Лаговчани...

Старо Лагово

Старо Лагово се наоѓа 7 километи јужно од Прилеп. Во селото има 3 извора кои налето пресушуваат. Во дворовите на куќите има бунари. Старо Лагово е село од збиен тип. Селото е мало и не се дели на маала. Потезите во околу селото се нарекуваат: Бел Камен, Каменица, Боздо, Чекут, Подово, Гладница, Арапица, Слива, Ѓупски Маала и Дујгас.

Вo XIX век Лагово било село во Прилепската каза на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година и во која е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, Лак (Lak) е посочено како село со 20 домаќинства и 88 жители.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Лагот имало 80 жители, сите христијани.

Во почетокот на ХХ век селото е под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Лагот имало 80 егзархисти.

До 1912 година селото се нарекувало Лагово. Истата година, на 2,5 километри оддалеченост е основана колонистичка населба, населена со Срби од Далмација – Ново Лагово. Оттогаш селото се вика Старо Лагово. Старо Лагово било читлукајбијско село. Жителите биле момоци во читлуците. Поради тоа во селото нема стари родови. За време на Турците, во Старо Лагово ниедна христијанска куќа немала земја. Во 1912 година затекнати се 5 читлуци: Сулејманов, Фајков, Мединче, Тарагоски и Селим-Чосески. Сопствениците живееле во Прилеп. Турчинот Мединче во 1909 година изградил убава триспратна кула, која постои и денес. По 1912 година селаните си откупиле поголем дел од земјата. Само Заревци од Прилеп (со потекло од Зрзе) со аграрната реформа добиле околу 30 хектари земја. Таа земја им е одземена во 1949 година. Старо Лагово немало црква до 2002 година. Постојниот параклис и манастир се посветени на Успение на Пресвета Богородица. Селските гробишта се источно од селото. Селска слава е вториот и третиот ден од Велигден.

Во 1954 година во Старо Лагово имало 14 постојано населени куќи. Четири семејства преку лето живеат таму, а на зима во Прилеп. Бројот на домаќинства низ годините изнесувал:
1921 – 10;
1948 – 18;
1961 – 37;
1971 – 22.
Според пописот од 2002 година, во Старо Лагово живееле 38 жители Македонци.

Во Старо Лагово ги има следните родови:
Карамановци (две куќи – слава Митровден), познати по тоа дека, како момци секаде шетале по селата. Во Старо Лагово дошле од селото Карамани, Битола.
Ташковци (една куќа – слава Митровден). Дошле во 1910 година од Мало Коњари, а претходно живееле во Галичани.
Славевци (една куќа – слава Свети Никола). Дошшле во 1916 година од Прилепец.
Мариовци (четири куќи – слава Свети Никола). Дошле во 1926 година од Вепрчани, Мариово.
Лешковци (четири куќи – слава Свети Никола). Дошле во 1926 година од Сланско, Поречие.
Дурлевци (една куќа – слава Света Петка). Дошле во 1930 година од соседно Волково.

Нема Коментари

Коментирај