Црква „Свети Атанасиј“ во Галичани.

Црква „Свети Атанасиј“, село Галичани

Црква „Свети Атанасиј“, село Галичани

Селската црква „Свети Атанасиј“ спаѓа во редот на оние градби на архитектура и сликарство од првата половина на XVII век, на тој последен голем период на изградба и сликање на црквите во Македонија, кои подолго време се останати во стручната литература како непознати

Црквата се наоѓа во непосредна близина на железничката пруга Прилеп – Битола, недалеку од селото, на патот за Кадино Село.
Како и поголемиот број на цркви од ова време, таа е скромна по облик, формат и материјал, од кој е градена. Во основата таа е издолжена еднокорабна градба, со тространа апсида однадвор, а внатре има неправилн облик на полукруг. Ѕидовите се од кршен камен и малтер од вар. Истовремено со црквата, соѕидана е и помала припрата на западната страна. Според сведоштвата на постарите жители, црквата е поправана во 1941 година, за што повеќе пати била загрозувана од пороите, чие корито е скоро покрај самата црква. Во 1999 година превземена е превентивна заштита на живописот, со цел да се избегнат можните оштетувања при конзерваторско-реставраторски работи врз архитектурата.

За историјата на црквата речиси ништо не се знае. Селаните се гордеат со црквата и за нејзината изградба создале неколку легенди. Во една од легендите се вели дека црквата била стара девет години кога се поставувале темелите на манастирот Трескавец. Друга легенда, пак, ни говори дека таа е подигната за време на бугарскиот цар Крум. Интересно е дека над влезната врата во црквата, своевремено со арапски цифри била врежана годината 801. Најверојатно, ова е груб фалсификат на некој посетител или жител на Галичани, исто како што и легендите ни од далеку не ја доловуваат вистината за градбата на црквата.
Од живописот, кој некогаш ги покривал сите внатрешни ѕидни површини, сочувано е сосема малку, и тоа во олтарот. На источниот дел од јужниот ѕид, под покривката од вар, се наоѓаат неоштетени партии од фрески. Воглавно, тие се сочувани на ѕидните површини од централната ниша, од нишата на жртвеникот, десно од апсидата и над неа.

Според описот на Бабиќ, во долната зона на апсидата насликани се пет архиереи, од кои тројцата се северно од отворот на прозорецот, а двајцата јужно. Сите архиереи се свртени во три-четвртини кон центарот, каде бил прикажан детал со Христос како Агнец во сцената „Поклонување на Агнецот“. Тој детал скоро целосно е уништен. Првиот архиереј од север кон југ е свети Никола, вториот е свети Григориј, а третиот свети Василиј. Од двајцата на јужната страна, само на првиот му е сочувана сигнатурата, а тоа е свети Јован Златоуст. Архиереите се облечени во полиставриони, врз кои се ставени омофори. Боите на омофорите варираат, така што едниот архиереј има зелени, а другиот црвени. Со својот заден дел, омофорите преминуваат напред преку десната, односно, преку левата рака, така што покрај трите крста што го сочинува омофорот на градите, се добива и четврт на раката. На полиставрионите се оцртуваат крстови во бело-сини или бело-црвени шаховски полиња. Архиереите пред себе држат развиен свиток.

Во полукалотата на апсидата претставена е „Богородица поширока од небесата“. Пресвета Богородица е насликана до половина, потполно фронтално со раширени раце – Оранта. Од сината облека се гледаат само ракавите, кои во долниот дел се украсени со по две бисерни траки. Главата и облеката ѝ ја покрива темноцрвена риза (мафориј) со фојникии, обликувани како обични реси. Десното рамо ѝ е украсено со златеста седмокрака ѕвезда. На градите е насликан тробоен медалјон (гледајќи од центарот се редат следниве бои: темно-сина, светло-сина и бела), а дополовина Христос Емануил. Христос е поставен фронтално, во гест на благословување. Облечен е во бел хитон и црвен химатион (горна облека).

Над апсидата, до самиот раб, обележан со црвена лента е насликан Христовиот убрус. На источниот ѕид, јужно од апсидата, насликан е светиот ѓакон Роман. Во целиот горен дел, над убрусот, прикажана е сцената на Христовото Вознесение. Централниот дел на композицијата, на местото каде што е прикажан Христос, покриен е со една масивна греда, која не дозволува согледување на целината. Во делот, каде што некогаш постоел свод, композицијата завршува полукружно. Апостолите се распоредени во две групи – лево и десно. Кон левата група насликана е Богородица Оранта. Во долниот дел насликани се елементи од пејсажот, на чисто средновековен начин. Лево од апсидата, во нишката на протезисот, насликана е сцена Imago Рietatis (Ожалостениот Човек).

Споменичната целост на црквата „Свети Атанасиј“ (архитектурата и живописот), по своите вредности стои во просекот на уметничките достигнувања од времето на првата половина на XVII век. И архитектурата, и живописот се дело на домашни мајстори, чијшто број, во нашите краеви, од тоа време не бил мал. Докази за нивната дејност се најдени и во современите историски извори од прилепскиот терен. Бабиќ напоменува дека, во натписот на селската црква во село Рилево од 1627 година, најдени се имиња на ѕидарот, мајсторот Иван од Кичево и сликарот Јон од Костур. Домашната припадност на мајсторите, на кои им припаѓаат живописите во црквата „Свети Атанасиј“, ја потврдуваат и јазичните особености на сигнатурите. Така, на пример, името на свети Григориј е архаизирано и напишано е како свети Глигур. Основната карактеристика на сликарството во оваа црква, лежи во неговото изразито епигонство, кое најдува поткрепа во сликарската создавачка дејност на мајсторите од нашиот целосен среден век. Новите изрази, неопределеноста и барањата на нови правци во сликарското творештво по XIV век, како да остануваат непознати за зографот од оваа црква. Сликарот не ја испуштил можноста, секаде каде што тоа било можно, да се придржува на сликарските примероци од XIV век. Опсесијата на сликарската традиција со тоа веќе е потполна. Во сликањето на бојата на месото, се сретнува потполно еднаква постапка: преку зелената боја во основата се става окер; косите и брадите на постарите се исцртани со многу бели линии.

Од повредниот инвентар, кој се наоѓа во црквата, во 1961 година Бабиќ регистрирал две икони. На едната е насликан свети Јован Крстител и најверојатно таа е дело на некој дебарски мајстор. На долниот раб, во еден ред се наоѓа натписот: „Помјани Господи раба твоего Моисо с свем чадом + 1837“. На другата икона е насликан свети Димитриј на црвен коњ. Авторот на оваа икона спаѓа меѓу подобрите македонски мајстори од XIX век.

Вредно е да се спомнат и неколкуте антички сполии, кои се чуваат во црквата. Во северозападниот агол на црквата, вкопан во подот, се наоѓа помал мермерен блок, со релјефна претстава на гола фигура. Мермерниот блок е издаден над подот.

Во припратата се наоѓа еден јонски капител, кој е оштетен. Во олтарот, светиот Престол лежи на еден мермерен блок, украсен со релјеф на предната страна, со претстава на низа листови. Блокот е вкопан в земја. Над ова, а непосредно под плочата на трпезата, се наоѓа една обратно поставена мермерна стопа. Во ѓаконикот, пак, вкопан во земја се наоѓа дел од еден помал мермерен столб со прстенесто проширување во вториот дел.

Кога во 1961 година била истражувана црквата, најдена е и една мала вотивна икона од мермер со претстава на тракиски коњаник. Оваа икона е пренесена во прилепскиот Музеј, каде што се чува и денес.

Сите спомнати сполии, освен иконата со тракискиот коњаник, според кажувањата на мештаните, биле донесени од ридот, кој се наоѓа во непосредна близина на селото, кое се вика Галичанска Рудина. Иконата, пак, на тракискиот коњаник била пронајдена во селото и донесена во црквата.

Денес црквата „Свети Атанасиј“ е во лоша состојба. Потребно е што побрза интервенција од стручни екипи, за да се заштити овој сакрален и културен споменик во Прилепското архиерејско намесништво.

Нема Коментари

Коментирај