„ТАЈНА МАНАСТИРА ТРЕСКАВЦА“
18 јуни 1928 година
„Време“
Во последните броеви на „Време“, г. Станислав Краков објави неколку написи за манастирот Троскавец во Јужна Србија.
Ги следев тие написи со големо задоволство, но кога г. Краков во бројот од 14 јуни, напиша за манастирската библиотека, видов дека тој добил целосно погрешни информации.
Г. Краков пишува:
„Руските калуѓери биле кобни за Трескавец. Тие уште од турско време од манастирот однеле цели товари со стари српски повелби и ракописни книги на пергамент, додека после ослободувањето (1912 г.) ја премачкале цела црква и сите фрески.“
Значи цели товари со повелби и книги!
Жал ми е што г. Краков не го прочитал написот на покојниот Стојан Новаковиќ, „Српските старини по Македонија“ (Во „Споменик“ IX, бр.1591 на Српската Кралска Академија), каде што ја опишува состојбата на Троскавец во 1865 година, за време на неговата посета на архимандритот Антонин.
Стојан Новаковиќ пишува:
„Уште во 1843 година Григоровиќ и архимандритот Антонин зборуваа за хрисовулите кои на манастирот Трескавички му ги дал Стефан Душан.
Архимандритот ги имал кај себе само преписите и белешките дека хрисовулите се однесени во Белград.
Бидејќи е навистина така, и бидејќи оригиналите треба да бидат испечатени во „Гласник“ (Броеви 11, 13 и 41), јас повеќе нема да се задржувам овде.
Кога отворивме разговор за ракописите, игуменот рече дека на некого во Битола му дал „едно големо евангелие“ и дека во сандакот има еден куп искинати и иструлени листови од црковни книги.
Кога архималдритот го донесе сандакот, забележав дека е целиот иструлен, по што можев да очекувам во каква состојба се ракописите кои се чуваа во него.
Кога го отворивме сандакот пред нас се покажа цел куп на изгниена хартија и искинати и истуткани листови со траги од лој од свеќи.
Најпосле од тој куп на хартија архимандритот изваде неколку цели но доста оштетени книги со црн кожен повез.
Сето ова што ни беше пред очи пропаѓаше во црковната библиотека (15 книги) и сето тоа беше пишувано на хартија а не на кожа.
За книгите од Трескавец, Григоровиќ (кој во 1843 година прв дошол таму) во својот патепис не споменува ништо бидејќи тамошните монаси не му ги ни покажале а тој истотака се жали дека бил многу „рѓаво“ пречекан.
Тој во Трескавец го видел надгробниот споменик на Дабижив (енохијарот на цар Урош) и три хрисовули, кои сега се наѓаат во Белград.
Григоровиќ забележал дека хрисовулите долго време лежеле во некој агол на црквата, се додека некој стар калуѓер не ги пренесол во својата ќелија.
Додека стоеле во црквата ги јадела влагата, а во ќелијата работата ја завршиле глувците.“
(Стојан Новаковиќ, стр. 22—23).
Значи, таква била состојбата на ракописното „богаство“ на Трескавец: Само три хрисовули во многу лоша состојба, кои во 1854 година
Јордан Хаџи Константиновиќ ги испратил во Белград, во Народната Библиотека.
За нив г. Стојан Новаковиќ ја напиша убавата расправа „Прилеп во XIV век според трескавичките повелби“ („Глас“ бр.80, 1909 година)
За време на Австро – Унгарската окупација од Народната библиотека се исчезнати сите три повелби, но сепак јас пронајдов една од тие хрисовули.
Сега единствениот примерок се наоѓа во Народната Библиотека под број 51, а останатите две сега најверојатно се наоѓаат некаде во Виена.
Руските калуѓери не се ништо криви за пропаста на овие хрисовули.
Што се однесува за книгите од Трескавец, во 1865 година наведив во каква состојба биле истите.
Во уште полоша состојба беа книгите во 1900 година, кога во Трескавец уште господареа калуѓерите – бугараши.
За ова г. Јован Хаџи Василевиќ пишува:
„Нашиот г. Љуба Стојановиќ ништо нема споменато за старите книги во овој манастир и тврдеше дека ги нема видено истите.
Откако ја видовме манастирската библиотека, заклучивме дека таа и по 35 години е во истата состојба во која ја затекнал архимандритот Антонин.
Во истиот оној стар сандак, кој сега е веќе иструлен, се наоѓаат 11 книги пишувани на хартија (4 минеи, 2 искинати евангелија, еден требник, две поученија, еден апостол и беседа на Јован Златоуст) и многу фрагменти од некогашни стари книги.
Сите овие остатоци се пишувани на хартија.“
(Прилеп и неговата околина, 1902 година, стр. 90).
Г. Јован Хаџи Василевиќ споменува дека некои прилепски свештеници однеле едно евангелие пишувано на хартија, во село Тројкрсти, по повод осветувањето на тамошната црква.
Во Прилеп зборуваат постарите и доверливи граѓани дека многу ракописи однел учителот Илија Лигуш.
Хаџи Јордан (Јордан Хаџи Константинов – Џинот) и самиот споменува дека од манастирската библиотека однел неколку ракописи и манастирски
книги. Во тоа време неколку децении манастирот бил во рацете на бугарашите и во служба на егзархиската пропаганда.
Откако во 1902 година во Трескавец дојдоа Русите, тие не можеа да најдат повеќе од 11 распарчени книги на хартија со што се докажува дека не однеле ништо.
Уверен сум дека г. Краков доживеал иста судбина како и професорот В. И. Григоровиќ и академикот Љуба Стојановиќ.
На игуменот најверојатно му било срам да му го покаже на гостите од Белград оној иструлен сандак, па затоа ја измислил приказната за „Руските арамии“.
Никогаш не сум бил во Трескавец, но во Дечани имам видено дека руските калуѓери ги имаат зачувано во најдобра состојба и фреските и библиотеката.Таму се служев со каталогот од библиотеката во Дечани, составен од руските калуѓери во 1906 година.
Во Трескавец русите не можеле ништо да уништат, од проста причина што библиотеката иструнила пред нивното доаѓање.
Уште два збора за фреските…
Г. Краков се жали дека руските калуѓери во Трескавец ги премачкале фреските со цел да ги насликаат своите „руски светители во козачки шубари и со мечки“. Не знам, дали г. Краков припаѓа на католицизмот, но гарантирам дека во руската иконографија, која добро ја познавам, нема ниту еден светец со козачка шубара!
Најверојатно игуменот повторно го прелажал г. Краков…
Што се однесува за светецот со мечката, најверојатно се работи за Св. Наум кој е многу почитуван во Јужна Србија.
Јован Хаџи Василевиќ забележал дека црквата е живописана по втор пат, па дури и по трет пат, што значи дека била премачкана пред доаѓањето на русите.
Ги изнесов овие податоци бидејќи ми е жал што писатели со несумлив талент како г. Краков можат да бидат „рѓаво“ информирани, со што можат да создадат погрешно мислење за скромните руски калуѓери, кои до неодамна во Дечани и Трескавец, во најтешките денови на турскиот зулум и егзархиските пропаганди, чуваа мртва стража и палеа кандила.
Тие му ги предадоа на браќата срби клучевите од задужбината на Кралот Дечански и Царот Душан.
Во име на овие заборавени и посветени калуѓери, си зедов за право да ги изнесам овие точни и историски податоци.
д-р Александар Василијевич Соловјев
Професор Универзитета
Коментирај