околу 4,60 м и ширина од околу 1,50 м е зачувана група од грубо нафрлани, поситни и појадри аморфни камења и камени плочи. Ваква група е зачувана и во крајниот североисточен дел на сегментот која, секако, играла улога на ограден ѕид и кој овде не се спојува со делот на оградниот ѕидот од Сегментот I, туку се допрел од надворешната, т.е. од неговата источна страна. Притоа, широчината на ѕидот тука изнесува околу 1,30 м, а заедно на двата ѕида околу 2,10 м.
Во југоисточниот дел на сегментот оградниот ѕид е целосно уништен (сл. 3).
Со истражувањата не е пронајдена никаква гробна конструкција или било каков друг наод кој би укажувал на тоа дека во него се вршело погребување.
Пронајдена е само една конструкција со поголеми димензии, изградена од крупни аморфни и делумно обработени камени блокови наредени во два реда, и ориентирана во правец североисток – југозапад (сл. 4). Во нејзиниот источен дел се наоѓал поголем блок од камен со приближно триаголна форма кој ја надвишувал неа за околу 0,21 м, и кој заради својата височина делумно излегува над површината што значи дека го обележувал постоењето на оваа конструкција. Конструкција од аморфен камен е поставена во северниот дел на тумулот, покрај оградниот ѕид и асоцира на некаков “лажен“ или симболичен гроб (табла 2).
На околу 2,10 м југоисточно од конструкцијата се наоѓа една поголема камена плоча со скоро квадратна форма, поставена на здравицата која секако била во директна врска со неа, а најверојатно и со обредите изведувани на овој простор, поврзани со конструкција од аморфен камен (сл. 4).
На крајот на ова излагање треба да се истакне и тоа дека тумулите во кои не е вршено погребување, во науката се сметаат за кенотафи или почесни ритуални тумули, подигнати во чест на умрените родовски првенци или, пак, се сметаат како култни објекти.
За прецизно хронолошко детерминирање на тумулот на локалитетот Таламбасица недостасуваат хронолошки осетливи наоди. Во насипот на тумулот се пронајдени многу малку движни наоди, и тоа пред сè, фрагменти од керамички садови.
Тие, претежно, се изработени од непрочистена глина со примеси на лискун и ситни камчиња и се со грубо замазнети површини. Овде ќе го спомниме и Мелничкиот камен со кружна форма, рамен долен и конусен горен дел, кружно продупчен во средината.
Според гореизнесеното може да се заклучи дека во случајов се работи за оригинално архитектонско решение. Ова е второ откритие на ваков објект на просторот на Мариово, покрај оној на локалитетот Три Дабици кај село Крушевица и притоа и двата случаи тумули немаат соодветни аналогии на потесното и поширокото подрачје.
Само со археолошко истражување и на останатите тумули на просторот на Мариово, ќе може да се одговори на многуте прашања кои во овој случај останаа отворени.
Фото : Димитрија Димески и Александар Миткоски
Цртежи : Александар Миткоски
Извор: Археолошки информатор бр. 2, Прилеп, 2018 година
Коментирај