Средорек на општинската карта.

Средорек

Средорек е полско село, кое се наоѓа меѓу Зрзеска река на исток и Дебрешка река на запад, во западниот дел на Прилепско Поле. Според таквата местоположба, селото го добило името – Средорек. Селото е рамничарско, на надморска височина од 602 метри. Ова село е од разреден тип и не е поделено на маала. Роднинските куќи се групирани.

Потесите околу селото се: Мало блато, Изгиналица, Копачина, Гускарник, Ќортејца, Берберница, Чука, Камени мост, Долга нива, Поројниче, Лажански пат, Кинатица, Делови, Змијарник, Горна ограда, Лозиште, Рибник, Гробишта и Чука.

Потесот Гробишта, кој денес е под ниви, се наоѓа источно од Средорек. Селаните раскажуваат дека таму имало плочи врз старите гробови. Тие плочи пред 60-тина години биле употребени за изградба на мостот кај местото Рибник. На потегот Чука, во близина на Гробишта, своевремено биле ископувани ѓерамиди. Камениот мост е еден мал мост на местото Блато. Преку него се оди за селото Житоше. Мостот е изграден од камен во вид на свод. На Мало блато, исто така во правец кон Житоше, се наоѓа уште еден таков мост.

Во 1467/68 година во Средорек имало 14 христијански семејства; во 1481/82 – 17 семејства; во 1544/45 – 29 семејства, 4 неженети и 2 вдовици, како и 13 муслимански семејства; во 1568/69 – 7 христијански семејства, 2 неженети и 2 вдовици.

Според Турскиот пописен дефтер за Велешката каза од 1568/69 година, за Средорек е запишано дека е село од зеаметот на Давуд, старешина на кројачите, кое припаѓа на Прилеп. Вкупниот приход од Средорек изнесувал 3290 акчиња и истиот најмногу бил остваруван од пченица, шира, земјарина, испенџе и др.

Во XIX век Средорек било село во Прилепската каза на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година и во која е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, Смрадорек (Smradorek) е посочено како село со 38 домаќинства и 29 жители муслимани и 135 христијани.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Срѣдорѣкъ е населено од 210 жители, сите христијани.

Во почетокот на ХХ век жителите на селото биле под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Срядоряк (Sriadoriak) имало 120 егзархисти.

Не може со точност да се утврди кога е основано денешното село Средорек. Денес во него живее населено македонско население. До 1912 година целата земја била чифлик-сајбиска. Најглавен бил чифлик-сајбијата Топал Оџовски од Прилеп. Помалите чифлици им припаѓале на некој Арбанаш од Јакреново, на некој Торбеш од Лажани (преселен во Прилеп – Кашовци), и на некој Адем ага од Прилеп. По 1912 година чифлигарската земја е купена.

За време на турското ропство во Средорек се населиле овие родови: Качаровци (слават Митровден), дошле од соседното Дабјани, а пред тоа живееле во Кривогаштани; Филиповци (слават Свети Никола) дошле од Кутлешево, а пред тоа „скитале по други села“; Шамаковци (слават Свети Алимпиј Столпник – Свети Георгиј Зимен), дошле пред околу 100 години од Житоше, каде што биле „субаши“.

По ослободувањето од турското ропство, во Средорек се населиле овие родови: Мавцовци, кои биле тројца браќа од Прилеп. По 1912 година купиле 50 хектари земја. Во селото најчесто живееле во лето, а поретко во зима. Зисковци, кои по потекло биле од Крушево, а во Средорек живееле само во лето. Клаповци (слават Митровден), дошле од Новоселани. Гулевци (слават Петковден), кои најпрво од Житоше се преселиле во Сарандиново, а оттука во 1930 година во Средорек. Блажевци (слават Свети Алимпиј Столпник – Свети Георгиј Зимен), кои дошле од Кошино, а таму припаѓале на родот на Стојчевци, кои се староседелци. Цуцуловци (слават Свети Никола), од Житоше дошле во Бело Поле, а во 1928 година се населиле во Средорек. Поречанци, тука дошле во 1935 година од поречкото село Могилец.

Во Средорек живееле и Ајдаровци. Тиа се Арбанаси, доселени од Папрадиште кај Кичево. Се раскажува дека „Ајдар бил ќаја“ на имотот на Рампо Топало. Во 1947 година добил аграрна земја. Сите од оваа фамилија во Средорек живееле само во лето.

Иселени родови од Средорек се: Бардаковци, кои се иселиле во Бело Поле; Мартиновци, кои се иселиле во Заполжани, Амбулевци, кои се иселиле во Новоселани; Таневци, кои се иселиле во Локвени, Шамаковци, кои се иселиле во Прилеп, како и многу други семејства, кои континуирано се иселувале во Прилеп, Скопје и надвор од Македонија.

Во северниот дел на Средорек се наоѓа црквата во чест на „Воведение на Пресвета Богородица – Пречиста“. Таа е изградена пред 130-140 години. За жал, иконите сè уште не се евидентирани како споменици на културата, иако имаат историска вредност. Гробиштата се наоѓаат покрај црквата. Селска слава е Велигден.

Според пописните листи, бројот на населението низ годините е следниов: 1921 = 11 домаќинства; 1948 = 140 (17 домаќинства); 1953 = 156; 1961 = 182 (25 домаќинства); 1971 = 179 (36 домаќинства); 1981 = 141; 1991 = 82; 1994 = 71.

Според пописот од 2002 година, Средорек има 52 жители, сите Македонци.

Нема Коментари

Коментирај