НАРОДНИ КАЖУВАЊА
СТЕГАЈ ЗАБИ И МОЛЧИ!
(Раскажува Борис Мавровски, од Прилеп, стар 75 години)
Ја сум син на Ничка ландонџијата. Татко ми Ничо работеше со ландон во турско време. Во ландонот спрегаше три коњи. Во турско време живеевме во Мртоечко сокаче со кирија кај Мантуша тргоецот. Мантуш беше тргоец со кожи и џоној. Се сеќавам кога една вечер татко ми си дојде подоцна. Влезе во собата, го распаша појасот. Во то време ландонџите носеа големи појаси. Едно време тропна портата так, так, так!. Татко ми се сети. Мајка ми рече:
- Чедо на мајка, оди да видиш, кој го вика татка ти!
И ко одам на порта, гледам еден стој пред портата, а другиот на улица. Едниот влезе и на татко ми му рече:
- Ничо, ајде, кинисувај, те вика началството, комитетот!
- Е, ајде де, ко сте навалиле!
А мене ми рече:
- Слушај Борисе, утре сабајле ќе ме чекаш кај колцето!
Колцето се најдуваше на Старо корзо кај шо беше кафаната „Кајмакчалан“. Тука имаше еден долап, се вадеше вода за наводнување на бавчите. Вечерта татко ми веднаш замина во комитетот. Ноќта со ландонот заминал за Битола. Во ландонот бил Гоце Делчев. Гоце Делчев имал големо поверење во татко ми. Во Битола стасал ноќта и веднаш се вратил во Прилеп, бидејќи имал паза рено патници за да и носи со ландонот во Битола. Татко ми го пречекав кај колцето на битолско џаде. Се качив во ландонот на напучлукот и отидовне право на ан кај Димка Шишка. И пушти коњите за да се одмораат. До анот од Димка Шишка имаше едно турско кафе. Татко ми влезе во кафето, нараче едно кафе, зеде да го пиа, еве го еден турски џандар, се викаше Чито. Со Чито влезе и едно големо мажиште. Чито ко да одеше се шантраше лево, десно, беше малку зашлакнат, не мојше убо да оди. На татка ми му вели:
- Ничо, ајде, те вика јузбашијата!
- Еј де – да го испијам кафево и одма идам!
- Ајде, ајде, одма сега, те вика!
Татко ми отиде кај јузбашијата.
- Многу ти години, ефенди!
- Да си жив, синко! Седи синко!, Е, знајш шо те викав?
- Не знам, ефенди!
- Е, ти ноќеска го однесе Делчета во Битола! Синко, не сакаме да ни го кажиш куќата кај шо го растори Делчета, но ќе ни го кажиш кварталот кај шо го растори и од царот имаш петстотини бели меџудии!
- Ефенди, не знам, не го познавам кој е тој Делчев. Јас сум арабаџија чоек, неписмен чоек и Турци и рисјани за парче леб со ландонот и носам во Битола, Велес, кај било!
- Ама слушај, чоек дојде овдека ваш, кажа оти ноќеска Ничо ландонџијата го зеде Делчета и го однесе в Битола!
- Ефенди, не го познавам!
- Ама слушај, биди умен и немај гајле, царот ќе ти дај петстотини бели меџудии, ќе те испратиме со се фамилија во Србија, таму да живејш!
- Амри ефендам, не знам то!
И не го кажа.
Е, еден ден, то беше по неколку месеци, пак дојде Гоце Делчев во Прилеп. И кој ќе го носи во Битола, пак Ничо ландонџијата. Напладне татко ми и спрегна коњите во ландонот и замина во Битола. Во ландонот патуваа Гоце Делчев и Ѓорѓи Пешков. Арно ама, на анот кај Петти леб застанале и се одмарале. Спиро Матрак како дете бил главен во Битола. Му се зажалило за мајка му кинисало пешки од Битола за Прилеп. И Спиро Матрак застанал кај анот на Петти леб за да се одмори. Со татко ми се познавале. Сториле здраво, живо. Спиро се поздравил и со Ѓорѓи Пешков, се познавале како прилепчани. Во тој момент Гоце Делчев зе закривал, се сомневал во Спира Матрак. Тогаш Ѓорѓи Пешков му рекол на Гоцета Делчев:
- Не бој се, и овој е наш работник во Варошко мало!
Татко ми Ничо и вади коњите, го стегнува ландонот и да го нема за Битола. И пак Турците во Прилеп разбрале, но татко ми не ce плашеше.
Еден учител, син на некој си Анастас Чкорев, од Прилеп, се преселил во Битола, Овај му давал пари на татка ми Нича за да и предај на комитетот во Прилеп. Еден ден му дал и некој други работи, писма, револвери. Ничо се сетил оти нешто не е во ред. Ничо му рекол на Панета Пата, ландонџија од Прилеп:
- Слушај Пано, еве ти го ландонов мој, ќе го тераш ти за Прилеп. Во ландонот има само еден патник, Димо Дујакот.
- А бре Ничо, оти само еден патник си ватил?
- Пано, не ватив. Во ландонот има патрони, пиштоли и други чешити. Тешко е тоарен. Пано, ќе ме чекаш кај Рифајт, ќе ја заминиш Света Недела!
- Ами ти Ничо со кого ќе идиш?
- Ќе се качам во брчката кола од Глигура Парталаси, ќе заминам на овчки пазар, ќе излезам кај еврејските гробишта а ти ќе ме чекаш под Света Недела и ќе си ојме заедно за Прилеп!
Арно ама, учителот, син на Анастас Чкорев, веднаш кажал во полицијата во Битола. И тие стануваат, тројца турски џандари чекале кај трошарината пред Света Недела. Пано Пата со ландонот од Нича поминал на Ат-пазар, а Ничо се качил на брчката кола од Глигура Парталаси. Ничо му рекол на Глигура Парталаси:
- Глигур, дај ми го камшикот, јас ќе и терам коњите, а ти ќе седиш до мене!
- Во брчката кола имало седум осум души маџури. Маџурите и ториле биолските коли со зајре и полека, полека иделе од Битола до Прилеп два дена. Ничо гледал и си велел бре го нема Пана Пата со пајтонот. Пано Пата застанал со ландонот на џадето, а турската артилерија била на учење кај Света Недела. И тој чекал дури да замини артилеријата. И едно време турската артилерија заминала, Пано Пата си продолжил со ландонот. Ко гледа, Нича го застисале на трошарината. Пано Пата да го нема со ландонот. Еден стег на коњите и за четири саати стасал од Битола во Прилеп. Отишол право на ан кај Димка Шишка. Во анот му кажал на Коцета Ковила, Тасе Мавро, брат на Нича Мавра оти Ничо го задржаа на трошарината во Битола. То шо било тоарено во ландонот го пренесле од анот на Димка Шишка за Шарена Чешма. Имаше едно пенџере за Шарена Чешма и низ то пенџере cè се пренесе и се скри на сигурно место. Татко ми Нича го забрал еден турски џандар. Турското заптие било од село Црнилишта, Прилепско. На татко му велел:
- Eeee Ничо, виде, јас ко ти велев оти ти си соработник со комитите, преку твоите раце многу работи одат за комитите, ти како велеше: аир ефенди, не, не! Е, сега ќе кажиш cè и од мајката ти млекото шо си го цицал ќе го изблујаш!
- Аир ефендам, не знам! И ти си ми давал писма, ми си давал алишта да ти носам, да ти перат во селото или во Прилеп, јас шо знам, јас сум арабаџија чоек, прост чоек, од оваа работа абер си немам!
- Ќе кажиш, ќе кажиш сè сега. Ке заигра дрвен господ!
Го однесле на Атпазар во Битола. Таму имало еден каракул. Тука го држале едно време. Од каракулот го однесле горе над Битола во едно кафе. Во каракулот бил ни жив ни мртов. То беше во времето ко го беселе на Атпазар војводата Александар Турунџов. Во то време кој ќе се фател, се и беселе, милост немале. Кафето било горе на Калаци. Две турски заптии го терале покрај Драгор. Арно ама, татко ми Ничо Мавро, знаеше шо ќе го најди таму. Покрај Драгор сакал да се фрли во реката, да рипни во Драгор, да не биди во рацете на турските мачители, арно ама, едното заптие му рекло на другото по турски:
- Бре, да не го тераме покрај Драгор оти овај ќе рипни во него, ќе се отепа во реката!
Му рекле:
- Е, сега сè ќе кажиш, она шо си работел за комитлакот!
- Аир ефендам, шо да кажам, ништо не знам!
- Aaa, cè ќе кажиш!
На татка ми Нича Мавра дамарите му чукале како чекани. Го внесле во една соба. Дошол еден гркоман, продаена душа за пари. На татко ми гркоманот му рекол:
- Слушај бе Ничо, јас бев работник како тебе, кажав сè, еве царот ми дава месечно по пет бели меџудии!
- Аир ефендам, шо да кажам, не знам!
- А бре Ничо, јас не сум ефендија, јас сум твој брат. А, де, а де, оти да не кажиш!?
- Аир ефендам, не знам ништо!
Гркоманот се туфкал и фучел како бесен.
- А бре Ничо, не ме влечи за нос!
- Е, шо те влечам за нос, ко не знам ништо! Ај сиктер оттука!
Гркоманот се намуртил, е наведнал глата, молчел и збор не проговорил. Излегол од собата. Во собата влегол едно турско заптие. Заптието било големо и јако. Во раката држел едно големо дрво. Рекол:
- Дај да го врзиме!
На татко ми му и врзале нозете со една ортома со рацете нопаку. Го напупчиле. Тогаш татко ми се уплашил. Си рекол во себеси:
- Сега ќе ми ватат писмата шо и кријам во бечвите!
Агите не знаеле за писмата скриени во бечвите. Со стапот почнале да мават пам, пум; пам, пум. Едно време преку бечвите почнало да тече крв. На турското заптие му се знасило и престанало со тепањето. На другиот му рекол:
- Браќа ни бер, бу кодош!
Го пуштиле татка ми. Полека, полека татко ми си и кренал бечвите. Во собата останал сам. Гледал од пенџерина за да види дали е високо или ниско, сакал да рипни.. Арно ама, било многу високо, се премислил. Си рекол:
- Арно ќе биди ако се отепам, ама ако не се отепам, ќе останам сакат, ќе тргам цел век маки. Е, шо сака нека биди, да видиме шо ќе биди!
Се молел на господа:
- Само господ да ми помогни, да ме дат на мудуро!
По наше речено сакал да го дат на судење. Е, го однесле во затворот. Во затворот биле Ѓорче Петров, Даме Груев, Шаќир и други комити. Сите овие разбрале оти Ничо Мавро е затворен. Си рекле:
- Ако Ничо Мавро е отпетла устата, ако земи да кажува, сите ќе појдиме на бесилка!
Татко ми Ничо ништо не признал, само велел аир ефендам, аир ефендам. Пред да го однесат во затворот го клале во еден долап. Во долапот бил сам, стоел простум. Спремиле кожи од овци за да го ложат, бидејќи бил многу тепан, имал модрини по снагата. Турците го забраа Тасета, брат на Нича. Го забраа во Прилеп, го врзаа, рацете нопаку. Го врзале за еден коњ сувариски и пешки го терале за Битола. Сувари го терале. Тасе бил делен од Нича, бил домазет, башка живеел. Ничо разбрал оти и брат му Tace е затворен во Битола. Ничо се уплашил за да не кажи нешто брат му Тасе. Си велел: отидовне сите. Е, како се ставаат во затворот браќава за да се договораат. Ќе одат по нужда. По Нича одело турско заптие ко да одел по нужда, по Тасета не. Разговарале во нужникот, едниот отаде, другиот одавде. Си велеле:
- Слушај кардаш, ништо да не признаваш!
- Ничо, не бере гајле, ништо не признав. Како си?
- Тace, поарен сум сега, уште три дена ќе бидам во долапот, после ќе ме пуштат кај сите затвореници!
Еден ден баба ми, мајка на Нича и Тасета, и јас одиме во Битола за да се видиме со Тасета и Нича. Е, одиме кај стражарот шо стоеше пред една голема порта. Беше ручек време. Баба ми му вели на стражарот:
- Аман ефенди, да го видам син ми Нича и Тасета!
- Аааа, бабо, нека лежи, нека лежи!
Баба ми носеше едно велешко барде полно со вода.
- Аман ефенди, земи го бардево, дај му го на Нича за да се напија вода!
- Бабо, не можи!
Баба ми го поткрена вустанот, извади од едно крпче еден грош, му го даде бакшиш на стражарот. Гладен чоек ко ќе нема месо, ќе се задоволи и со грав. Стражарот и рече:
- Ајде бабо, ајде, види го!
Ничо стоеше простум и викна:
- Мајко, мајко, еве сум овде! Мајко, не бери гајле, арен сум. Уште неколку дена ќе бидам во долапот затворен! Ама тешко е!
- Синко, нека биди! Стегај забите и молчи! Ќе трпиш!
- Борисе, ела ваму, ела!
Јас бегав, ми беше страв.
По неколку дена го извадиле од долапот. Го клале кај Дамета Груев, Ѓорче Петров… Го прашувале:
- Ничо, како помина?
- Ништо не признав.
- Да ти е алал!
Татко ми го клале во кожи. Модрините му поминале. Го дале на суд, на мудур. Мудурот го осудува на сто и една година в затвор со заточение во Дијар Беќир. Со Нича Мавра во Дијар Беќир заминаа: Глигур Крстески, Никола Белагуша, Мице Богатиноски, Борис Каракаш сите од Прилеп, некој си Јајчаров од Охрид, еден учител од Екшису, Никола. Во Солун и качиле на еден параход озгора. Параходот бил амалски. Грчки параход. Грците на заточениците им турале озгора врела вода. Сакале да и уништат. Заминале по море за Дијар Беќир. Оделе низ пустелии врзани еден за друг со синџири во групи од пет-шест заточеници. Врзани синџир за синџир. Оделе пешки. Биле околу триста и двајсет заточеници, собрани од сета Македонија. Времето било жешко. Агите, терачите и туркале, тепале по патот. Паѓале по патот. Многу души не можеле да се кренаат. Тоа било ужасно. Не било живот, постапката не била чоечка, туку ѕверска. Некој можел да оди. Агите вати го, кутни го, рипај му на гуша, остај го и ај тргај со другите по патот. Во заточениците имало и попој од Дебарско. Еден поп рекол:
- Ај да се помолиме на господа, белки господ ќе ни дај некое лесно патување!
Зеле да се молат на господа. По молитвата кинисале. Се создал еден облак. Облакот одел над заточениците. Еден од терачите рекол:
- Не терајте толку силно, ова нешто јас го немам видено!
Облакот одел по заточениците. Тие оди, тој над ним; тие оди, тој над ним. Едно време и одврзале заточениците. Сега можеле да си одат слободно по мала и голема нужда. После долго мачно патување стасале во затворот Чана Кале. Затворот Чана Кале бил со авлија ограден од сите страни и само во определено време се внесувале новите затвореници во затворот. Тој шо не ќе влезе во затворот во определеното време, ќе прележи пред портата и ќe чека во другиот ден да биде примен. Пред да бидат затворениците примени во затворот, кој ќе и втерале во портата, на затворниците им давале некоја отровна вода за да изумраат. Заточениците се напиле од таа вода, ама никој не умрел! Влегле во затворот. Кога ерменскиот народ разбрал оти има нови заточеници, веднаш собрале алишта за заточениците. Татко ми Ничо лежел во една соба со единајсет души. Сите во собата биле изврзани еден за друг со синџири. Кога некој имал потреба за мала или голема нужда сите единајсет души оделе понадвор врзани еден за друг со синџири. Над нивната соба лежеле некои Курдистани. Овие Курдистани обрале некој магазин. Кога групава од татко ми ќе одела понадвор, врвела пред Курдистаните. Курдистаните мавале со шо ќе најле. Еден од заточениците предложил:
- Море браќа, да собериме вошки во едно кутиче од кибрит. Кутичето со вошките ќе го фрлиме на Курдистаните!
Сите се согласиле со овај предлог. Во едно кутиче собрале вошки. Вошките и фрлиле во собата кај шо лежале Курдистаните. Курдистаните зовреле од вошки. Почнале да кршат врати и пенџерина и најпосле и преместиле во некоја друга соба. И така групата од татко ми се спасила од тие проклети Курдистани. Многу години татко ми лежа во затворот. Еден ден некој му рекол:
- Не берете гајле, сите ќе бидете ослободени!
- Koгa?
- Јас ќе ви кажам.
Заточенициве во затворот си ранеле едно јагне. Чувале и терале каравани со коњи. Е, еден дошол, му кажал:
- Дниве ќе има амнестија. Од царот сте ослободени!
Вистина така станало. И ослободиле заточениците. То заклале јагнето. Арно ама, кој имал пари побрзо си се вратил во родниот крај. Татко ми Ничо кинисал пешки. Дошол во Измир. Станал просјак, питач. Влегол кај некој Ерменец. Ерменецот бил богат. По турски разговарале. Ничо барал милостина за да не умри од глад. Многу деној останал без залак леб. Во животот е така: понекогаш и пет пари ќе ти го спасат животот. На Ерменецот му ce сожалило. Прашал.
- Од кај си ти бре побратиме?
- Од Прилеп. Од Македонија.
- Кај ќе одиш?
Сакам до Солун да одам, ама немам пари. Во Солун идат трговци од Прилеп, многу арно ме познаваат, бидејќи сум и возел со ландонот. Трговците ќе ми дат пари и ќе си заминам за Прилеп.
Ерменецот му дал пари на татка ми Нича Мавра. Му дал и алишта за душа на син му кој во то време умрел. Ничо се облекол, парите в раце, се качил и кинисал за Солун. Во Солун се видел со прилепските трговци. Стасал во Битола и по некој сат време стасал дома во Прилеп. Ничо Мавро ветил на домашните оти нема да оди по комитски работи. Ама, Ничо ти е Ничо. Пак по некое време почнал со ландонот да пренесува луѓе и материјали од Организацијата. Турците пак го денетисаа. Ничо не беше турски подајник, а по турски то значело фира. Во то време секој еден имал грошар, а Ничо немал. Грошар немала ни жена му ни децата негој. Е, одавде, оданде, еден негов шура, комита, родом од Крушево, дошол во Прилеп. На Нича Мавра му рекол:
- Ничо, ајде да бегаме преку граница. Јас е познавам арно границата!
Ничо се согласил:
- Да бегаме, ко си сторил ниет!
Е, купуваат еден коњ за седумдесет грошеј. Ко кинисаа јас и испратив до денешната болница во Прилеп. Тогаш местото кај шо се најдува денешната болница во Прилеп се викаше анот од Мимјака. Сакаа да бегаат за Бугарија. Арно ама, ноќта е погрешиле границата. Наместо да пребегаат во Бугарија, пребегале во Србија. Ничо Мавро стасал еден ден во Белград. Го прашувале:
- О, Ничо, кога си дојден?
- Е, така и така.
- Колку ќе останиш во Белград?
- Малку време. Ке заминам за Америка на гурбет. Таму имам еден братучед. Ќе му пратам писмо, тој ќе ме земи за Америка!
Татко ми Ничо Мавро дури седел во Белград со една кола носел песок по зградите. Еден ден му стасала шифкартата за Америка. Заминал за Америка. Во Америка седи три години. Се врати пак во Прилеп. Арно ама, Турците го познаваа како шарен вол. И тогаш не беше турски подајник. Јосиф Гугуче беше влијателен кај турскиот уќумат. Ничо му дал пет франги. Станал турски подајник. Текар почнува пак да соработува со комитетот во Прилеп. Турската власт пак го збркала. Пак заминал на гурбет во Америка. Во Америка седи уште две и пол години. Се врати во 1907 година во Прилеп. Пак купува еден ландон, и пак почнал да работи како ландонџија.
На татко ми Нича Мавра гајрет не му требаше, навикнат беше на горчина!
Забележал: Стојан Силјаноски
(Објавено во: „Стремеж“, бр. 5, мај 1977 година)
Коментирај