Стеван Иваноски - Абаче

Стеван Иваноски – Абаче

Стеван Иваноски – Абаче е роден во 1925 година во Прилеп.

Носител е на Партизанска споменица од 1941 година. На 14 октомври 1941 година, со два истрели го усмртил Трајко Давидоски-Гулабот, познат прилепски агент и шпион уште од времето на СХС. На 16 октомври Стеван успешно се извлекол од градот и се приклучил кон партизанскиот одред „Гоце Делчев“.

На 19 ноември, заедно со Спасе Темелкоски, како курири на одредот биле испратени во Прилеп, но набрзо во месноста Ореовечки лозја биле откриени од коњичка патрола и гонети кон Шаторов камен, каде што биле опколени без било каква можност за спас. Решавајќи да се самоубијат, активирале бомба од која само Спасе се самоубил, додека Стеван добил контузија, при што паднал жив во рацете на непријателот.

На 10 март 1942 година бил осуден на 15 години строг затвор, заради партизанска дејност. По војната бил ослободен. Работел како кујунџија. За жал, по судар со Информбирото, се определил за спротивната страна, бранејќи ги идеите за самостојна Македонија, па бил осуден на 7 години затвор на Голи Оток.

За убиството на Трајко Гулабот… Извадок од „Прилепска Хроника“

„Во понедеделникот на 13 октомври, Борко Темелкоски му даде воено-државен револвер со 8 куршуми на младинецот Стеван Абакот со задача да изврши атентат на Трајко Гулабот, кој беше шпион на српската власт, а сега и на бугарската. „Гледај до четврток да го ликвидираш“, му рече. И, толку.

Стеван се договори со својот другар Спасе Темелкоски да го следат Трајко и на згодно место да го застрелаат. Утрото на 14 октомври Спасе му рече на Стевана:
„Ене го Трајко, на чешма се мие“.
Стеван отиде со трчана, рипна до коритото, почека една жена да си залее вода. Штом таа одмина, Трајко уште се бришеше со крпата.
Стеван се напи вода, го извади револверот и од близина му истрела на Трајко во главата. Смртно погоден се струполи во коритото, а Стеван се оддалечи по коритото на Ореовечка река кон водениците, каде што се договорија со Спасета да го чека“.

Нема Коментари

Коментирај