Тачко Локвенец

Тачко Локвенец: „Убава жена – плитка вода“

Колумна „Убава жена – плитка вода“ објавена во весникот „Нова Македонија“ на 11 октомври 1971 година.

Битола – октомври
Пријателството е како држава. И тоа си има свои граници, што ако ги повредиш ете ти војна!
Ајрие? Осумнаесетгодишна циганска убавица, мажена со две деца, за дваесетичетиригодишниот Фејзо преставувала негов „суверенитет”. Секаков обид на било кој од надвор да се буричка во неговиот „суверинитет” за Фејзо значело отворено непријателство.

Чатиљ, врсник и пријател на тужителот, честопати по другарска линија ја посетувал фамилијата на Фејзо. Еднаш, Фејзо не бил дома, задоцнил, а кога се вратил ненајавено, прво зинал, како што рече и самиот тој а потоа кога се прибрал го удрил Чатиља, со други зборови го „почешал” по бра ата, а Чатиљ пак го претепал.
Било што било. Ајрије вечерта му предложила на Фејзо другиот ден да ангажира адвокат и еве ги на суд.

Како бидна работата бре другари, праша судијата, кој претходно не заборави на закараните странки да им предложи, ако може, да се помират?

- Остај другар судија, за резил… Ама да бев крив ајде да трпев, жими очиве таа сакаше – онака срамежливо, покорно, рече прв Чатиљ, црно, високо, небричено момче, очигледно физички поснажно од тужителот Фејзо. Уба е нема што. Ко глумица. Само знајш како ти е уба жена – плитка вода. И длабока да е, ти чим си се втурнал во неа ќе ја испливаш…
- Налет то, туку ти насила си и… Сакаше да продолжи Фејзо, ама остатокот од реченцата му застана во грлото.

Ајрие, застаната во став мирно до нејзиниот сопруг, ја наведна главата и поцрвене.
- Ама јас знајф другар судија, жими господ, ако лажам. Ко ти велам энајф. че ти кажам како.
- Да слушнеме, рече судијата?
- Си седам јас околу Ѓурѓоен во авлијата, под еден орев. Оревот висок, дебел… Сенка голема од Битола до Пелистер. Земаф грамофоното, пуштив песна и свирка, викнав по жената мезе, по чупето ракија и тамам почнав да пијам, еве та го Чатиљ… врц, дрц прво околу Ајрие, после околу мене, Ај, си реков овај беља че ми прај.
- Да не беше пијан, праша судијата?
- Море јок другар судија, жими вера ако те лажам, сигурно, малку строго одговори Фејзо. Ко че сум пијан, јас не мислам. Барам постелата и спијам.
- Ој, запри малку не трчај, брзо реагираше Чатиљ. Ако лажиш, лажи мене, немој судо. Јас право че кажам.
Некој се насмеа, ја наруши тишината во судницата, а судијата побара мир.
- Оти не кажуваш вистината, продолжи Чатиљ. Думаш ко бевме јас, ти Реџеп… Пијавме малку, Реџеп рече: Фејзо, лутиш не лутиш, Ајрие уба женска, нема шо. Во нозите ко рачка од лопата за мешање цименто, да ја пулиш одзади, мерак да му тргаш. Едни црни очи, една црна коса – јаглен чумур…
- Реџеп, ама не го фатив, како што фатив тебе во срамна ситуација, се надоврза Фејзо.
- А, така, а? Реџеп сади бостанот, Чатиљ бери лубениците… Ами думаш, ко ти реков, Фејзо имам насамо со тебе муабет, зошто еднаш Ајрија ми се местеше, ама јас си реков, немој Чатиљ страмотилаци да прајш, лош звонец на врат че си обесиш, ако е та будала и влечи сиџимот, ти биди мирен, маж си, смири живците.

Во тој момент судијата постави прашање, кое изгледа Чатиљ го очекуваше,
- И само толку?
- Море јок, другар судија и друго велев, а тој мене – ко му реков, Фејзо запри жената оти… Како оти, зошто? Не прашaj многу, му реков оти дури да се сетам да ти одговорам, че помини многу време. Сака со мене да… Вака подобро да ти кажам, другар ми си, иста ракија пијаме, суратот не сакам да валкам и далавера да чинам. Ене ако не реков така другар судија, се што имам да немам.

Во судницата пак смеа. Овој пат не можеше да се воздржи и судијата, иако сакаше што поскоро овој необичен случај да го заврши.
Ајрие, погодена од ново настанатата ситуација, престана да молчи.
- Ти ми рече, прозбори таа. Ако си чутеше ништо немаше да биди. Мислев… тука таа застана, но судијата веднаш ја праша.
- Што мислеше?
- Мислев, другар судија, дека, ако… че ме тепа. Јас жена, послаба од него, брзо че ме кутни.
- И…? Нервозно го прифати дијалогот Чатиљ
- И… ти знајш… Маж си, кажи му на судијата, одговори Ајрие, малку збунета, повеќе зацрвенета.

Фејзо со изразот што го имаше на лицето, оддаваше впечаток дека „стенограмски” го следи овој дел от процесот. Не сакаше ништо да пропушти, да прескокне.
- А јас те имав ко брат, рече тој завртен накај Чатиљ. Пари немаш, еве ти Чатиљ, Фејзо има. Те научив изгледа то шо имав јас, а ти немаше да ти давам, па тебе арно ти дојде. Фејзо има жена, Чатилљ нема, Фејзо не дава, ама Чатиљ сам зема… Да му судиш другар судија и ич гаље да немаш. Право да ти кажам, не се разбирам многу од социјализам, ама брате ова неговото ниту во комунизмот го нема.

Судијата ги побара сведоците што ги пишал Фејзо за да докажи дека ем жена му земал, ем чотек му удрил. Меѓутоа, еден од главните сведоци, Алија – не дошол.
Отиде во Германија, му рече некој на судијата.
- Ако де, брат му че го пишам. Ај тој Алија, а брат му Шукрија, исто ти е, една крв се… како стрела откачи Фејзо
Судијата уште еднаш се насмеа последен пат на сва судење, зошто „процесот” го одложи за 20 дена, ако случајно и тогаш некој од сведоците не биде оправдано отсутен.

Тачко Локвенец

Нема Коментари

Коментирај